Разбирање на мотивите и разбивање на предрасудите: за Заробениот ум од Чеслав Милош

18.02.2021 13:11
Разбирање на мотивите и разбивање на предрасудите: за Заробениот ум од Чеслав Милош

Во реалноста, причините за „човечкото дејствување се комплицирани и не можат да се сведат на еден мотив“ (14), вели Чеслав Милош во својата книга Заробениот ум. Голема придобивка е што Заробениот ум на Милош (објавен за првпат во 1953 година) сега можеме да го читаме и на македонски, во издание на Бегемот (2019), во превод на Филип Димевски. Голема придобивка е бидејќи – и покрај промената на политичкиот систем во Источна Европа од времето кога пишува Милош и освен историската важност што ја има – оваа книга е сè уште релевантна од многу причини. Затоа што настојува да ги разбере, преку сеопфатна анализа, комплексните причини зад она што навидум изгледа како лесно прифаќање на догмите. Затоа што механизмите за контрола на умот што ги практикуваат различни групи на моќ, но и механизмите за сопствено заробување на умот, се суптилно присутни и во денешните општества, а не само во тоталитарните режими.

Доследен на принципот на одбивање да носи симплифицирани заклучоци, Милош ги анализира и ги поткопува предрасудите на западниот човек за тоа зошто голем број интелектуалци од Источна Европа во 1940-ите и на почетокот од 1950-ите години решиле да го прифатат сталинизмот; како и предрасудите на луѓето од Источна Европа дека народите од западните земји се површни материјалисти.

Она што во Заробениот ум се нарекува Методот се однесува на дијалектичкиот материјализам врз кој сталинизмот, или Новата вера, го темели своето владеење и воспоставува механизми на контрола. Низ голем број примери, Заробениот ум покажува дека во стварноста понекогаш Методот не функционира, но да се признае тоа би значело да се загрози надмоќта на Москва. Затоа, комунистичката власт секогаш инсистирала на доследноста на Методот, кој во пракса често се сведувал на извртување на фактите од реалноста со цел тие да се усогласат со наметнатите принципи на Методот. Кога расудувањето е целосно усогласено со Методот, а притоа наидува „на контрадикторност со реалноста,“ тогаш се „наложува да се игнорира емпиријата“ (80). И денес идеологиите секаде, вклучувајќи ја и Македонија, функционираат на ист начин: да се игнорира искуството или да се извртат фактите од реалноста за да се усогласат со принципите на идеологијата што се застапува.

Според Милош, сосема е погрешно општоприфатеното мислење на запад дека сталинизмот се одржувал во Источна Европа само низ употреба на присила. Всушност, според Милош, успехот на сталинизмот е комбинација на присила, но и на други фактори што не смеат да се занемарат, меѓу кои еден од поизразените е внатрешната човечка потреба за рамноправност и хармонија.

Во однос на книжевноста, Милош објаснува зошто уметниците го напуштиле експериментирањето и се приклониле кон социјалистичкиот реализам при крајот на триесеттите години од дваесеттиот век. „[М]ојата поезија, како француската поезија што особено ја почитував, беше малку разбирлива и блиска до надреализмот“ (11). Но подоцна, под окупацијата тој се здобива со поголема свест за општественото значење на литературата, а нацистичките свирепости во голема мера влијаеле врз содржината на неговите творби; „едновремено, мојата поезија стана поразбирлива – како што обично се случува кога поетот сака да им пренесе нешто важно на читателите“ (12). Кога уметникот се соочува со трагични настани од огромни размери и живее сред суровоста на терор или војни, тогаш во прв план избива пораката на сметка на формално-естетските експерименти, а симболичните значења делуваат несоодветно. „Кој и да видел милионски град престорен во прав, километри улици на кои не се задржала ниедна трага од живот [...] – тој со иронија се потсетувал на описите на велеградскиот пекол кај современите поети – всушност, пеколот на нивните души. Вистинската ‘пуста земја’ е многу пострашна од имагинарната“ (302).

