Зелени економии за одржлива енергетска иднина: ќе го исфрлиме ли јагленот од употреба?

23.05.2020 13:16
Зелени економии за одржлива енергетска иднина: ќе го исфрлиме ли јагленот од употреба?

Транзицијата кон чисти извори на енергија е неопходна, не само за да се остварат енергетските и климатските цели, туку и да се заштити здравјето на луѓето. Преминот кон зелена економија не ја заобиколува ниту Северна Македонија, иако eнергетскиот систем во земјава е речиси целосно зависен од јаглен, што е една од главните причини што имаме најзагаден воздух на глобално ниво.

Токму затоа, најновата Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, во две од трите сценарија (референтно, за умерена транзиција и зелено сценарио), предвидува напуштање на јагленот како енергенс и инвестиции во енергетски постројки на сонце и на ветер.


Фактот дека во Стратегијата се поставени рокови за затворање на термоелектраната на јаглен „Осломеј“, за трансформирање на работата на РЕК „Битола“ до 2025 г., како и јасни цели за зголемување на уделот на енергијата од обновливи извори, за невладиниот сектор е еден од најважните делови во документот.

Започнувањето на административните процедури за изградба на 120 мегаватни соларни термоелектрани на местото на ТЕЦ „Осломеј“ е одличен почеток на енергетската транзиција, оценуваат граѓанските организации. Сепак, предупредуваат дека властите мора да ги почитуваат поставените рокови, а Владата да започне со планирање на процесот на праведна транзиција на регионите на термоелектраните и рудниците на лигнит. Ова значи планирање на алтернативен економски развој за тие региони, за да се избегне социјална криза ако поголем број лица останат без работа, но и да се обезбеди понатамошен економски развој кој ќе значи сигурност за идните генерации.

Според Елена Николовска од „Еко Свест“, Стратегијата има и визија за напуштање на јагленот како главен енергенс во две од трите сценарија, што покажува високо ниво на амбиција за намалување на емисиите на стакленички гасови на земјата. Меѓутоа има и планови за зголемување на енергијата од сонцето и тоа со изградба на соларни централи на местото на поранешниот рудник во Осломеј.

„Секако дека за нас е најприфатливо зеленото сценарио, додека, пак, сосема го отфрламе референтното сценарио (кое предвидува продолжување со работа на РЕК „Битола“). Во следните месеци ќе треба да се донесе Програмата за имплементација, а невладиниот сектор и понатаму ќе ги искажува и аргументира своите ставови“, вели Николовска.

Енергетската ефикасност, на што е даден акцент во Стратегијата, најавува и трансформација во градежништвото за потребите на модерните домови, кои се водат од начелото дека нејевтината енергија е онаа што нема да се потроши.

Во процесот на енергетска транзиција, според Антонио Јовановски од невладината организација „Гоу Грин“, индустриите во фосилните горива ќе искусат пад и губење на работни места, за разлика од секторите на обновливите извори и енергетска ефикасност кои ќе имаат голема побарувачка на работници.

„Процесот на постепено напуштање на термоелектраните за јаглен ќе значи и обезбедување на работни места за илјадници работници од оваа индустрија, преку навремено подготвување на план за правична транзиција и стратегија за зелена економија и зелени работни места. Според анализите, градежништво ќе има најголем апсолутен пораст на побарувачка назелени работни места на глобално ниво, додека, пак, производството на електрична енергија од топлинска-соларна енергија се очекува да има најголем процентуален пораст. Со преминот кон зелена економија се очекува да се затворат работни места кои не може да се квалификуваат како зелени, како тие во нафтената индустрија и во секторот на третирање на јагленот“, вели Јовановски.

