С. Македонија со мал напредок, но останува меѓу најлошите во регионот според ЛГБТИ правата

17.05.2021 13:31
С. Македонија со мал напредок, но останува меѓу најлошите во регионот според ЛГБТИ правата

Северна Македонија се најде на 31-то место од 49 земји во Европа според почитувањето на човековите права на ЛГБТИ заедницата, во најновото рангирање за 2020 година кое го спроведува ЛГБТИ организацијата ИЛГА-Европа.

Со само 27% реализација на законите и политиките кои влијаат на животите на ЛГБТИ луѓето, земјава во споредба со минатогодишното рангирање има напредок од само две позиции и само два проценти подобрување во поглед на регулативата. Тоа беше доволно за да се најде во долната половина на листата која ја предводи Малта со 94%, а најлош е Азербејџан со само 2% реализирани закони и политики.

Северна Македонија е меѓу најлошо позиционираните држави за ЛГБТИ луѓето во Балканскиот регион. Водечка е Црна Гора (11-то место) по што следуваат Грција (18), Хрватска (19), Словенија (20), Босна и Херцеговина (21), Косово (24), Албанија (26), Србија (28). Полоши од земјава се само Бугарија (37-мо место) и Романија (38).

Во делот од извештајот за Северна Македонија издвоени се повеќе примери на случаи во кои изминатата година биле прекршени правата на ЛГБТИ лица. Истовремено од ИЛГА-Европа за подобрување на состојбите препорачуваат воведување закони за говор на омраза кои експлицитно ќе опфатат злостроствата засновани на сексуална ориентација и родов идентитет, законска рамка за правно признавање на родот и усвојување Национален акцискиплан за ЛГБТИ за следните пет години во кои ќе бидат вклучени и предлозите од граѓанскиот сектор и измени на Законот за семејство заради препознавање на истополови партнерства и бракови.

Според поединечните фактори, земјава има најлош скор во однос на ЛГБТИ политиките за семејството (4% исполнети критериуми) и правното родово признавање и телесниот интегритет (5%), додека најдобро стои во категоријата на граѓански сектор (100%).

Во рангирањето за 2020 година, Малта е првопласирана со убедлива предност пред Белгија, Луксембург, Португалија и Норвешка кои ги заземаат првите пет места.

Најлошите пет европски земји за ЛГБТИ заедницата се Азербејџан, која го зазеде последното место на рангирањето, Турција, Ерменија, Русија и Монако.

Рангирањата на ИЛГА-Европа се засноваат на законите и политиките во секоја земја и нивното влијание врз животот на ЛГБТИ лицата. Организацијата разгледува поголем број на различни индикатори, кои покриваат теми од еднаквост, семејни прашања и говор на омраза, до правното препознавање на родот, слободата на изразување и правата за азил.

Извор: Радио МОФ

 

ОкоБоли главаВицФото