Централниот дел од книгата е фокусиран на писателите во Полска за време на Втората светска војна и веднаш по нејзиното завршување, кои долго време биле во дилема дали да се приклучат кон комунистичкиот режим или да му се спротивстават – по што некои го избрале едниот правец, а други другиот. Се даваат портрети на четворица полски интелектуалци (наречени во книгата Алфа, Бета, Гама и Делта) кои се приклониле кон комунистичкиот режим, а Милош, иако се спротивставува на нивната одлука, се обидува објективно да ги претстави и да придонесе кон разбирање на нивните мотиви, укажувајќи на тоа дека би било премногу симплифицирано сфаќањето дека тие треба брзо и лесно да се осудат.

Така, Алфа, на пример, пред Втората светска војна објавувал раскази во десничарски наклонет неделник, што во тоа време не уживал добро мислење во јавноста. Според Милош, ставот на Алфа бил метафизички и трагичен, а најмногу го мачело прашањето за моралната чистота и чистотата на тонот. Но неговите гледишта се менувале, а неговиот авторитет како книжевник особено дошол до израз за време на војната, кога се организирале тајни книжевни читања и се објавувале тајни публикации како знак на отпор против германскиот фашизам. Алфа бил забележан од комунистичката власт што се инсталирала во Полска по војната со ветувања дека ќе ја обнови земјата, која барала соработка со него, а на која тој се согласил откако бил сведок на ужасите на фашистичката окупација.

Голем дел од недоразбирањата меѓу Источна Европа и западот, особено Америка, Милош го гледа во сосема различните општествени и културолошки услови во кои тие се наоѓаат и погрешниот обид на нивните граѓани да ја изедначат туѓата состојба со својата. На пример, упатувајќи на прашањето што еден негов пријател му го поставил и кое често го слушал во својата земја – дали Американците се површни, Милош смета дека оваа предрасуда се должи на тоа што источноевропскиот граѓанин е воспитуван во земја во која традиционално постоела поделба меѓу „интелигенција“ и „народ“, па „тој, пред сè, ги бара идеите што ги создава интелигенцијата, која е зародиш на револуционерните промени“ (59). Наидувајќи на општество во кое нема таква поделба, „со тешкотии се снаоѓа со толку антиконцепциски материјал на опсервација“ (59). Луѓето од Западот им се чинеле на источноевропските интелектуалци како површни и несериозни и поради тоа што „не ги доживеале искуства што ги учат за релативноста на нивните заклучоци“ и мисловни навики (53). Всушност, Првата и Втората светска војна во Европа ги откриваат исконското насилство и разногласијата што постојат под тенкиот слој на цивилизацијата, што Америка на свој терен не го почувствувала во толкава мера. Бидејќи луѓето во земјите на Запад, а особено Американците, „се родиле и израснале во одреден општествен поредок и во одреден систем на вредности, сметаат дека друг поредок мора да биде ‘неприроден’ и дека тој нема да успее да се одржи како спротивен на човечката природа. А, сепак, и нив може да ги стигне оган, глад и меч“ (53). Истовремено, и жителите на Источна Европа, чија перспектива исто толку се должи на околностите во кои израснале, сметале дека знаат повеќе од жителите на западните земји зашто умеат да размислуваат социолошки и историски, со разбирање за нестабилноста и подложноста на промени на секој воспоставен систем на владеење.

Книгата Заробениот ум нуди разбирање на процесите, начините на размислување и мотивите за дејствување во рамки на комунистичкиот систем. Таквото разбирање на комплексните мотиви за дејствување е неопходно и денес, и во секој општествен систем. Милош го разбива и цврсто втемеленото гледиште дека само личностите со силен ум и интегритет успеале да се спротистават на тоталитарниот режим и да станат дисиденти. Всушност, според него, дисиденти станале не секогаш оние со најсилен ум, туку оние со најслаб „стомак“ – односно, оние кои не можеле да ги поднесат притисоците на репресијата. Разумот може сè да рационализира, вели често Милош, и може да си најде оправдувања зошто прифаќа некои навидум нечесни работи; но психата може да поднесе само ограничена количина репресија.

Слики: Martin Jonsson

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото