Дали е навистина така? - предавање на Ана Мишковска Кајевска

31.10.2019 02:53
Дали е навистина така? -  предавање на Ана Мишковска Кајевска- предавање на

Центарот за истражување на национализмот и културата (ЦИНИК) организира предавање на д-р Ана Мишковска Кајевска од Амстердамскиот универзитет насловено „Дали е навистина така? Научни преиспитувања на воспоставените наративи“. Предавањето ќе се одржи на 31 октомври (четврток) со почеток во 19 часот во Јавна Соба. Настанот е поддржан од фондацијата Heinrich-Böll-Stiftung Сараево. 

„Идеите, концептите и сознанијата, со кои секојдневно се среќаваме, не треба да се земаат здраво за готово. Со други зборови, ако некои наративи се воспоставени, тоа не мора да значи дека тие се потполно или дури само делумно точни. Втемелено на примери од моите сопствени истражувања и оние на други научнички/ци, ќе повикам на препрочитување на „веќе отпечатените книги“, со цел барање на евентуално присутните невистини и предрасуди, како и на темите и субјектите што недостасуваат. Критичкото преиспитување за кое се залагам не вклучува користење на псевдонаучни аргументи, неточни информации и ad hominem напади, туку солидна научна анализа и издржана методологија, која подразбира самопромислување на сопственото место и улога во процесот на истражување и создавање на знаење“,вели Мишковска Кајевска во најавата за предавањето. 

Д-р Ана Мишковска Кајевска е истражувачка и активистка, придружна членка на Одделот за политикологија при Амстердамскиот универзитет. Таму се стекна и со докторат од општествени науки и магистратура (cum laude) од социологија и родови студии. Во 2015 г. нејзината докторска дисертација ја доби наградата за најдобра дисертација од областа на родот и политиката што ја доделува Европскиот конзорциум за политички истражувања. Американскиот издавач Раутлеџ го објави тоа истражување во форма на книга, насловена „Феминистички активизам во војна: белградските и загрепските феминистки во 1990-те“. Книгата беше номинирана во 2018 г. за Џозеф Ротшилдовата награда од областа на национализмот и етничките студии. Покрај национализмот, военото насилство и феминизмот, Мишковска Кајевска ја интересираат и епистемологијата, женските репродуктивни права и слободи, како и ЛГБТ прашањата.