Проекции на филмови по повод 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки

04.03.2024 09:54
Проекции на филмови по повод 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки

По повод 60 години по смртта на Милтон Манаки, во киносалата на Кинотеката ќе се прикажат документарниот филм „Манаки - Приказна во слики”, за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки, и респективниот опус од 42 филма кои овие балкански кинематографски пионери ги снимиле со култната Камера 300.

Одбележувањето на 60 години од смртта на Милтон Манаки, ќе се одржи на 5 март во Киносалата во Кинотека. Најпрво во 18 часот, м-р Роберт Јанкуловски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија”, ќе одржи презентацијата под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето”.

Потоа следува проекцијата на документарниот филм „Манаки - Приказна во слики” (2018, 70 мин. црно-бел/колор) во режија на самиот Јанкуловски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкуловски.

Филмот е посветен на фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански сниматели, и преку оригинални документарни фотографии го следи нивното професионално патешествие од отворањето на првото фотографско ателје во 1898 година во Јанина, се до нивната преселба во Битола каде покрај фотографско ателје, градат и киносала и почнуваат да се бават професионално со киноприкажување на филмови.

Подоцна, со почеток во 20 часот, ќе се одржи проекција на 42-та наслови на браќата Манаки снимени со нивната Камера со сериски бр.300, а кои помладиот брат Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот Архив на Македонија.

Во 1996 година Кинотеката направи 35мм заштитна архивска копија од овие оригинални нитратни филмски ленти (кои денес се чуваат во бункер, заради лесната запаливост), а во 2012/2013 година истите беа дигитализирани и дигитално реставрирани во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Веднаш потоа дигитилизираните материјали беа објавени на ДВД и промовирани пред јавноста.

Димитрие Османли со Милтон Манаки, Битола, 1956 година.

Извор: https://kinoteka.mk

ОкоБоли главаВицФото