Слаткарница

04.07.2020 13:34
Слаткарница

Она што првенствено ме интересира во некој град се: антикварниците и слаткарниците. Сè друго за мене има второстепено значење. Од момчешките години се сеќавам на слаткарницата во Пожега, во која прво дегустирав, а потоа журно, ко да не сум видел, ги лапав сутлијашите со цимет и суво грозје, марципаните, шампитите, индијанките и сите други благи убавини. Се викаше „Корзо“, а нејзиниот сопственик Синани Авзим беше махер, вистински волшебник на слаткарската уметност, рамен на шпанскине екс слаткари од Мадригал, со други зборови, ретка птица, змиски цар. Посебен знак на таа слатка Ноева арка, изгубена во времето и просторот, претставуваше ќерката на Авзим, Теута, продавачката на колачи со срцевидно деколте а ла госпоѓица, и еден стар раздрнкан џубокс со сто синглици (звучен запис од двете страни) за кој Авзим отворено тврдеше дека е модел „1015“ (славната „илјадапетнаестка“), еден од најретките модели на џубокс–автомат изработен уште во 1946 година, а од кој, според него, подобар бил единствено џубоксот марка „Вурлицер“, направен во облик на блескав автомобил.

И, се разбира, срцето на тој знаменит џубокс чукаше во знакот на рокот и блузот, значи според музиката на педесеттите, златното време на џубоксите. На џубоксот на Авзим кој, во една своја песна од „Куќите на Баховата музика“, го прогласив за Господ-Бог во малото провинциско гратче, во три часот попладне првпат ги слушнав волшебните гласови на Сара Вон, Махалија Џексон и Били Холидеј. И тоа веќе не беше само обична музика за уфрлен динар, туку озарување, посреќување, љубов. И ништо толку ефикасно не ги разбиваше меланхолијата и зачмаеноста на немите провинциски попладниња како тој џубокс и красните разладни витрини кои, преполни со слатки мистериозни божествености, мајсторски зготвените производи на волшебниот домазлук, наредени во еден сосема вонисториски карневалски ред, ни се насмевнуваа со својот прекрасно–светкав кич; а за живот, секако, потребно е и малку кич, троа на врв нож.

Затоа малку почујте ги и заслушајте ги зборовиве со маѓеснички призвук и раскошен волумен на здивот, помирисајте го соѕвездието чии ѕвезди се викаат: мухалебии, марципани, медени колачи, топчиња од пржен бадем, ориентални шеќерлеми, костен–пире, срнечки грб, нугат, рум торти, добош торти со расцепен портокал на врвот, туфахии (налик на нудистки, на дебели голи жени во песок на плажа, или некои покриени жени од истокот), орасници, алва од гриз, обланди со карамелизиран шеќер, кадаиф, леблебии, сатии, како дукат суџуци, топол салеп, огромни тепсии со колачи од урми (урмашици) и тулумби, шехер–баклави (египетски и турски), пуслици, колачи од фондан, ситни колачи од ѓумбир и кокос, ролати, зашеќерено и кандирано овошје, благи кнедли, индијанки, шам ролни, мињони, ледени коцки (marron glacé), стапчиња од бадеми, „пуслици“ од белка, кремпити, шампити, бели сутлијаши наросени со меки облачиња од цимет, пастили (фр. pastille), миризливи шеќерлеми прелиени со овошни сокови, а направени од шеќер, мед, ораси и уште не знам од што, чоколадни бонбони со виски, коњак, ликер од црешни, или со суво шери, а завиткани во златести и сребрени шушкави фолии и останитите бајословни керефеки.

На овој список му ги придружувам и виолетовите пирамиди од Хила, како колачот на мудроста од приказната „Пат за Вавилон“ од мојот пријател Миленко Пајиќ и, се разбира, деликатесите од екс-царските слаткарници на Виена, а пред сè славните Моцарт кугли, тие слатки „модерни нафори“, обвиткани со тенок, златест станиол, со ликот на маестрото во медалјон – облак, а спакувани во фини кутии – жардиниери од по девет, петнаесет или триесет парчиња (види ја апологијата на Моцарт куглите во преубавата приказна на Милета Продановиќ, „Wolf(gang) in fabula“). Се разбира, тука се и сладоледите: ванила, цитрон, пунч... а во блескавите, стаклени чаши лимонади, оранжади, боза, студени сокови од боровница и клакери.

Слаткарницата е место на топла човечка средба на која, во светото време за аперитив и колач, се оди со пријател, со жена со сличен духовен состав, или сам за да се ужива во душата на благото, контемплацијата и нежното опуштање после сите гнасотии на денот.

Не можам ни да го замислам животот без посетување слаткарници. Не ги разбирам луѓето што не сакаат колачи. Тие за мене се суштества од понизок вид. Тие едноставно не знаат што пропуштаат. Колачите се мали, безопасни радости на денот, сладок златен украс. Времето поминато во некои слаткарници (а тие обично се викаат „Далас“, „Алхамбра“, „Толедо“, „Вивалди“, „Самарканд“), со елегантно насладување со омилените колачи (ох, тоа топење на благородната добрина на чоколадата во устата, тие вкусови на есенциите на лешниците, бадемите и оревите!), ноншалантното, речиси незадолжително прелистување на весници и слушањето тивка музика (по можност, црните блуз пејачки) во мене будат цели балони радост и тивката среќа на фантазирањето.

Голем грев е да се лишите од такви уживања кои нè ставаат во редот на најгордата аристократија и кои уште повеќе ги зацврстуваат благородните доблести и умерености. Драгата слаткарница се сака на начин на кој се обожава драг пријател, омилена книга. Таа е слатката душа на градот. Ноева арка во овој свет на мигрени, смрдеа и крв.

Извор: Vreme

 

Слични содржини

Уживање / Музика
Живот / Уживање
Уживање / Култура
Технологија / Живот / Уживање / Историја

ОкоБоли главаВицФото