Бранимир Јовановиќ: Не сум убеден дека Македонија сака да учи и да слуша совети

08.04.2021 14:39
Бранимир Јовановиќ: Не сум убеден дека Македонија сака да учи и да слуша совети

Професорот Бранимир Јовановиќ го знаеме повеќе години, како енергичен поборник за работничките и социјалните права, и за намалување на финансиската нееднаквост во општеството. Своите заложби се обиде да ги оствари од позицијата советник на министерот за финансии, но во Министерството остана само околу две години. Денес работи како експерт за Балканот, во Институтот за меѓународни економски студии во Виена. Го побаравме Јовановиќ таму, да го прашаме за неговите размислувања во врска со економскиот аспект на актуелната пандемија, како и за перспективите на Македонија во наредниот период.

Бранимир Јовановиќ

Корона-пандемијата исфрли на површина две доминантни кризи: здравствената, која е убиствена, и економската, која е опасно ерозивна за општеството. Најчестиот одговор на владите за вторава е задолжувањето – се земаат кредити во разни форми, за да се помогне на стопанството, населението, институциите… Како го оценувате досегашното справување на македонската влада со економскиот аспект на кризата, и гледате ли некаде во светот позитивен пример, со креативни и одржливи решенија, кој би можел да се следи?

Гледано на агрегатно ниво, Македонија не помина толку лошо во кризавa. БДП падна 4,5 проценти, што е на „златната средина“ за цела Европа, и е практично враќање на нивото од средината на 2018 година. Тоа не е страшно. Страшното е дека не осиромашија сите само 4,5 проценти. Послабите осиромашија многу повеќе, а помоќните воопшто и не осиромашија, туку се збогатија. Според едно истражување кое неодамна го објавивме, кризава најмногу ги погоди оние со примања околу минималната плата, жените и младите. Тие остануваа без работа и имаа кратење на платите, додека најбогатите добиваа помош од државата за да ги задржат профитите, и во кризава. Кризава, всушност, го покажа вистинското лице на денешниот неолиберален капитализам, а тоа е дека тој работи само за мал дел од луѓето, а сите останати ги третира како средство за зголемување на богатството на првиве. Вака беше не само во Македонија, туку и во повеќето земји во светот. Позитивните примери беа малку, и беа земјите со хибридни економски системи, како Кина и некои други азиски држави, државите на благосостојба, како нордиските земји и Нов Зеланд, и земјите во кои владите потрошија многу пари за да ја ублажат кризата, како Србија. Така што, ако има нешто позитивно од кризава, тоа е што покажа дека решението на проблемот е поголема улога на државата во економијата. Но, и покрај тоа, многу малку гледаме решителност за крупни, структурни промени, било каде во светот. Големите кризи низ историјата обично биле повод за големи промени во економско-социјална сфера. На пример, денешниот систем на социјална заштита, со задолжително здравствено и пензиско осигурување на работниците, е поставен по Втората светска војна. Но сега, со оваа криза нема такви назнаки. Единствениот призрак на надеж доаѓа од Америка, со најново најавениот план за јавни инвестиции од 2.000 милијарди долари, финансирани од повисоки даноци за компаниите. Но, уште не е јасно дали овој план ќе помине, и ако помине, дали ќе остане само изолиран случај или ќе се прошири и во други земји од светот. Можеби е и сè уште рано за да видиме поголеми промени.

Дали ќе биде Македонија способна да ги враќа кредитите, односно до кога ќе може да функционира сегашниот (и во минатото) принцип: земи нов, за да вратиш стар, при што новиот е барем за малку повисок од стариот? Ќе дојдеме ли во еден момент до ѕид, кога ќе бидат доведено во прашање исплаќањето пензии, плати, социјални трансфери…, или ова ќе биде можно да се прави уште долго?