Како последица на повеќедецениска работа на најголемите постројки за согорување во РЕК „Битола“ и во ТЕЦ „Осломеј“, создадени се значителни количини пепел и шљака. Како резултат од несоодветното повеќегодишно управување со овој отпад се двете големи депонии, деградирани површини и значајни извори на прашина. Доколку се прифати сценариото што дозволува нови ископи на јаглен, тоа директно ќе биде закана за нови деградациии и ерозиии на почвата, намалување на земјоделското земјиште и шумите како и загадување на површинските и подземните води. Ако се продолжи со користење на фосилните горива, особено на јагленот, тоа ќе биде една од најголемите опасности за водата, воздухот, почвата и живиот свет, се нотира во Оценката на влијанието на Стратегијата врз животната средина.

Енергетската транзиција треба да продолжи и да се забрза, меѓутоа мора да започне планирањето и на праведната транзиција која ќе ги опфати регионите и секторите кои придонесуваат за климатските промени- како енергетика, транспорт и отпад, но и тие кои се ранливи на климатските промени како туризам, вода, природа, урбани средини. Создавањето „нечиста“ енергија од фосилни горива, во случајот јаглен, според иднината која ја предвидуваат двете сценарија, треба да се менува со прифаќањето на зелените политики. Праведната транзиција не е еден чекор, туку подолг период во кој на работниците ќе треба да им се обезбедат економски и социјални мерки за приспособување на новите политики и мерки со кои ќе им се овозможи работа и интеграција во новиот систем, согласно со Парискиот договор за клима, кој посочува дека владите треба да обезбедат услови работниците да добијат можности за пристојна работа

Сепак, како ќе се одвиваат работите со последната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година сега е неизвесно поради ситуацијата со корона вирусот бидејќи потребно е да се испочитува рокот од 6 месеци во кој владата треба да донесе одлука за кое сценарио ќе се определи.

Значајно е што, во однос на предходните вакви документи, во новата Стратегијата се засилени мерките за енергетска ефикасност, како еден од најголемите домашни ресурси, како и инвестирањето во обновливи извори на енергија, а не се планира изградба на нови термоелектрани на јаглен.

„Од „зеленото“ сценарио ќе имаме најголеми придобивки, гледано долгорочно, но за него се потребни и најголеми вложувања. Придобивките се економски, како и во однос на намалување на емисиите на стакленички гасови и намалување на локалното загадување. Најмногу средства ќе треба да се вложат во енергетската ефикасност како и во обновливите извори на енергија. Ова сценарио може да отвори најмалку 6.000 нови или редефинирани домашни работни места, во кои не се вклучени работните позиции за изградба на големите хидроцентрали, како „Чебрен“ и електро-централите на „Вардарска долина“, вели Александар Дединец, научен соработник во МАНУ за енергетика и животна средина.

Големата зависност на земјава од увоз на електрична енергија, што зафаќа околу 30 отсто од вкупните потреби на пазарот, според Стратегијата, се планира во наредните години постепено да се намалува. А, главен предуслов за тоа е зголемувањето на производството на струја од домашни извори, како и инвестирање во нови капацитети, пред сè, од обновливи извори на енергија.

Сите три сценарија во Стратегијата нудат свои модели за намалена зависност од увоз на струја во наредниот период. Според референтното, производството треба да се зголеми на 9,4 TWh (терават-часови) до 2040 година, главно од обновливи извори на енергија, ОИЕ, и тоа да достигне 71 отсто од вкупно произведената електрична енергија.

Според ова сценарио, зависноста од увозот ќе се намали до 14 отсто. Во сценариото за умерена транзиција, капацитетот за производство на струја треба да се зголеми на 4 GW (гигавати) до 2040 година (двојно повеќе во однос на 2017), со што ОИЕ ќе зафаќаат 87 отсто од вкупно инсталираното портфолио. Зеленото сценарио предвидува Северна Македонија, според претпоставените големи инвестиции во ОИЕ, да го намали увозниот биланс на струја за 12 отсто, со што истовремено ќе се подобри и зголеми интеграцијата во европскиот систем.

Извор: Мета.мк

 

Слични содржини

Европа / Екологија
Активизам / Европа / Екологија

ОкоБоли главаВицФото