Блуз

29.08.2020 12:39
Блуз

Мора да признаам: никогаш не сум ги сакал премногу гозоморните африкански маски и зооморфните африкански идоли, ниту пак успеав да ги разберам типовите што ја колекционираат цела таа, со еден збор, човекојадска уметност. Но, кога мислам на црнечките пејачки на блуз, тогаш зборовите завршуваат и паѓам на колена, маѓепсан од она што уште Милош Црњански го крсти „култ на човечкиот глас“. Се поклонувам, значи пред раскошниот волумен на нивните тангентни, допирачки гласови, кои во себе ги сублимираат, собираат и одуховуваатсите цистерни тага на овој свет. Затоа ве поздравувам вас, Беси Смит, Ела Фицџералд, Сара Вон, Зела Џексон Прајс. Ве поздравувам и вас, непознати пејачки на блуз, сладострасници на тагата и ви се поклонувам во мојата медитеранска ноќ. Затоа што вие се молите за мене, анестезирајќи ја (макар за миг) мојата крвава самотија, претворајќи ја во нешто лесно, тантелесто, подносливо. Вие сте вистинските мистици и светици зашто по млечните патишта на христијанската благост низ светот ја пренесувате длабоката смисла за Светото. Вие сте свилени буби. Божици кои врз смртниците го истураат благотворниот парфем на наркоза. И додека носен од вашето делириумско пијанство пливам во топлиот океан на блузот, помислувам дека не нималку случајно што теософизмот потекнал токму од жена (Хелена Петровна де Хан), зашто жената не само што е поблиску до природата, земјата, космичкиот елемент, туку според некоја загадочна линија на „магијата на екстремот“, многу поблиска до таинственото и мистичното отколку мажот.

Млад, чувствителен читателу, дали некогаш си ја слушал Зела Џексон Прајс (Zella Jackson Price), блуз пејачка од Сент Луис? Од нејзиниот глас кој во себе собрал нешто од благотворниот отров на Апсолутот ќе те полазат морници на најблагородната треска, исто како и од гласовите не светогорските пејачи или љубостинските монахињи.

Исходиштата на блузот се во вечното. Непојмлива е неговата исцелувачка и избавувачка сила. Пригушувајќи го нашиот очај и смирувајќи ги „големите езера на меланхолија“ блузот нè прави религиозни. Затоа што привлечноста на блузот може да се почувствува само во тивкиот ужас на немилосрдната ноќ, особенов во моментите кога сме на пат речиси да се откажеме од животот, тогаш кога веќе нема што да се изгуби зашто сè е веќе изгубено. Блузот е религиската црнина на универзумот. Дрога на семските патници. Носталгија на архангелите упатено истовремено и на небото и на луѓето. Блузот е само сетило, чисто човечко суштество, мелем наменет за човекот на новото доба на трансцеденција, која ќе изгради ново искуство на Светото. Блузот е отелотворување на „небеската страст“ во музиката. Како и секој мистицизам, блузот е вознесено потврдување на Бог преку личниот и непосреден контакт со него. Занес, повисока трезвеност која ја вознесува душата до врвовите на вистината, складноста и невиноста и ја соединува со примордијалнота моќ на светот на ревноста, благоста и љубовта.

Блузот е она елементарно откровение на музиката, кое се вгнездува во крвта уште во момчештвто кога душата е чиста и неогрубена од животот. За мене, поезијата не е ништо друго освен блуз, крварење на мојот волѓебен српски јазик (во којшто сум вљубен), еманација на повеќекратноста, сталактит кој ќе остане зад мене кога еднаш сè ќе исчезне во вечен заборав.

Блузот е земјата на моето срце. Блузот е помагичен и од свеќите. Блузот и метафизичката смисла на солзите – едно се.

 Слики: Jim Porterfield

 Извор: Vreme

ОкоБоли главаВицФото