Задолжувањето во оваа криза беше оправдано. Државите мораа да се задолжат, за да имаат пари да ги поддржат своите економии, за тие да ја пребродат кризата. Економистите беа согласни како никогаш околу ова, и сите држави во светот го направија истото. Така што, тоа што издадовме еврообврзници и лани и оваа година, во вкупен износ од 1,4 милијарди евра, самото по себе не е проблем. Проблемот е како ќе се потрошат тие пари. И за жал, дел од нив веќе се потрошија погрешно, односно завршија како државна помош на фирми кои не плаќаат даноци, фирми кои профитираа и во кризава, и фирми кои им припаѓаат на најбогатите луѓе во Македонија. Проблемот е и како ќе се вратат тие пари, односно, дали ќе ги вратат сиромашните или богатите. За жал, и околу ова видовме погрешни чекори во кризава. Видовме дека се зголемија цената на струјата и акцизата на горивата, што е своевидно даночење на сите, наместо да се даночат богатите. Затоа, она за што треба да се прави притисок сега е парите од задолжувањето да се искористат за општествено корисни и продуктивни работи, како инвестиции во зачувување на животната средина, иновации, образование и здравство, и долговите во годините што следуваат да бидат вратени со даночење на оние кои имаат, а не на оние кои немаат.

Вашето заминување од Владата (со министерот Драган Тевдовски) претставуваше одредено разочарување кај не баш мал дел од јавноста. Тоа беше времето кога се бараше првата „метла“, но повеќето очекуваа некој друг да биде „изметен“, а не вие. Дали Владата на Зоран Заев тогаш ја напушти социјалната компонента, препуштајќи се целосно на „бизнис-заедницата“, или всушност, никогаш вистински немала социјална компонента?

Владава несомнено имаше одредена социјална компонента на почетокот, веројатно како ниедна друга влада досега. Една од првите работи кои ги направи беше покачувањето на минималната плата на 12.000 денари (за цели 2.500 денари, а не како сега, за 200 денари). Се реши веднаш и проблемот со стечајците, кој претходните влади не сакаа да го решат со години. Во првите година и пол се зголеми и минималната помош, се врати и прогресивниот данок. Колку и да се симболични овие работи, сепак ѝ даваа социјална нота на владата. Но, откако беше сменет Драган Тевдовски, колата тргна надолу. Веќе немаше кој да прави противтежа на бизнисмените во владата, Мила Царовска едноставно не беше доволно моќна. И владата оттогаш стана типична либерална про-бизнис влада. Вистинскиот проблем со оваа влада е што таа нема јасен идентитет, не знае што сака да биде. Груевски, на пример, беше јасен, тој сакаше да биде дуинг-бизнис, дил-ориентед политичар, него работниците и сиромашните не го интересираа. Оваа влада го сака истото, ама сака истовремено да биде и „левичарска“, односно, да добива поени и гласови на левичарски пароли. А тоа е просто невозможно. И тоа е најголемата грешка на Заев во економската сфера, тоа седење на две столици. Дури и денес тој постојано изјавува на интервјуа „јас сум левичар“, „ние сме левичарска влада“ и слично. Тој веројатно и го мисли тоа, мисли дека е левичар, но има погрешна перцепција за тоа што значи да бидеш левичар. Премиерот смета дека левичарство е ако дадеш 1.000 денари на питач, додека ти носиш облека од 1.000 евра, а не сфаќа дека левичарството значи да создадеш услови во државата да нема питачи, и оти тоа не може да се постигне со политики кои им одговараат на олигарсите.

Таканаречениот неолиберален концепт на економија не е овде присутен од вчера. Ние, кои сме малку повозрасни, паметиме дека уште во социјализмот, економските експерти и професорите прилично агресивно ги промовираа идеите за „слободен пазар, приватна иницијатива, мал државен буџет, немешање на државата во економијата итн“. Тоа се добри идеи, но во неподготвени услови, може да бидат и опасни. Со оглед на нивната вкоренетост кај политичките партии, институциите, новите економски експерти, па дури и во јавната свест, верувате дека е можна некоја нова економска мисла во Македонија?

Мислам дека не е можна. Економската мисла во Македонија е толку неолиберална, што мислам дека нема алтернатива. На економските факултети се учи само тоа, па економистите кои завршуваат студии и не знаат за ништо друго. И тоа не само сега, туку со децении. Уште во мое време беше така, пред 20 години, со тоа што ние имавме сè уште останато нешто од социјалистичкото основно образование, а денес ни тоа го нема. И состојбата само се влошува. Во Македонија веќе нема универзитетски професори по економија кои би можеле да се наречат левичари. До пред некое време можеби имаше неколкумина, но веќе не. И не знам ниедна друга земја каде а така. Од регионот, ги знам делумно економските кругови во Србија, Босна и во Хрватска, и сите се далеку подобри од Македонија во овој поглед. Да не зборувам за Австрија, Италија и Англија, земји во кои научно сум работел, каде за социјализмот сè уште се прават сериозни научни истражувања, а Маркс е постојана референца.

