„15 хорор приказни од работнички“ - книга на Кристина Божурска

14.07.2020 09:10
„15 хорор приказни од работнички“ - книга на Кристина Божурска

Книгата „15 хорор приказни од работнички“ (15 Horror Stories by Women Workers), објавена од издавачката куќа „Private print“ e уметничко-документарен проект на авторката Кристина Божурска.

Делото е составено од 15 сведоштва на работнички, претежно од текстилната и чевларската индустрија, но и од други економски сектори, придружени со цртежи изработени од авторката.

Од издавачката куќа соопштуваат дека пристапот на Божурска е новинарски, односно приказните се составени преку собирање на автентични изјави на работнички што дава естетика на симболичен памфлет кој ги шири гласовите на овие жени.

Предлогот за овој проект-книга беше избран за победник на првиот отворен повик (2019) за „Emerging Concepts Edition“, со тематски фокус на феминистичка или квир уметност или критика.

„15 хорор приказни од работнички“ е реализирана како хуманитарен проект за собирање на донаторски средства за поддршка на обесправените жени-работнички во С. Македонија.

Со секој купен примерок истовремено се придонесува кон работата на здружението „Гласен текстилец“ од Штип, чиишто активности се насочени кон подобрување на условите на работничките во текстилната, кожарската и чевларската индустрија.

Кристина Божурска (1984, Куманово) е уметник, културолог и наставник по уметност во Quality International School of Skopje. Работи во полето на социјалната уметничка практика, која се основа на социо-политичко набљудување. Во својата уметничка работа користи мноштво техники и материјали, вклучително и реди-мејд, сликање, цртање, текст и видео. Како уметник престојувала во ISCP во Њујорк и учествувала на курсот Arte Utile предводен од Танија Бругера на Летната уметничка академија во Салцбург во 2013 година. Добитник е на неколку награди: најдоброто видео во категоријата Nano Minute на Меѓународниот фестивал за видео во Бразил, 2008 година; (YVAA) „Денес“, награда за млад уметник за 2010 година.

ОкоБоли главаВицФото