1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Разните погрешни паралели со пост-југословенските конфликти, но и погрешното разбирање на пошироката меѓународна политика по крајот на Студената војна, ја поткопуваат нашата солидарност кон Украина и ја загрозуваат нашата човечност.
Едно од омилените оправдувања на Владимир Путин за неговата долгогодишна агресивна надворешна политика, која кулминираше минатата недела со инвазијата врз Украина, се навраќа уште на крајот на Студената војна. Според Путин, но и голем број политичари и проруски ориентирани аналитичари (во и надвор од Русија) низ годините, прошрувањето на НАТО кон источна Европа е нечесно, бидејќи самото НАТО има ветено дека нема да се проширува.
Митот за „џентлменскиот договор“ на Горбачов и НАТО
Ваквиот мит се темели врз наводниот „џентлменски договор“ помеѓу последниот лидер на Советскиот сојуз, Михаил Горбачов, и тогашниот претседател на САД, Џорџ Буш постариот. Горбачов во безброј прилики има повторено дека министерот за надворешни работи на САД, Џејмс Бејкер, изречно му има ветено дека НАТО нема да се проширува кон екс-социјалистичките држави во источна Европа.
За возврат, Горбачов мирно ги повлекол советските трупи од источна Германија и се воздржал од попречување на уривањето на социјализмот во остатокот од тогашниот источен блок.
Меѓутоа, еден од проблемите со „џентлменскиот договор“ е што тој, доколку воопшто постоел, бил токму тоа – џентлменски. Ниту еден од формалните документи потпишани помеѓу Советскиот сојуз и САД не вклучуваат никаква индикација (уште помалку обврска) во однос на иднината на НАТО. Во очите на неговите симпатизери на Запад, Горбачов отстапил во источна Европа просто бидејќи верувал во правото на самоопределување на државите од источниот блок (без оглед што самиот Горбачов го отфрла тоа толкување), а не за да добие нешто за возврат. Во очите на Путин, пак, Горбачов капитулирал пред Западот бидејќи бил доволно наивен да ѝ верува на „империјалистичка Америка“. Поучен од наводно горкото искуство на Горбачов, Путин решава да се осигура дека тој никогаш нема да испадне наивен.
И тука доаѓаме до уште поголемиот проблем со „џентлменскиот договор”: неговата бесмисленост дури и доколку навистина бил потпишан (а не бил). Цели три децении по крајот на Студената војна, политичарите како Путин и натаму веруваат дека двајца стари мажи имаат право да седнат на маса и да ја одредат судбината на целиот свет.
Путин е длабоко уверен дека Буш постариот и неговите министри „наддавале“ со безбедноста на половина Европа, бидејќи за Путин државите кои не се воени велесили не се вистински држави со свои интереси и грижи, туку обични фигури на шаховската табла помеѓу САД и Русија.
Кога години подоцна, држави како Унгарија, Полска и балтичките држави, а уште подоцна и држави како Македонија и Црна Гора, стануваат дел од НАТО, тој не гледа на овие настани како доброволни одлуки на суверени држави, туку како низа чекори кон победа на САД во геополитичката партија шах, што пак по автоматизам би значело пораз на Русија. Секако, Путин никогаш нема објаснето зошто смета дека некоја земја-членка на НАТО во источна Европа би се осмелила да ја загрози безбедноста на нуклеарна сила како Русија, кога со тоа само би ја ослабнала сопствената безбедност.
Притоа, Путин тенденциозно го изоставува фактот дека oсновачкиот документ на НАТО обврзува заедничко делување (анг. collective action) единствено во случај на напад врз земја-членка (согласно фамозниот член 5), а не и во случај на напад од страна на земја-членка. Впрочем, голем дел од операциите на НАТО низ годините, вклучително и контроверзната (според овој автор, морално неоправдана) инвазија врз Ирак во 2003, беа спроведени од страна на т.н. „доброволни коалиции“ (анг. coalitions of the willing) во кои земаа учество ограничен број земји-членки.
Дополнително, НАТО е прилично разногласен сојуз со значителни разидувања помеѓу земјите-членки, не само во поширокото креирање политики, туку дури и во доменот на одбраната. На пример, Турција, која е дел од сојузот уште од 1952, во изминатите години набави низа ракетни системи токму од Русија, и покрај негодувањата на повеќето други земји-членки.
Последниот пример најдобро ја отсликува бесмисленоста на концептот на „сфери на влијание“, бидејќи да се биде дел од „американската“ е очигледно многу различно одошто да се биде дел од „руската“. Koга Турција покажа „непослушност“ преку гореспоменатиот потег, САД одговори со (ограничени) економски санкции врз турската воена индустрија; кога Украина најави дека ќе потпише Договор за асоцијација со ЕУ, Русија едноставно го отсече Крим од мапата на Украина и го отпочна осумгодишниот синџир на крвави настани кои доведоа до актуелната агресија.
Наместо дефиниција за оправдано војување, „м.м.е. кој прв почна“
Сепак, важно е да се истакне дека Путин не е единствен кој ја доживува надворешната политика како игра на заемно исклучиви исходи (анг. zero-sum game) помеѓу воените велесили. Голем број влијателни теоретичари на меѓународните односи од реалистичката научна школа (анг. realist school of thought) се согласуваат дека, без оглед што денес живееме во помалку турбулентни времиња од Студената војна (или сепак не?), помоќните држави секогаш ќе си пркосат едни на други.
