Фантазмагоричната приказна на Мураками која прашува за светот

07.07.2020 14:04
Фантазмагоричната приказна на Мураками која прашува за светот

Дали некогаш ќе бидеме навистина среќни? Што значат зборовите „човек“ и „негова судбина“? Како денес сите полека да излегуваме од зоната на јасни факти и логични заклучои затоа што тоа веќе не ни е доволно – кои навистина сме ние и дали некогаш вистински сме сакале? Времето од многу причини се променило, а ние сме уште повеќе вознемирени.

Со тие флуидни траги за изгубените нишки на нашиот живот се бави претставата „Кафка на брегот“ (Kafka na žalu) која неодамна, поради вонредната ситуација, беше претпремиерно изведена во Хрватскиот народен театар во Загреб, а настанала според романот на Харуки Мураками и во режија на Ивица Буљан. Овој режисер неслучајно го одбрал зачудниот Мураками бидејќи би можело да се аже дека Буљан, од претставата „Џез“ до „Гаража“ и назад, ја изгради својата поетика во нејасниот сплин на отворените прашања на дното од нашата свест.



Во „Кафка на брегот“ пред нас се распостила приказната за петнаесетгодишното момче кое побегнало од татка си и кое ја бара својата мајка (при што не е баш јасно кои се неговите родители), за веќе на следниот чекор да се сопнеме од човекот кој скита низ светот, разговара со мачки и по една експлозија во Втората светска војна не се сеќава на ништо, иако убил човек и полицијата му е на трага.

Сето тоа помалку изгледа како белосветски бордел на лудаци, подобро речено како модерна „Алиса во земјата на чудата“, со галерија полудени мажи и жени, кои ќе престанат безглаво да јурат кога ќе се помести еден чудотворен камен и тогаш одново сѐ ќе биде на свое место. Приказната наликува на современа бајка, но како што вели Фридрих Шилер: „Подлабоките значења се кријат во бајките, а не во вистините на кои ме научил самиот живот“. За режисерот Буљан таа потрага по вистината на нашиот живот никогаш нема да заврши, но – и о тоа е исткаен темелниот шарм на оваа претстава – важен е нашиот напор и добро е постојано да сме на пат.



Загрепската „Кафка на брегот“ помалку наликува на претставата „Изабелината соба“ на белгијскиот театар Needcompany, во режија на Jana Lauwers, која со своите магловити сеќавања и оптимизмот наспроти сѐ пред десетина години ги освои и Загреб и Сараево и Белград. Тогаш таа предупреди на „неминовноста на лагите во денешно време“, додека Буљан во врска со „Кафка“ два дена пред оваа изведба рече дека со влегувањето под кожа на Муракамиевите јунаци „воспоставуваме дистанца кон сопствените вредности, ги ставаме под прашање и го ограничваме сопственото его“.

Во ненормалните околности оваа пролет, глумците мораа да ги вежбаат своите улоги малку во изолација, малку на езерото Јарун, малку онлајн, но, после сѐ, ансамблот од дваесетина глумци меѓу кои Матија Чигир, Драган Деспот, Алма Прица, Игор Ковач и други, на претпремиерата делуваше повеќе од уиграно и дисциплинирано ја следеше нишката на приказната на Мураками. И сценографот Давид Маљковиќ и композиторот Митја Врховник Смрекар и групата Сонда 4 која го креираше светлото заслужни се за тој надреален тон на приказната.



Би рекле дека оваа во суштина топла претстава денес е многу потребна бидејќи ги раствора и приведува кон среќен крај сите наши грижи, надежи и стравови, и нѐ охрабрува, колу и трауматично да ни изгледа животот и колку и тешко да сме погрешиле во него, дека секогаш за нас постојат они „последни пет минути“ кога можеме да се вратиме дома, на себе и на другите. Конечно, „Кафка на брегот“ ќе се гледа, ако наесен биде сѐ во ред, со посебна доза олеснување бидејќи баш во широкиот радиус околу Хрватскиот народен театар, на просторот на Загреб, имаше премногу мака, и со вирусот и со потресот, па изморени љубители на театарот некако заслужија претстава по која од театарот ќе излезат поведри отколку што влегле во него.



Извор: Novosti
Фотографии: hnk.hr

ОкоБоли главаВицФото