Геј венчање на двајца стрип јунаци

23.05.2012 10:36
Геј венчање на двајца стрип јунаци

Јавната дебата во врска со геј браковите во САД се пресели на светот на суперхероите, откако двете најголеми компании за издавање стрипови преку своите изданија го поддржаа предлогот на Барак Обама за озаконување на геј браковите.

Компанијата Marvel Comics објави дека Northstar, единствениот деклариран геј суперхерој во американскиот стрип, ќе стапи во брак со својот партнер во наредниот број.

На цртежот од изданието за следниот месец Нортстар е прикажан како го запросува видно изненадениот Кајл, додека на друг цртеж се гледа двојката пред олтар, опколена со пријателите и семејството, меѓу кои се наоѓа и Волверин.

Нортстар, чие „вистинско“ име е Жан-Пол Бебје, е канадски мутант чии натприродни моќи му даваат можност да се движи и да лета со супер брзини. Тој исто така е професионален скијач, олимпиец, писател и деловен човек кој за првпат се појави во стрипот „Alpha Flight“ од 1984 г. Својата сексуална ориентација ја призна осум години подоцна, во 1992, и официјално им се придружи на X-Men во 2002 г.

За да не останат покуси, најголемиот ривал на Марвел, DC Comics, објавија дека еден нивен јунак, за кој претходно се сметаше дека е хетеросексуалец, ќе стане геј. DC Comics не соопштија за точно кој лик станува збор, што значи дека тоа би можеле да бидат и Супермен, Бетмен, па дури и Вондер Воман (Wonder Woman).

Аксел Алонсо, главниот уредник на Marvel Comics, изјави дека одлуката да се озаконат геј браковите во сојузната држава Њујорк го навеле Нортстар да го запроси својот партнер. Тој не кажа зошто беше потребна речиси една година од усвојувањето на тој закон за канадскиот суперхерој да се реши на таков чекор.

„Кога геј браковите станаа законски во државата Њујорк, тоа иницираше логични прашања, бидејќи поголемиот дел од суперјунаците доаѓаат од таа сојузна држава“, изјави Алонсо за списанието Rolling Stone.

Northstar и Kyle во врска се од 2009 г., но Марвел не ветуваше дека ќе живеат среќно до крајот на животот. Всушност, Марвел поставува прашање во најавата на венчањето: „Дали нивниот пат кон бракот во Њујорк ќе биде мазен или постојат скриени закани кои демнат зад аголот?“

Нортстар е првиот деклариран хомосексуалец во стриповите и тој е во долга врска со својот партнер Кајл, така што сега се поставува големото прашање колку тоа ќе ја промени нивната врска“, наведува Алонсо.

„Нашите стрипови отсекогаш реагирале и ги одразувале случувањата во реалниот свет. Тоа го правевме со децении и овој потег е само последен израз на истото тоа.“

Извор: e-novine

You Sir/Madam are the enemy

You Sir/Madam are the enemy of cnofusion everywhere!

Слични содржини

Квир / Стрип
Квир / Книжевност / Стрип
Општество / Свет

ОкоБоли главаВицФото