Циклус филмови во МСУ: Пост-Југословени

18.12.2020 14:29
Циклус филмови во МСУ: Пост-Југословени: Егзилот (не) е уште една скала во нечија биографија

Музејот на современата уметност – Скопје од 18 до 31 декември го претставува последниот онлајн циклус филмови со наслов „Пост-Југословени: Егзилот (не) е уште една скала во нечија биографија.“

Програмски овој циклус се надоврзува на минатогодишната специјална програма на МСУ филм и видео „Југословенски експеримент(и) ” која што беше посветена на југословенската филмска авангарда од 60-тите до 80-тите години. Иако не може да зборуваме за хронологија или континуитети во филмот и аудиовизуелната уметност во регионот, авторите и авторките кои се претставени во рамките на оваа програма делат сензибилитети кои се одредени од поетиката на просторот и заедничкото, како и од континуираното присуство на Југославија како историска, политичка и културолошка референца. Концептуално, пост-Југословени не претендира кон програмски мета-наратив, токму напротив – гради на идејата (на Валтер Бенјамин) дека авторите и авторките кои делуваат во транзиција, креираат слики на темпорални конфликти кои имаат за цел да ги разоткријат инструментите и целите на идеологијата на транзиција. Во нашиот контекст, овие филмски слики се едновремено и простори на различни доживувања на историјата, одеци на избришани или поништени истории, сеќавања, искуства, на политичкото, на колективното. Конечно, тоа се и простори преку кои создаваме или барем имаме прилика да создадеме афирмативни колективитети кои имаат потенцијал да црпат од прогресивното заедничко наследство.

Филмовите со кои ќе се отвори програмата - „Журнал 63 - Возот на сенките” на Ника Аутор и „Ти ја имаш ноќта” на Иван Салатиќ - ќе можат да се гледаат во целиот свет од 18 до 31 декември. Филмовите „Писмо до татко ми” на Срѓан Кеча и „Родни краишта” на Јелена Максимовиќ ќе бидат достапни од 22 декември, а „Бел Божиќ” на Јосип Лукиќ, „На вода” на Горан Девиќ и „Орослан” на Матјаж Иваншин ќе бидат достапни од 25 до 31 декември.

„Пост-Југословени: Егзилот (не) е уште една скала во нечија биографија“ е дел од програмата на филм и видео на МСУ-Скопје која е поддржана од Министерството за култура.

Кураторка на програмата е Кумјана Новакова, а визуелниот идентитет и графички дизајн е на Илиана Петрушевска.
Сите филмови се титлувани на англиски и македонски јазик.
Сите филмови можат да се гледаат преку каналот Вимео на МСУ филм и видео програмата (vimeo.com/msufilm).
Програма погледнете ја овде.
 

 

ОкоБоли главаВицФото