Греење без јаглен, нафта и гас - можно ли е тоа?

28.01.2020 13:41
Греење без јаглен, нафта и гас - можно ли е тоа?

Извор: Дојче веле

Греење со јаглен, нафта или гас е причина за речиси една четвртина од глобалната емисија на стакленички гасови. Тоа мора да се промени, вели Волфганг Фајст, основач на Институтот Пасив Хаус во Дармштат. „Зградите може да се снабдуваат и на климатски неутрален начин со обновливи енергии."

Особено е корисно зградите да се направат така ефикасни што нема да се губи енергија. „Во споредба со конвенционалните згради, кај новоградбите може да се заштеди од 80% до 90% енергија, додека со енергетска санација кај старите згради може да се заштеди од 75% до 80% енергија“, вели Фајст за ДВ. Останатата побарувачка може да се покрие со микс од обновливи енергии. Ова може да варира во зависност од регионот вели професорот по градежна физика и пионер во ефикасни градби. „Како важни извори ги гледам централното греење на база на обновливи енергии и искористување на природно греење од животната средина и топлинските пумпи."

Употребата на дрва или пелети исто така е една можност со која може да се задоволи потребата за затоплување на некои згради. За целосно покривање на потребата за затоплување на градовите и индустриите ова сепак „не е разумна опција“, нагласува Фајст. Бидејќи, тоа не е одржливо - побарувачката за биомаса би била преголема.

Франкфурт сака до 2050 година да стане климатски неутрален - експертот за енергија Паул Феј ја објаснува стратегијата

Франкфурт сака да стане климатски неутрален

За да стане климатски неутрален до 2050 година градот Франкфурт користи различни технологии, објаснува Паул Феј од градскиот сектор за енергетика. Тој го координира реновирањето за кое заедно со експерти изготвија еден мастер план. Тој вклучува и таканаречени енергетски ефикасни „пасивни куќи“, како и енергетска санација на старите згради во градот. Еден дел од потребната топлинска енергија Франкфурт сака да ја покрие со соларна енергија, а друг дел преку проширување на централно греење во некои населби. На овој начин треба да се смени изворот на топлинска енергија од досегашното согорување отпад и дрва и да се спречи губење на топлинска енергија. Освен тоа, со оптимизација може да се искористи и топлината од животна средина од земјата за топлински пумпи.

Како функционира топлинската пумпа?

Во принцип една топлинска пумпа работи како фрижидер. Во затворен повеќестепен систем, топлината се создава во компресорот, а ладењето во испарувачот. Притоа течност за ладење ја отстранува топлината од околината со цел да се загреат зградите или водата. Топлинската пумпа ја црпи енергијата од земјата, подземните води или воздухот. На топлинската пумпа ѝ е потребна електрична енергија за да функционира, а перформансите главно зависат од изворот на топлинска енергија.

„Испитавме 60 системи со топлински пумпи во стари згради во Германија“, вели научникот Марек Миара од Фрауенхофер институтот за соларни енергетски системи ИСЕ во Фрајбург. Резултатот гласи: „Топлинските пумпи кои го користат воздухот како извор на топлинска енергија во постарите згради од еден киловат струја во просек произведуваат околу три киловати топлина. Топлинските пумпи кои користат подземни води или земја како извор на топлнска енергија создаваат во просек 3,9 пати повеќе топлина," вели Миара за ДВ. Системите во новите згради се далеку поефикасни.

Населба со „пасивни згради“ во Франкфурт - тука се грее цела година со помош на сончева енергија и топлински пумпи

Клучна технологија со силен раст

Топлинските пумпи се централна компонента во плановите за климатско неутрално снабдување со енергија и топлина. На глобално ниво, старите грејни системи сѐ повеќе се заменуваат со топлинските пумпи. „Сведоци сме на еден глобален позитивен тренд. Ова е златниот период за топлинските пумпи кој ќе стане масовен пазар“, вели Томас Новак од лоби организацијата Европска асоцијација на топлински пумпи (ЕХПА). Според извештајот на оваа организација, во светот во 2018 се продадени 18 милиони топлински пумпи, од кои 1,3 милиони во Европа. На светско ниво продажбата годишно се зголемува за десет проценти.

Помалку јаглерод диоксид со топлински пумпи

Во Европа топлински пумпи се застапени и омилени пред сѐ во скандинавските земји. Струјата во тие земји уште сега потекнува од обновливи извори, како вода и ветер, кои не се штетни за климата. Според пресметките на Фрауенхофер ИСЕ греењето во Шведска со топлински пумпи предизвикува околу 90% помалку емисии на јаглероден диоксид отколку греењето на гас.

Во ЕУ и многу други земји во светот струја се добива главно од јаглен и гас. Но, според пресметките на Фрауенхофер ИСЕ и таму топлинските пумпи во билансот се попријателски за климата отколку парно греење со гас. Во просек во ЕУ заштедата на јаглерод диоксид е околу 60% и во Германија околу 30%. Ако струјата со поголемо користење на водата и ветерот како извори станува сѐ попријателска за климата, расте и ефектот на заштеда на јаглерод диоксид кај парното греење со топлински пумпи. Ако струјата е добиена 100 проценти од обновливи извори на енергија, греењето со топлински пумпи станува климатски неутрално.

Експерти за енергетика и за градежништво се согласни дека префрлањето на климатски неутрално греење на објекти и во индустријата е можно насекаде во светот. Но, сметаат дека има голема потреба за едуцирање на луѓето.

„Кај работниците, архитектите и надзорот често недостига знаењето како сето може да биде оптимално уиграно и како да се заштедат толку енергија и пари”, вели Андреас Нордхоф во разговор за ДВ. Нордхоф е советник за пасивна техника за домаќинства и обучува архитекти и работници. Но, важна за климатски позитивното греење е и политиката. „Сега ни е потребна забрана за ново греење на нафта. Тоа се посебно штетни за климата и затоа вградувањето на такви системи мора отсега натаму да биде забрането”, вели Николас Бесер, проектен менаџер во делот за енергетика и заштита на климата на органузацијата Германска помош за животната средина.

„Греење на гас во споредба со она на нафта е нешто попријателско спрема климата, но исто така е штетно. Затоа ни е потребна и забрана за вградување такви системи од 2025 година”, вели тој. За да се постигнат климатските цели, организацијата бара итна програма за заштита на објекти. Со финансиска помош треба да се санираат објектите, да се развијат централните системи за греење и да се забрза напуштањето на парното греење со нафта или гас.

 

ОкоБоли главаВицФото