Новиот Супермен е геј, но и многу повеќе од тоа

10.12.2021 02:15
Новиот Супермен е геј, но и многу повеќе од тоа

Новиот Супермен, Џонатан Кент - синот на Кларк Кент и Лоис Лејн - наскоро ќе стапи во романтична врска со својот машки пријател, соопшти во октомври куќата Ди Си Комикс.

Истополовите односи се само еден од доказите колку Џонатан Кент - викајте го Џон - е различен од својот познат татко. Откако во јули годинава почна да се емитува новиот серијал „Супермен: Синот на Кал-Ел“, Џон се бореше со пожари предизвикани од климатските промени, спречи пукање во средно училиште и протестираше против депортацијата на бегалците во Метрополис.

„Идејата да се замени Кларк Кент со уште еден обичен, стрејт, бел спасител, делуваше како промашена шанса“, вели Том Тејлор, кој го пишува серијалот. Тој вели дека „новиот Супермен мораше да има и нови борби - проблеми од реалниот свет - преку кои би им се спротивставил на најмоќните луѓе во светот“.

„Излегувањето од орманот“ на Супермен, можеби и архетипски американски херој, претставува значаен момент дури и во доба кога многу стрипови ги прифатија различностите и истражуваат важни општествени прашања. Бетменовиот соработник Робин, неодамна исто така призна дека има чувства кон припадник од истиот пол.

А во новиот „Аквамен“ постои и геј црнец кој веројатно ќе стане следен херој.

Сето ова е последица на еволуцијата во индустријата која многупати се цензурираше себеси откако „Заведувањето на невините“, книга на психијатарот Фредрик Вертам од 1954 година, ги отвори прашањата за сексот и насилството и сугерираше дека постои врска помеѓу читањето стрипови и малолетната деликвенција.

Иако Супермен не е ЛГБТК херој, стручњаците за стрип велат дека ова сепак е монументален настан.

„Ова не е Нортстар, за кој не слушнала вашата тетка“, вели Глен Велдон, автор на книгата „Супермен: Неавторизирана биографија“. „Ова е Супермен. А тоа значи нешто.“

Еволуцијата имаше и некои свои противници. Некој на еден сајт коментираше дека „Марвел и Ди Си ги уништиле своите ликови за да ја задоволат 'woke' масата, која воопшто и не купува стрипови.“

Некои други ги поздравија вестите:

„Убаво е да се види дека квир суперхероите влегоа во мејнстримот. Ме радува што има главни ликови кои се како мене“, пишува во друг коментатор.

Глен Велдон вели дека промените можат да доведат и до подобри сценарија.

„Секој чекор кој од суперхеројот прави човек како нас е добар чекор“, вели тој. „Тоа ви дава пристап до различни приказни, поинтересни и потопли заплети“.

Верзијата на Супермен како Кларк Кент за првпат е претставена 1938 година. Кларк Кент се венчаше со Лоис Лејн во 1996 година. Џонатан е претставен во 2015 година и одредено време беше познат како Супербој.

Џонатан и Џеј Накамура се запознацаа во приказната објавена во август, а првпат ќе се бакнат наскоро.

„Отсекогаш велев дека секому му требаат херои и дека секој заслужува да се види себеси во својот херој“, вели Тејлор.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report

Слични содржини

Квир / Книжевност / Стрип
Квир / Стрип
Квир / Свет / Стрип
Општество / Европа / Балкан / Свет
Книжевност / Стрип / Култура

ОкоБоли главаВицФото