Целта е агресорот да ја скрши украинската нација и да ја интегрира во Русија

05.03.2022 16:26
Целта е агресорот да ја скрши украинската нација и да ја интегрира во Русија

 

„Го потпишав прогласот по повод инвазијата на Украина зашто повеќе од 20 години се залагам за деполитизирање на историјата и повеста и оддалечување на политиката од мешањето во историјата“ – изјави Иво Голдштајн, професор по историја на Филозофскиот факултет во Загреб.

Во Прогласот по повод инвазијата на Украина, потпишан од 62 историчар(к)и од Босна и Херцеговина, Црна Гора, С. Македонија, Хрватска, Словенија и Србија, со наслов Декларација #Да ја одбраниме историјата, меѓу другото се вели: „Го осудуваме фалсификувањето на историјата, нејзината злоупотреба и употребата на селективни историски аргументи за да се оправдаат воената политика и агресијата против суверената и меѓународно призната држава Украина“.

Голдштајн вели дека во овој контекст е важно да се истакне концептуалната разлика, односно дека историјата е истражување на минатите времиња а дека „повеста е тоа минато време“.

-Имено, два дена пред нападот на Украина, рускиот претседател Владимир Путин се обрати на јавноста и констатираше дека земјата всушност никогаш не била „вистинска држава“, дека тоа е комунистичка измислица и дека Украинците не се независна нација туку се всушност Руси. Ваквиот вид размислување во кое се делегитимираат противникот и идниот непријател многу често им претходи на ужасите, да се потсетиме на војните во поранешна Југославија пред 30 години, па така беше и овојпат. Во овој случај се работи за употреба на повеста како значаен формативен дел на националниот идентитет и демонизирање на непријателот - вели Иво Голдштајн.

Според него, агресијата што се случува денес „пред наши очи има политичка, воена, геостратешка, но и идентитетска димензија, што значи дека целта на агресорот е да ја скрши украинската држава и нација и на некој начин да ги интегрира во Русија.

- Ваквите цели станаа уште појасни кога некој ден подоцна по грешка беше објавен текст од руската пропагандна кујна во кој се навестува дека по победничката војна Украина ќе биде „реорганизирана, обновена и вратена во својата природна состојба како дел од рускиот свет." А создавањето „руски свет“ е стратегија што Русија изминативе години доследно ја спроведува во Грузија, Молдавија и украинскиот Крим со заземање територии, а преку сеопфатна контрола ја зајакнува моќта и во другите соседни земји – заклучува Иво Голдштајн.

Во Декларацијата #Да ја одбраниме историјата се напоменува дека историјата е слободна и автономна научна дисциплина која служи за истражување и разбирање на процесите од минатото.

- Историјата не смее да служи за легитимирање на нечии партикуларни национални аспирации и територијални претензии. Застануваме во одбрана на нашата дисциплина! Бараме од сите политичари, како во нашите земји, така и од релевантните политичари на меѓународната сцена, да водат одговорна политика на сеќавање и предавање историја, да престанат да го злоупотребуваат минатото и да не се потпираат на историчари, интелектуалци и интересни групи кои ги поттикнуваат националистичките страсти и шират говор на омраза за остварување на сопствените интереси – пишува во овој Проглас.

Се напоменува дека се подига глас во одбрана на професијата и ненарушеното право на живот и афирмација на сите индивидуални и колективни идентитети, а во овој момент особено на украинскиот идентитет и слободата на граѓан(к)ите на Украина.

Извор: Danas

ОкоБоли главаВицФото