Кога Русија го анектираше Крим во 2014, професорот Џон Миршајмер од престижниот Универзитет на Чикаго констатираше дека „вината за [настаните во] Украина лежи кај Западот“. Според оваа теза, проширувањето на НАТО во источна Европа ѝ оневозможило на Русија да задржи сфера на влијание во своето соседство, иако таа има „природно“ право на таква сфера како држава со моќна армија и нуклеарен арсенал, што пак ја испровоцирало Русија да се однесува поагресивно отколку што тоа инаку би било случај.
Кај нас, ваквиот начин на размислување, иако во многу помалку аргументиран облик, го застапува пратеникот на партијата Левица, Димитар Апасиев, што го става во друштво на крајнодесничарските струи во Германија и Франција, кои на сличен начин ја релативизират руската агресија. Поистоветувајќи го однесувањето на Русија кон Украина со она на НАТО кон источна Европа, конкретно поранешна Југославија, Апасиев очигледно смета дека не постојат нормативни стандарди на праведно однесување, туку дека тие се (ре)дефинираат секој пат кога некоја воена велесила ќе постави нов преседан за (не)праведно однесување. Со други зборови, не е важно како треба, туку кој почнал прв.
Извор: Фејсбук
Па така, кога НАТО интервенираше против режимот на Слободан Милошевиќ во 1999 (според Апасиев, неправедно; a според Миршајмер, непрагматично), НАТО всушност ги променило „правилата на игра“. Според оваа логика, таквата промена ѝ врачила бланко-дозвола на Русија за какво било експанзионистичко однесување во кој било момент во иднината и кон која било држава од нејзината „сфера на влијание“, чии граници, секако, има право да ги дефинира исклучиво самата Русија.
Вреди да се потсетиме дека слично размислувале и западноевропските држави во годините пред Втората светска војна, испорачувајќи му ред отстапки на Адолф Хитлер за да му го задоволат правото на сопствена „сфера на влијание“. Проблемот е што не очекувале дека Хитлер ќе посака во таквата сфера да го вброи целиот свет.
Путин не е Хитлер (да се надеваме), но бланко-дозволата кон сите држави кои себеси се доживуваат како велесили сами да ги дефинираат границите на сопствените сфери на влијание е подеднакво бесмислена и опасна сега колку што била и пред речиси еден век.
Косово и Украина не се исти
Секако, главната причина за привлечноста на рускиот наратив во (дел од) нашата јавност не се ниту Путин ниту Горбачов, а камо ли Миршајмер, туку честите паралели помеѓу Украина и Косово. Она што е заедничко за воената операција на руската армија во Украина и онаа на НАТО во Србија во 1999 е дека ниту една од нив нема(ше) мандат од Обединетите нации, што ја поткопува нивната правна оправданост.
И тука сличностите завршуваат, а сепак паралелите во (дел од) јавноста продолжуваат. Репресијата врз етничките Албанци на Косово од страна на режимот на Милошевиќ се поистоветува со однесувањето на демократски избраната влада на Украина (со сите нејзини недостатоци) кон тамошните етнички Руси. Случаи на насилство врз етнички Руси во Украина, најчесто игнорирани во светските медиуми, а масовно преувеличувани (и честопати фабрикувани) во руската јавност, постојат.
Меѓутоа, нивното припишување на украинската влада (наместо на паравоени националистички групи), која уште пред минатата недела (односно веќе осум години) е жртва на директна руска окупација (Крим), како и на воени дејствија од страна на руски сепаратисти поддржани од Путин во источниот дел од земјата, е длабоко проблематично. Израмнувањето на статусот на етничките Руси во Украина со немањето основни човекови права на етничките Албанци во милошевиќевска Србија е најчесто производ на неинформираност, но тоа не го прави ништо помалку нечовечно.
Впрочем, аргументацијата на Русија за загрозените права на етничките Руси е посилна (иако далеку од потребниот степен за „казуз бели“ (лат. casus belli), или повод за војна, во балтичките држави, против кои Европскиот суд за човекови права има изречено бројни (и скапи) пресуди низ годините. Сепак, Русија се нема осмелено дури ни да флертува со идејата за воена интервенција во овие држави, кои уште од 2004 се полноправни членки на НАТО. Дури и агресорите како Путин војуваат онаму каде што можат, а не онаму каде што (сметаат дека) треба. Ова е добар потсетник дека членството во воени сојузи со други помоќни држави (за жал) останува императив за секоја мала држава во светот, вклучително и нашата.
За агресијата во Украина виновен е само агресорот
Се разбира, за да се негува солидарност кон страдањата на граѓаните на Украина, кои се чини дека допрва ќе се продлабочуваат, не е неопходно никакво познавање на меѓународната политика. А сепак, очигледно е дека лажните паралели помеѓу Косово и Украина, како и основното неразбирање на темелите и историјата на НАТО, зачинети со митот за некаква усна спогодба од пред повеќе од триесет години, и тоа како можат да ја поткопаат нашата способност за сочувство.
Дури и да не држи вода ниту еден од аргументите понудени во овој текст, останува фактот дека Украина во моментов е жртва на воена агресија од страна на нуклеарна велесила, која очигледно не е обесхрабрена од економските штети кои знаеше дека ќе ги претрпи како одговор на ваквиот чин.
Остатокот од светот мора да го стави настрана својот личен интерес за стабилен однос со еден значаен глобален актер каков што е Русија и да направи сѐ што може за да ѝ ги помати сметките во оваа војна. А за тоа да се случи, треба прво сите до последен да повториме: за агресијата во Украина виновен е само агресорот.
Извор: Res Publica
Слики: Ентони Фреда