Во еден од новите извештаи на Институтот за политички студии се вели дека во периодот од 18 март 2020 до 18 март 2021, богатството на 2.365 светски милијардери, е зголемено за речиси четири билиони долари (4.000 милијарди долари). Во екот на пандемијата! Тоа се пари доволни да се задоволат егзистенцијалните потребите на сите кои останаа без примања поради рестриктивните мерки, и да се купат вакцини за секого. Ќе може ли светот да ја издржи ваквата себичност?

Да, светските милијардери се збогатија за околу 4.000 милијарди долари за време на пандемијава, исто онолку колку што осиромашија работниците во целиот свет. Тоа е економскиот биланс на пандемијава – зема од сиромашните, им даде на богатите. Односно, не го направи тоа пандемијата, туку политичарите, кои се во рацете на милијардерите. Најголемата симболика беше кога најбогатиот човек на светот, Џеф Безос, кој се збогати за време на пандемијата за околу 70 милијарди евра, одби да одговара пред американскиот Сенат, на покана на сенаторот Берни Сандерс, за растот на нееднаквоста за време на пандемијата. Се виде дека најбогатиот човек на светот е над највисокиот законодавен дом на најмоќната држава во светот. Компанијата на тој човек, „Амазон“, е актуелна во периодов затоа што ги спречува работниците во еден нивен погон во Алабама да се организираат во синдикат. Просто неверојатно, но за жал вистинито, работниците се жалат дека немаат доволно време за одење во тоалет, поради што се принудени да уринираат во шишиња додека се на работните места! И кога работите ќе добијат такви димензии, едноставно стануваат неодржливи и почнуваат да пукаат. Затоа и ги видовме протестите на движењето „Црните животи значат“ за време на пандемијата, затоа што Црнците, кои се сиромашните и работничката класа во Америка денес, сè уште се третирани како робови. Затоа и падна Трамп, затоа и Бајден сега има дури и зачудувачки леви предлози, како најновиот, за даночење на големите компании и инвестирање на тие пари во инфраструктура. Предлогот наидува на огромен отпор од корпорациите и прашање е што од него ќе се реализира на крај, но доколку нема промени на постојната ситуација, не само во Америка, туку во скоро сите светски земји, ќе гледаме сè почесто протести.

Веќе неколку месеци живеете и работите во Австрија. Дали таму гледате поголема општествена солидарност – и меѓу институциите, и меѓу граѓаните – отколку во Македонија?

Многу поголема. Највпечатливо ми беше што кога се донесе одлуката за „локдаун“ во октомври, односно, за затворање на сите продавници, освен оние за храна и лекови, комората тука ја поздрави таа одлука, изјавувајќи дека е време да се внимава на здравјето. Во Македонија такво нешто е просто незамисливо. Австрија е позната по социјалниот дијалог и договарањето, тука сè се договара заедно со синдикатите и коморите, и тоа не е само формално, туку навистина системот функционира на принцип на договарање и соработка. Виена пак, е посебен случај, затоа што го има наследството на Црвена Виена, вториот социјалистички град во Европа, по Париската комуна. Виенчаните имаат посебен идентитет од австрискиот, со гордост истакнуваат дека тука на изборите секогаш победуваат социјалистите, дека десничарите никогаш не победиле. Позната е нивната станбена политика, наследство од Црвена Виена. Околу половина од становите во градот се во јавна или задружна сопственост, и тие се изнајмуваат по строго регулирани и многу достапни цени, поради што и многу од луѓето тука не купуваат станови, туку изнајмуваат цел живот.

Какви се проценките, Вашите и на луѓето чија работа ја следите, за исходот од сегашната ситуација? Кога би можело да се очекува т.н. враќање во нормалноста, и дали таа нормалност ќе биде многу поинаква од онаа пред почетокот на 2020 година?

