Последната проекција во Кинотека за годинава со новопримени архивски материјали

28.12.2023 13:38
Последната проекција во Кинотека за годинава со новопримени архивски материјали

Кинотеката на Северна Македонија последната филмска проекција за оваа година ќе ја одржи денес, со дел од новопримените архивски материјали, меѓу кои и неми црно-бели кратки филмови снимени пред првата светска војна.

„Кинотеката годинава оствари соработка со реномираниот Филмски музеј „Ај“ (EYE Filmmuseum) од Амстердам, Холандија, Кинотеката на регионот Савоја (Cinémathèque des Pays de Savoie et de l’Ain) од Франција, компанијата „Филмске новости“ (Filmske novosti) од Белград, Србија, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје и повеќе приватни лица“, се вели во соопштението.

Првиот, деветминутен нем филм е „Балканска војна“ од Филмскиот музеј „Ај“ и претставува приказ на периодот од Балканските војни во 1912 година. Снимен е на 17 јануари 1923 година во продукција на француската компанија „Пате“.

Вториот, осумнаесетминутен црно-бел филм кој ќе се прикаже е „Од Листервелд до Охридското Езеро – увид во народниот живот во јужна Србија“ е повторно прибран од холандскиот „Ај“-музеј. Снимен е во периодот меѓу двете светски војни и целосно е посветен на Македонија. Во него е употребена соодветна македонска музика, а има и написи на холандски јазик што го илустрираат прикажаното.

„Во филмот се прикажани сцени од животот во Македонија во тој период: земјоделци, говедарство, лачење на волна, ткаење на разбој, Хавзи-пашините конаци во с. Бардовци и селаните, градот Скопје, турски гробишта, исламски сакрални објекти, Старата чаршија и занаетите, опинчари, кујунџии, валавичари, ромско семејство, ромски танци, етнички богатиот шаренолик живот во Скопје, мостови во Кратово, обработка на земја, народни носии, садење тутун, манастирот Дечани на Косово“, се вели во описот.

Третиот филм е петнаесетминутен црно-бел филм во холандска продукција, исто така преземен од холандскиот „Ај“-музеј, снимен меѓу двете светски војни, со титли на англиски јазик и наслов „Пулсот на Југославија“. Во него се прикажани снимки од Нови Сад и Белград, но во Кинотеката ќе биде прикажан само делот што се однесува на Македонија и кој е одвоен со напис кој гласи: „Во срцето на Балканот, каде што многу империи се бореле и ги оставиле своите славни траги“.

Четвртиот четириесетминутен филм, „Кралството Југославија“ е во колор, без тон, и е преземен од Кинотеката на регионот Савоја од Франција. Филмот има три дела, обележани со три различни поднаслови (Од Трст до Загреб, Комеморација на Балканските војни и Од Скопје до Тетово), и е снимен во француска продукција, во октомври и ноември 1937 година, кога висока делегација на француската војска ја посетува сојузничка Југославија, по повод чествувањето на 25-годишнината од ослободувањето на Јужна Србија т.е. Македонија.

Она што Кинотеката ќе го прикаже е посетата на француската делегација на Македонија, прво Скопје, каде што се забележуваат офицери во српски униформи, етничко шаренило претставено преку разните народни носии – македонски, албански, турски, ромски, Старата чаршија, Куршумли ан, центарот на Скопје, Камениот мост, по што следува посета на Велес и прикажување на панорамата и жителите на градот. Репортажата завршува со централната прослава на скопскиот градски плоштад, по повод 25-годишнината од ослободувањето на „Јужна Србија“, која се случила на 31 октомври 1937 година.

„По овој филм следуваат 32 куси, црно-бели едноминутни репортажи на „Филмски новости“ од Белград, снимени во периодот меѓу 1948-1953 година, некои од нив се без тон, а неколку имаат нарација на српски јазик, кои одлично ја отсликуваат атмосферата на животот во повоена Народна Република Македонија“, велат од Кинотека.

Во последниот сегмент од проекцијата ќе бидат прикажани стотина филмски афиши претежно од советски филмови, но и од американски и југословенски филмови од педесеттите години на минатиот век, преземени од д-р Бранислав Светозаревиќ, испишани на македонски јазик, кои одлично ќе ја отсликаат кино-атмосферата во Македонија во тој период.

Меѓу филмските наслови се среќаваат: „Александар Невски“, „Багдадскиот крадец“, „Барба Жване“, „Белиот песјак“, „Војникот Александар Матрозов“, „Глинка“, „Големиот диктатор“, „Госпoѓа Бовари“, „ Ќе живее овој народ“, „Коњче-Грбанче“, „Легенда за сибирската земја“, „Насредин во Бухара“, „Ние од Кронштат“, „Острово на закопаното благо“, „Плави 9“, „Стењка Разин“ и многу други.

Извор:https://www.radiomof.mk/

 

ОкоБоли главаВицФото