Што се случува со дел од македонските писатели?

15.03.2017 15:01
Што се случува со дел од македонските писатели?

Дел од македонските писатели се најдоа, свесно или несвесно, во слична ситуација во каква што се најдоа четворицата писатели кои ги опишува Чеслав Милош во Заробениот ум, нарекувајќи ги Алфа, Бета, Гама и Делта, а кои Милош ги познавал лично (со едниот од нив бил и близок пријател). Она што е заедничко за сите четворица е распадот на нивниот интегритет во процесот на отпочнување соработка со комунистичката власт во Полска по Втората светска војна. Сите четворица, на свој различен начин, со сопствена поетика, пишувале романи, раскази или поезија што по многу карактеристики се издвојувале како впечатливи – начините на кои ова го постигнувале, Милош детално ги опишува во својата книга. И потоа, зближувајќи се со власта од различни мотиви – позиција, финансиски сигурност, страв, заеднички непријател (Бета бил во концентрационен логор) или дури и искрена верба во начелата на еднаквост што на почетокот од своето владеење ги промовирала власта во Полска – секој на свој начин, почнувал да прави сé поголеми компромиси и во своето пишување и во своите јавни настапи за да се доближи до дискурсот на власта. Од писатели со личен и писателски интегритет, четворицата се распаднале во марионети чиј говор и писмо се само заслепено, некреативно, необмислено, неаргументирано ехо на начелата на власта.

Во своите јавни настапи, било во пишаните или во електронските медиуми, преку писма и говори, дел од македонските писатели, осовено во последниве денови, застанаа во одбрана на истите оние манипулативни искази што ги застапува и повторува ВМРО-ДПМНЕ. На тој начин, свесно или несвесно, тие западнаа во тешки контрадикторности што не може да ги објаснат со ниту еден аргумент.

Најголемата контрадикторност се состои во тоа што истите изјави во кои тврдат дека го бранат македонскиот јазик се највидливите показатели за распадот на македонскиот јазик до кој доведоа овие писатели, бранејќи го.

Во своите искази, тие го претворија македонскиот јазик во алатка на пропаганда и инструмент на страв. Го сведоа на повик за мобилизација, со канонади од реченици какви што се наоѓаат на пропагандни материјали чија цел е разгорување омраза и гнев. Го лишија од неговиот потенцијал да воспоставува логични причинско-последични врски, да нуди аргументи и да изразува различни гледишта на илјадници начини. Го лишија од способноста промислено и суштински да ги протолкува причините за кризата во која се наоѓаме. Го сведоа на средство за креирање лаги со тоа што (како што во Манџуриски кандидат, кога ќе слушне определена формулација, човекот почнува автоматски да постапува, целосно исклучувајќи го свесното резонирање), место своите ставови за кое било политичко, меѓуетничко или безбедносно прашање да ги пренесат автентично, на свој начин, тие ги изговараат истите клонирани, роботизирани реченици што одново и одново ги повторуваат претставниците на владејачката партија. Но на претставниците на власта тоа им е веројатно единственото што го знаат. Кој е изговорот на писателите блиски до власта за предизвикување распад на македонскиот јазик во нивните искази?

Заборавија, како Алфа во Заробениот ум, дека дури и кога е можно искрено да се согласуваат со некои ставови на власта, писателите никогаш не треба да ги поддржуваат оние кои ги имаат во свои раце инструментите на моќ. Заборавија, како полковник Џол од Чекајќи ги варварите на Куци, дека заканата можеби не доаѓа од оној правец од кој им се чини дека доаѓа и дека ако внимателно да размислат, ќе го увидат тоа. Заборавија, како повеќето ликови од Приказната на робинката на Атвуд, дека државите се создадени за да ги бранат интересите на луѓето и дека кога животот на поединецот нема вредност, тогаш и целата држава ја губи својата смисла. Заборавија, како сите освен Винстон Смит во Илјада деветстотини осумдесет и четврта на Орвел, колку е важно да се негува способноста на јазикот да се служи со аргументи зашто само таков јазик може да доведе до напредок, до здраво и стабилно општество. Како читаат книги овие писатели, штом ништо не успеваат да научат од нив?

Слики: I. Boinot

ОкоБоли главаВицФото