Во поглед на економската активност, т.е. БДП, светот се очекува да го достигне нивото од пред пандемијата веќе оваа година. Со тоа што има големи разлики меѓу одделните земји. Кина и Америка ќе имаат многу силен раст оваа година (Кина околу 8-8,5 проценти, од познати причини, Америка од 6-6,5 отсто, поради зголемените трошења од страна на државата), за разлика од Европа, која ќе каска, со раст од околу 4 насто, поради бавниот и неефикасен процес на одлучување. Македонија се очекува да порасне исто околу 4 проценти, и да го достигне преткризното ниво во 2022 година, исто како повеќето европски земји. Србија важи за одличен пример – таа и во 2020. беше една од најдобрите европски економии, со пад од само 1 отсто, поради силната поддршка од страна на државата, а и во 2021 се очекува да биде исто така, поради одличната вакцинација. Како ќе изгледа светот по пандемијата, на некој среден рок, никој во моментов не може да каже, но историски гледано, по вакви големи кризи, светот никогаш не бил ист. Работите ќе зависат од политичките процеси, од тоа дали политичарите ќе сакаат да одговорат на барањата за промена или не. Засега, сигналите за такво нешто се многу слаби, особено во Европа, која си продолжува по старото. Ако остане така, незадоволството ќе расте, ќе гледаме социјални немири и јакнење на радикалните струи, за жал, пред сè на националистичките и десничарските, како одговор на неспособноста на ЕУ. Но, можеби е сè уште рано за да се видат промените.

Што гледате како најголема опасност за Македонија во иднина, покрај економските аспекти: руинирањето на образованието, иселувањето на младите, политичките превирања, кадровските политики, немањето визија за развој…?

Сè ова, но особено иселувањето на квалитетните луѓе. Македонија, за жал, има сè помалку квалитетни луѓе, во која било област. А без квалитетни луѓе, не можат ни да се очекуваат промени. Друг многу сериозен проблем, кој постојано се игнорира, е нефункционалноста на државните институции. Примери за ова има секојдневно, но пред некој ден шокираше случајот со премрзнатиот овчар кој мораа да го носат на раце пет саати, затоа што државните служби не можеле да испратат хеликоптер или возило. Значи, институциите се тука, барем на хартија, постојат и Дирекција за заштита и спасување, и Центар за управување со кризи. Државата има и многу џипови и хеликоптери, со нив политичарите редовно се возат. Но, кога ќе им затребаат тие на обичните луѓе, системот потфрла и институциите не функционираат. И ова е последица на тоа што со децении се игнорира проблемот со нефункционалните институции, и од страна на политичарите, и од страна на јавноста. Политичарите гледаат само како да ги вработат партиските војници некаде „државно“, а јавноста гледа само да ги плука државните институции како нешто непотребно, како неработници и џаболебари, без да даде конструктивен предлог како да се подобрат работите. И тука доаѓаме до третиот проблем, а тоа е негативната, деструктивна, плукачка атмосфера во јавноста, која секоја промена ја дочечува на нож. Дури и да има најчесни луѓе, со најдобри намери, кои би дошле на власт, тие во моментов не би можеле да направат никаква покрупна промена, затоа што јавноста нема да има доверба, и ќе се спротистави. И ова е очекувано, затоа што јавноста со децении наназад постојано е изневерувана од страна на политичарите кои ветуваат сè и сешто, а ништо не остваруваат. Но од друга страна, без доверба и поддршка од јавноста, промените се невозможни, а довербата во моментовја нема. Ќе биде потребно време за таа да се врати, обично тоа се случува по големи социјални случувања, како што беа протестите против груевизмот кај нас, или неодамнешните протести за црнечките животи во Америка. Така што, мислам дека на Македонија ќе ѝ биде потребна уште една голема општествена криза, за да повторно добие шанса да тргне по правиот пат.

Со што поконкретно се занимавате во Институтот за меѓународни економски студии во Виена? Ќе може ли нешто од тоа да има примена кога ќе се вратите дома?

Институтот е еден од водечките светски институти за земјите од Источна Европа. Постои повеќе од 40 години, вработува околу 50 економисти. Работиме на разни економски истражувања и проекти поврзани со земјите од Источна Европа. Во моментов имаме околу 50 проекти, буквално од сите области – странски инвестиции, миграции, нееднаквост, социјални политики, загадување, даноци… Јас сум експерт за Балканот на Институтот, ги покривам балканските земји. Долги години на оваа позиција беше Владимир Глигоров, но тој отиде во пензија. Има многу работи што можат да се научат од Институтот, и од самиот начин на работа и организација, бидејќи станува збор за врвен институт, со одлични професионалци, но и од истражувањата кои ги правиме, кои се применети и се наменети за креаторите на политиките. Но да бидам искрен, не сум убеден дека Македонија сака да учи и да слуша совети.

Слики: Naftali Beder

 Извор: novatv.mk