1008 hPa
48 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 13:59
Унгарија и Полска ставија вето на предложениот седумгодишен буџет на Европската Унија од 1,15 трилиони евра и на европскиот Фонд за закрепнување од 750 милијарди евра. Иако двете земји се најголеми корисници на средства од европскиот буџет, нивните влади се категорично против условот за владеењето на правото што ЕУ го донесе на барање на Европскиот парламент. Тие знаат дека на фрапантен начин го нарушуваат владеењето на правото во своите земји, но не сакаат да ги платат последиците од тоа.
Европската Унија не може да си дозволи компромис со одредбите за владеење на правото што ги применува кога им доделува фондови на земјите членки. Со оглед на тоа, начинот на кој ЕУ ќе одреагира на предизвикот со барањата што сега ги поставуваат Унгарија и Полска, ќе одреди дали таа ќе преживее како отворено општество верно на вредностите врз кои е основана.
За лична и политичка корупција
Не е толку апстрактен концептот за владеење на правото, на што се спротивставуваат унгарскиот премиер Виктор Орбан и, во помала мера, де факто владетелот на Полска, Јарослав Качински. За нив владеењето на правото претставува практично ограничување во личната и политичката корупција. Сегашното вето за усвојувањето на европскиот буџет е очајнички „коцкарски“ обид од страна на двајцата сериски прекршители. Тоа претставува и чекор без преседан, кој се случува во момент кога Европа страда од опасен наплив на случаи со ковид-19 и ги фрли во конфузија претставниците на другите земји на ЕУ. Но, кога шокот исчезна, анализата открива дека постои начин да се заобиколи ветото. Прописите за владеењето на правото се веќе усвоени. Во случај да нема договор за нов буџет, стариот буџет, кој истекува на крајот од 2020 година, се продолжува на годишно ниво. Унгарија и Полска не би добиле никакви исплати според овој буџет, бидејќи нивните влади го кршат владеењето на правото.На сличен начин, Фондот за закрепнување, наречен „ЕУ за следната генерација“, може да се спроведе со користење на подобрена процедура за соработка, како што предложи Гај Верхофстад. Доколку ЕУ тргне по овој пат, ветото Орбан-Качински може да се заобиколи. Прашањето е дали ЕУ, под можното водство на германската канцеларка Ангела Меркел, може да мобилизира политичка поддршка за такво решение.
Јас сум посветен поддржувач на ЕУ како модел на отворено општество изградено врз владеењето на правото. Бидејќи сум од унгарско-еврејско потекло, особено сум загрижен за ситуацијата во Унгарија, каде што сум активен како филантроп повеќе од 30 години.Орбан во Унгарија создаде еден разработен клептократски систем за да ја ограби земјата. Износот со кој тој ги збогати семејството и пријателите е тешко да се процени, но многу од нив станаа премногу богати. Орбан сега го користи новиот бран од ковид-19 за да го промени унгарскиот Устав и (повторно) изборниот закон и да се зацврсти, по уставен пат, како доживотен премиер. Тоа е трагедија за унгарскиот народ.
Како е ограбена Унгарија
Дозволете ми да дадам неколку примери за тоа како Орбан го ограби унгарскиот народ. Префрли огромни суми јавни пари на голем број приватни фондации, кои индиректно ги контролира. Со вешт уставен трик, Орбан сега трајно ги отстранува овие средства од јавниот домен; би требало двотретинско мнозинство од парламентот за да ги врати на унгарскиот народ. Се работи за речиси 2,8 милијарди долари.
Во серија измамнички трансакции, пак, компании блиски до Орбан купија над 16.000 респиратори за Унгарија за скоро една милијарда долари, што е далеку поголем од бројот на кревети за интензивна нега и медицински персонал што може да ги опслужува. Анализата на податоците за меѓународната трговија покажува дека Унгарија платила најмногу во ЕУ за респиратори од Кина, во еден момент уплатувајќи над 50 пати повеќе од Германија. Една од овие компании обезбеди и нарачка од Словенија, чиј премиер, Јанез Јанша, е близок политички сојузник на Орбан. Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) треба да испита дали ЕУ била измамена. Заслужува истрага и неодамнешниот договор за набавка на руската вакцина, што ќе ја направи Унгарија прва европска земја што би ја користела оваа вакцина.
Истовремено, Орбан се обидува да избегне одговорност за овие активности и да преземе чекори за да спречи повторување на локалните избори во 2019 година, кога неговата партија Фидес ја загуби контролата врз Будимпешта и другите поголеми градови. Тој упорно се обидува да ја остави Будимпешта без пари, ставајќи вето на апликацијата на градот да позајми пари од Европската инвестициска банка за да купи нови средства за градски транспорт согласно мерките за социјална дистанца. Будимпешта е соочена со недостиг од 290 милиони долари во својот буџет за 2021 година. Слични состојби преовладуваат во другите градови со локалните власти, кои не се под контрола на Фидес.
Само ЕУ може да помогне
Опозициските партии во Унгарија храбро се обидуваат изборно да го предизвикаат Орбан со формирање заеднички листи на кандидати за општите избори во 2022 година. Но, нивните шанси за успех се ограничени, затоа што Орбан може без најава да ги смени правилата на игра, како што тоа веќе го правеше во минатото. Погодно за него, Орбан планира да ги воведе најновите измени во изборниот закон додека беснее пандемијата, а Будимпешта е под полициски час, со војници што патролираат по улиците. Покрај тоа, Орбан спроведува речиси целосна контрола врз селата, каде што живее мнозинството од населението во Унгарија. Тој ги контролира информациите што ги добиваат, а гласањето во многу села не е тајно. Практично, не постои начин на кој таму може да победи опозицијата. Само ЕУ може да помогне. Фондовите на ЕУ, на пример, треба да бидат насочени кон локалните власти, каде што сè уште постои функционална демократија во Унгарија, за разлика од националното ниво.ЕУ не може да си дозволи компромис со одредбите за владеење на правото. Според начинот на кој ќе одговори на предизвикот од Орбан и Качински, ќе се утврди дали Унијата опстанува како отворено општество, верно на вредностите врз кои е основано.
Карикатури: Marian Kamensky
Извор: Project Syndicate