Во Универзална сала се одигрува претстава сега!

08.12.2020 14:04
Во Универзална сала се одигрува претстава сега!

Луѓето не умираат се додека споменот за нив е сеуште жив, изгледа истото важи и за објектите. Иако е напуштена и запоставена, Универзална сала и понатаму е мошне жива. Внатре се одигрува претстава, а сцената е низ целиот објект. Улогите ги толкуваат спомените, уметниците кои настапиле, вработените кои ја одржувале во живот, посетителите кои се уште го помнат првото качување и првото симнување по скалите барајќи си го седиштето. Но главните улоги ги играат запуштеноста, несовесноста, студот кој профучува низ празното фоаје, влагата, празните гардеробери, правливата сцена, излитените седишта и покривот што се распаѓа.

Еден објект кој е симбол на солидарно Скопје, кој е изграден во време кога културата им припаѓала на сите, а не била резервирана само за елитата, еден објект кој е оставен во наследство за да ни овозможи нови културни достигнувања, сега венее поради негрижа.

Она што се случува сега во Универзална сала, се случува и во перформансот „Универзална во пламен - трагедија во шест декади“, чија премиера се одржа во рамки на отворањето на Млад отворен театар. Претставата е авторски проект на Филип Јовановски и Кристина Леловац. Иако замислен како перформанс, проектот ги има атрибутите на една трагедија. Идејата е да се вратат во живот спомените за Универзална сала. Само преку сеќавањето, преку евоцирање на спомените за Универзална, можеме да утврдиме што таа претставува за нас. Претставата ни ја претставува историјата на Универзална.

Во тој контекст нараторот (Кристина Леловац) ќе ја почне оваа приказна повикувајќи ја публиката зад завесата спуштена на влезот. Влегувајќи зад завесата, публиката влегува во Универзална и со тоа влегува во самата претстава. Посетителите се вовлечени во нејзиното дејство.

Првиот чин се вика Подарок и не потсетува дека самата сала е подарок за постземјотресно Скопје. Авторите во овој чин вметнале и снимки од пожарот во главниот објект на Македонски пошти, кој изби во 2013 година. Паралелата е очигледна. Гори и Универзална сала, но никој тоа не го приметува. И едниот и другиот објект се симболи на негрижата и запуштеноста.

Овде публиката стои пред таблата на влезот каде се вброени сите држави со чии донации е изградена салата. Чинот не потсетува дека од трагедијата на земјотресот, кој го оставил Скопје во рушевини, се родил нов град и ново време.

Вториот чин ја носи публиката во фоајето, онаму каде се вмрежувал културниот живот на градот. Понесени од легендите и анегдотите, текстот не враќа во златната ера на Универзална кога била центар на скопскиот културен живот. Во овој чин нараторот поентира дека „Скопје е изграден од светот“, па од таму и „скопската тага е интернационална тага“.

Текстот потсетува на преименувањето на улиците во 2012 година. Градската власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги отстрани имињата на земјите, градовите и луѓето кои помогнаа во изградба на новото Скопје, и постави имиња од локалната историја (повеќете се сеуште предмет на дебата). Авторите не соочуваат со бесмисленоста на одлуките кои ги прави власта во наше име. Од таму и го поставуваат прашањето: која е одговорноста на граѓанинот, која е неговата функција, каде се одвива неговиот живот? И како одговор на тоа, текстот го спротивставува државниот човек со граѓанскиот човек, велејќи дека државниот е сериозен човек, дисциплиниран и таен, граѓанинот е јавен и слободен. Градот е негов, а не е национално обележје, велат актерите.

Чинот три ги отвора вратите од подрумите на Универзална сала, од подземјето, онаму каде се започнало. Четвртиот ја носи публиката по скалите на самата сцена. Овде се одиграле многу важни претстави, значајни за секого поединечно, но значајни и за колективот. На оваа сцена се одиграла историјата на градот, на неа зачекориле имиња од светски калибар, па сеќавањето за историјата станува сеќавање за присуство на некои луѓе.

Чинот петти ја седнува публиката на седиштата во партерите. Но ниту сега посетителите не се неми посматрачи. Тие седат на места на кои седат живи спомени, од луѓето, од оние што живееле во овој град. Текстот ни кажува дека Универзална сала е изградена во време кога сме биле бескласно општество, кога културните објекти им припаѓале на сите и така не соочува со сегашната состојба. Ниту сме бескласно општество, ниту Универзална им припаѓа сите. По сè изгледа ѝ припаѓа на власта, и тоа се менува како што се менуваат партиите во градската управа.

Шестиот и последен чин му ја враќа основната функција на граѓанинот, на скопјанецот, и го става на неговото место, во агората, на плоштадот. Перформансот овде го поставува прашањето за правото на јавен простор, па нараторот повикува: „Фрлете го Скопје 2014 на купот на промашена историја. Ослободете го плоштадот!“

И кога нараторот на крајот од претставата порачува да се запали Универзална сала, да изгори и од пепелта да се роди нова, не мисли само на нова сала, туку и нова солидарност, нова перцепција за градот.На самиот крај публиката се качува на сцената и излегува од Универзална на задниот влез, излегувајќи на тој начин од самата претстава.

