Визија, трансформација: утопии, дистопии и други замислени светови

01.12.2023 17:34
Визија, трансформација: утопии, дистопии и други замислени светови

 

Вовед во книгата „Визија, трансформација: утопии, дистопии и други замислени светови“

 

Неодамна еден пријател ме праша што за мене е утопија. Обично, кога некој феномен ми е подобро познат, не можам да одговорам брзо – ми треба време да размислам што да издвојам од сите информации што ги памтам. Со книжевни утопии и дистопии поинтензивно се занимавам петнаесетина години и постојат десетици дефиниции и стотици посеопфатни гледишта за тоа што е утопија, па одговорот, како и за сите комплексни феномени, е тежок и секогаш нешто ќе се пропушти. Сепак, иако одговорот во вид на некаква дефиниција е посложен, ми дојде веднаш да дадам субјективен одговор на прашањето: утопија е место каде што луѓето се слободни, неугнетени, доброволно присутни – добра основа за среќа – на пример, кафана со драги пријатели; или наставни часови, односно мојата замисла за тоа какви треба да бидат.
И кога се протегаат на цело едно општество, а не само на некој ограничен простор, сите утопии се базираат на тоа како да воспостават општество во кое луѓето ќе бидат слободни и среќни. Дури и дистопиите се засноваат врз идејата да се воспостави поредок во кој сите ќе бидат еднакви, но бидејќи користат различни методи за да го постигнат тоа, методи кои најчесто се во спротивност со воспоставувањето услови за среќа, овие општества се претвораат во изрази на терор и страв.

Оваа книга се занимава со анализа на замислени светови, со утописки или дистописки елементи, во неколку литературни дела. Поделена е на три главни целини.
Првата истражува книжевни утопии и дистопии во потесната смисла на зборот, како претставување замислени општества кои во дел од политичкото уредување се поинакви од реалноста на авторите. Овој дел почнува со преглед на развојот на утопискиот жанр, кој покажува голема виталност и флексибилност, и кој покажува дека визиите за подобрување на животот се сè уште можни, а продолжува со детални анализи на неколку дистописки дела.
Втората целина се состои од неколку текстови за серијата Игра на тронови (и, делумно, серијата книги Песна за мразот и огнот), како замислен алтернативен свет кој одбива да ги дехуманизира своите ликови, ги прекршува и надминува наративните, идеолошките и другите конвенции на жанрот фантастика, ги поддржува општествените промени што носат поголема интегрираност, никогаш не запаѓајќи во носталгија или идеализирање.
Третата целина вклучува текстови кои преку пристапот на обработка или преку содржината на анализираните книжевни дела се занимаваат со алтернативна интерпретација на некои нивни аспекти.
И покрај тоа што оваа монографска студија го истражува феноменот на утописка/дистописка литература, овде не се вклучени некои мои статии за македонските дистопии бидејќи тоа истражување сè уште трае и, се надевам, од него ќе произлезе и посебна книга за македонската утописка и дистописка литература.

Освен во однос на истражувањето литература што се занимава со алтернативна стварност, друга заедничка нишка во оваа книга е методот на анализа. Имено, при анализа на книжевните дела најчесто тргнувам од постојните осврти, влегувајќи во дијалог со или спротивставување на претходно напишаното, како предизвик и основа на научен развој. Така, дури и кога книжевните дела што се дискутираат не спаѓаат во утопискиот жанр во построга смисла на зборот, пристапот на обработка – да се понуди алтернативно толкување на создадениот книжевен текст – е карактеристичен за пристапот што утописките/дистописките дела го заземаат кон стварноста.
На пример, поглавјето за расказот “The Minions of Midas” на Џек Лондон дава перспектива различна од онаа на критичките осврти што постојат за овој расказ, а кои тврдат дека наративната постапка го прави овој расказ неефективен и дека тој стои во одбрана на насилните постапки на организацијата чие име е наслов на расказот. Во делот за Игра на тронови, наспроти досега објавените текстови во водечките американски и британски медиуми кои остро го критикуваат крајот на серијата како разочарувачки, тврдам дека крајот е обмислен во согласност со идеите за кои се застапува серијата уште од самиот свој почеток.
Монографијата се состои од текстови што ја истражуваат утопијата (општ термин што често во теоријата ги вклучува и дистопиите и антиутопиите) и како феномен и како пристап. Дел од текстовите се пишувани на македонски, дел на англиски јазик, а списанијата и книгите каде што првично се објавени се наведени на крајот од книгата, во делот „Библиографски податоци за текстовите“.
Насловот Визија, трансформација се однесува на целта на утопиското размислување, не само како книжевен жанр, туку и како општествен феномен, и како човечка тенденција, и како израз на надеж. Заеднички напор е создавањето визија која некогаш (иако не секогаш) доведува и до трансформација на постојните општествени и меѓучовечки односи.

Книгата „Визија, трансформација: утопии, дистопии и други замислени светови“ на Калина Малеска е достапна на следниот линк

Слики: Simon Prades