1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 10:59
Како што веќе укажав, зад ветото на Бугарија ѕиркаат повеќе културно-расистички претпоставки. Една од тие претпоставки е дека „вистината за минатото“ лежи во бугарската историја и во бугарските учебници, а дека македонската нација била проект на Тито реализиран преку измислување на „нова историја“.
Меѓутоа, аргументот на Бугарија дека „македонската концепција“ била изградена „за сметка на историјата и географијата на соседните држави“, важи и за самата бугарска историја. И бугарската историја е изградена „за сметка на историјата и географијата на соседните држави“, и во неа има неосновани историски претензии, како што може да се види ако објективно се анализираат бугарските учебници.
Митологијата за ослободувањето на Бугарија во учебник по историја
На пример, лекцијата за „Руско-Турската војна (1877-1878) и ослободувањето на Бугарија“ (учебник за 10-ти клас по „Историја и цивилизации“) е класичен пример како се гради национална митологија „за сметка на историјата и географијата на соседните држави“ во која има и неосновани историски претензии.
Така, во секцијата „Источната криза (1875-1878) и патот кон војната“ воопшто не се спомнува Српско-Отоманската војна и Црногорско-Отоманската војна, туку се спомнуваат само востанија во Херцеговина и Босна. Но, затоа се истакнати две бугарски емигрантски организации со исконструирана сугестија дека имале големо влијание за свикување на „Цариградската конференција“, што може да се смета за добра историска шега.
Следната секција „Текот на војната – бугарското учество“ започнува со тотално фактички незасновано толкување дека „Објавувањето на војната пораѓа голем ентузијазам меѓу бугарскиот народ, којшто верува дека при победа на Русија ќе се здобие со своето ослободување од османската власт“. И колкав е тој „ентузијазам меѓу бугарскиот народ“, колкав голем дел од народот се вклучува во војната за свое „ослободување“? Спомнати се 12 дружини од близу 10 илјади бугарски доброволци (главно емигранти), што е поразително незначително учество на бугарскиот народ, во споредба со неколкуте стотици илјади руски сили (и сили на соседните народи) кои учествуваат во војната. Додека во учебникот се истакнува бугарската помош за Русите како „бесценета“, тотално се игнорира учеството на други војски во големите битки од Руско-турската војна. На пример, кога се спомнуваат „три неуспешни руски напади за преземање на Плевен“, при што се „дадени илјадници жртви“, се пренебрегнува дека во битката за Плевен (позната и како „Опсадата на Плевен“) не учествувала само Руска армија (во која имало и бугарски доброволци, покрај останатите), туку многубројната Романска армија. Воопшто не се спомнуваат огромните загуби на романската армија, особено во Битката кај Гривица (каде што е подигнат и мавзолеј). Зошто бугарските ученици се лишени од фактот за пресудното учество на бројната романска армија во Руско-турската војна за ослободување на Бугарија? Зошто покрај несомнениот хероизам на бугарските доброволци и руските војници на Шипка, не се спомнува и хероизмот на романските војници во повеќе битки во војната? Дали затоа што романските човечки загуби (убиени, ранети и болни) за „ослободувањето на Бугарија“ се поголеми од вкупниот број на бугарски доброволци?
Зошто во учебникот нема бројки за сите многубројни жртви во војната, не само војници, туку и цивили, кои биле репресирани и убивани не само под налетот на отоманските војски, туку и под налетот на руската армија кон Цариград?
Митот и заблудите за „Сан Стефано“
Ваквото „благородно“ и пристрасно претставување на Руско-Турската војна, каде учеството на Романските и Српски сили е само бегло прикажано со стрелка на мапа, нема никаква врска со „вистината за минатото“ на која се повикува Бугарија. И тврдењето во бугарскиот учебник дека со претходниот мировен договор од Сан-Стефано „се става крај на војната и се создава новата бугарска држава“ ги става учениците во голема историска заблуда, затоа што овој договор не е прифатен од големите сили.
Во главата од учебникот „Востановување на бугарската државна традиција“ оваа заблуда делумно се исправа со објаснувањето дека договорот е прелиминарен и дека „сите го очекуваат свикувањето на меѓународен конгрес, на којшто треба да се разреши Источната криза“. Меѓутоа, во секцијата „Бугарското национално прашање“, во која се толкуваат решенијата од Берлинскиот конгрес се тврди: „Општото духовно пространство на бугарската нација, создадена во борбите за црковна самостојност, е распарчено на пет дела. Крајот на духовното, образовното и стопанското единство на нацијата го поставува почетокот на Бугарското национално прашање.“
Сепак, за авторите на учебникот најважно било тоа што „после крајот на 14 век на европската карта повторно се јавува Бугарската држава...“.
Митолошки толкувања наместо факти
Меѓутоа, ова се историски толкувања, а не историски факти.
Како прво, нема никакви историски факти кои би поткрепиле некаква значајна врска помеѓу „бугарската држава“ од крајот на 14 век и „Кнежеството Бугарија“ кое е создадено со решенијата на Берлинскиот конгрес, од страна на петте големи сили, без учество на ниту еден Бугарин.
Второ, толкувањето дека во Отоманската империја имало „Општо духовно пространство на бугарската нација“ (која наводно била „создадена во борбите за црковна самостојност“) - и „распарчено на пет дела“ - е национал-романтичарски мит. Тезата дека прво била создадена „Бугарската нација“ (со Бугарската егзархија како „духовно пространство на Бугарите“), а дури потоа бугарската држава, спаѓа во доменот на историската митологија, а не во доменот на историската наука заснована на факти. Со ваквата митолошка теза се доведува под прашање и „херојскиот“ опис на Руско-Турската војна и „ослободувањето на Бугарија“, затоа што се сугерира дека „Бугарската нација“ била духовно, образовно и економски поединствена во Отоманската империја, отколку во „Кнежеството Бугарија“, кое настанало по војната.
Трето, фаворизирањето во учебникот на неприфатениот прелиминарен договор од Сан-Стефано (опишан како „симбол на бугарскиот национален идеал“, за сметка на прифатениот конечен договор од Берлин), е показател дека авторите имале сериозен проблем да се соочат со историските факти.
Имено, во учебникот не се наведени причините заошто договорот од Сан-Стефано не бил прифатен не само од големите сили, туку и од руски дипломати. Не се наведува ни неговиот потписник Грофот Николај Игнатиев (кој сеуште се митологизира во Бугарија), и зошто тој морал да му ја отстапи позицијата на амбасадорот Шувалов, кој го сметал договорот од Сан Стефано за „најголем чин на глупост“ а „Игнатиевата Бугарија за нонсенс“. Во митологизирањето на „Сан-Стефано“ и Игњатев, и игнорирањето на реалноста од Берлинскиот конгрес, бугарската историја (и не само во учебников) практично ја следи бугарската игнорантска политика.
Чесните историчари ја демитологизираат историјата: Руско „ослободување“ или „окупација“?
Прашањето „Зошто Бугарија сеуште го живее Сан-стефанскиот сон?“, што е практично сон за доминантно руско влијание на Балканот, треба првенствено да си го постават самите Бугари. Некои од бугарските историчари сериозно си го поставуваат. На пример, пред четири години, по повод националниот празник 3 март (потпишувањето на договорот од Сан Стефано), некои историчари се обидоа да го демитологизираат „ослободувањето на Бугарија“ од страна на Русија и митот за Русија како „двојна ослободителка“. Во написот „Когато Русия "освободи" България“, се цитира не само историчарот и амбасадор на Украина (кој укажува дека поголем дел од руската војска биле мобилизирани Украинци), туку и професорот по историја Христо Матанов, кој во секцијата „Митот за Санстефанската слобода“ е цитиран: „Тоа е договор, кој во суштина претставува акт на озаконување на една практично неограничена окупација на Бугарија од руската армија“. Според овој бугарскиот историчар, најголемиот спор на Берлинскиот конгрес не се водел за границите на „Кнежество Бугарија“, туку за напуштање на војските на руската империја која се ширела под мотото „Ослободувај и владеј“. Матанов исто така укажува дека во бугарските учебници има „внимателни чувани митови“ за кои и денес се молчи од страна на историчарите.
Има и други бугарски интелектуалци кои го демистифицираат славениот во Бугарија „Граф Игнатиев“ укажувајќи на неговите стремежи за преобратување на бугарското население во „послушно орудие на руската политика“. Впрочем, и самиот панславист Игнатиев во своите писанија укажувал дека сите дејства во Турција и меѓу „славјаните“ му биле во насока „да може Русија сама да господари на Балканскиот полуостров и во Црното Море“, а словенските народи да имаат поглед исклучиво кон Русија, да ја поставуваат својата иднина во зависност од неа, а не од другите европски држави. Целта на Игнатиев била востанатите словенски народи против Турците да бидат под руско, не под западно влијание, а не нивно „ослободување“.
„Сан-стефанскиот сон“ не живее во Македонија
Русија и другите големи сили расчистиле со „Сан-стефанскиот сон на Игнатиев“ на Берлинскиот конгрес и продолжиле понатаму. И Бугарија треба да расчисти со „Сан-стефанскиот сон на Игнатиев“ и да не се обидува да го наметнува на своите соседи како „историска вистина“.
Што би се случило, на пример, ако би се организирале сите учесници во Руско-Турската војна и сите учесници на Берлинскиот конгрес, и би побарале од Бугарија да ги промени учебниците по историја? Што би се случило ако Русија инсистира на својата историска верзија, ако Украина побара признание за жртвите Украинци, Финска за Финците, ако Русија и Романија побараат заедничко чествување за жртвите на 3 март, Србија и Црна Гора признавање на нивното учество, а Турција признавање на сите репресалии врз турското население во воениот поход кон Цариград?
Историјата на Бугарија е далеку од совршена и обидите за наметнување на бугарските историски митови од позиција на моќ како земја членка на ЕУ, се симптом на културен расизам. Во Македонија не живее „Сан-стефанскиот сон на Игнатиев“ за доминантно руско влијание на Балканот и бесмислено е тој „наследен тоталитаристички наратив“ од времето на живковизмот сега да ни се наметнува од земја членка на ЕУ и НАТО во 21-от век.
Слики: Tom Ward