Што се случува сега во Универзална? Објектот е затворен веќе пет години, а последната поставка беше кога СДСМ пред пет години ја искористи сцената за да објави нови прислушувани разговори. Во оваа сала одекнаа злоупотребите кои биле вршени од страна на претходната власт. Дел од покривот падна на седиштата и од тогаш Универзална потона во мрак.

Во овој мрак и понатаму се одржува претстава и проектот на Леловац и Јовановски го доловува тоа. Но оваа претстава, во која се ронат спомените, како што се распаѓа објектот, не би сакале да ја гледате. Тоа е претстава за тивкото распаѓање, за негрижата, за неисполнетата одговорност на граѓаните.

Претставата се поставува кога повторно стана актуелно прашањето за иднината на Универзална сала. Реконструкција или рушење? Перформансот го поставува ова прашање, но суптилно, преку минатото на овој објект и сеќавањето за него.

Во услови на пандемија, кога целиот свет е во криза, „Универзална во пламен - трагедија во шест декади“ успева да ги испочитува сите безбедносни и заштитни мерки, вклопувајќи ги во своето дејство. Публиката носи шлемови и постојано е предупредувана од нараторот да внимава и да држи растојание. Бидејќи самата претстава е еден вид прошетка, обиколка на објектот, публиката е предводена од група студенти од Факултетот за драмски уметности, под палка на Леловац.

Целиот перформанс се одвива во опустошените простории на Универзална, без струја и без никакво греење. Тимот предводен од Леловац и Јовановски внесува светлина во овој мрак, која за миг нè потсетува што сме изгубиле.

Освен темата за улогата на градскиот човек, за правото на јавен простор и за бесмисленоста на Скопје 2014, во перформансот се издвојува и темата за сеќавањето, како една од доминантните теми и во претходните проекти на Јовановски. Проектот ги поставува прашањата колку треба да ги уважуваме минатото, сеќавањето и спомените, личните, но и колективните? Можеме ли да постоиме без своето минато кога преку него ја дознаваме својата вредност.

Како луѓето, така и објектите. И тие имаа свое минато, свое значење, само луѓето во овој град изгледа одбиваат да го приметат, да го потврдат и да му дадат признание.

 

Информации за претставата:

Факултет за работи што не се учат(ФР~У) во копродукција со Млад Отворен Театар(МОТ)

УНИВЕРЗАЛНА ВО ПЛАМЕН - ТРАГЕДИЈА ВО ШЕСТ ДЕКАДИ
перформанс есеј

„На 27 јули 2020, ден по 57-годишнината од земјотресот во Скопје, во јавноста се појави идејата дека Универзална сала ќе се руши.
Што е улогата на уметноста кога општеството дебатира? Да одговори на дилемата или да (си) го постави прашањето: Какво е тоа општество што нѐ доведе до оваа ситуација?

„Универзална во пламен“ е перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Човекот што уживал во очајот, очајот кој станал популарен со песните на Шарл Азнавур. Ова е и есеј за Азнавур, познат на скопјани по неговата песна што требало да биде пуштена на Радио Скопје утрото на 26 јули 1963 година.
Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши".
--------
Авторскиот тим што ја освои главната награда „Златна Трига“ на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор, 2019 година, со нов перформанс, на актуелна тема, премиерно на отворањето на 45. МОТ, 24.11.2020

(извадок од каталогот на МОТ)

Развој на перформансот: Филип Јовановски и Кристина Леловац
Соработник драматург: Борис Бакал
Кураторска консултација: Ивана Васева
Креативна реализација и музика: Ненад Тонкин
Извршен продуцент: Емилија Чочкова
Истражувачи: Кристијан Караџовски, Симона Димковска и Драгица Николовска
Видео продукција: Кристијан Караџовски
Фотографија: Драгица Николовска
Техничка поддршка: Иванчо Велков, Марјанчо Митровски, Сашо Филиповски, Наумче Алулоски, Јован Малески
Изработка на сценографски елементи: Владо Димоски

Изведувачи: Кристина Леловац, Симона Димковска, Дениз Ајдаревиќ, Бранко Атанасов, Ема Давчева, Нина Елзесер, Изабела Јакимова, ЕнџиНикoлоска, Јована Спасиќ, Сандра Танчева, Антонио Ташковски, Ненад Тонкин, РИБ - Ивица Димитријевиќ, Јане Трајковски, Џано Куч и Костантин Лошков.

Времетраење: 105 минути
Јазик: македонски

Проектот е реализиран во рамки на соработката на ФР~У со УКИМ Факултетот за драмски уметности – Скопје