Кактус

13.12.2021 11:48

‒ Земи си нешто за спомен од куќата на баба ти, ми рече една од стрините. Се поврткав тие неколку часови по погребот низ сите соби. Седнав дури и на нејзиниот кревет. Тој сè уште мирисаше на домашен сапун. И на леб. Дури со раката ја погалив нејзината празна перница.

Во дворот, веднаш до големата дрвена порта го видов кактусот во саксијата. Го зедов. Во едната рака патната торба, во другата него. Се качив на автобус. Го држев сето време в скут. До Белград имаше некои 70 километри. До ноќниот воз за Скопје, имав десетина часа чекање. Торбата ја оставив во гардероба. Кактусот не сакаа да го примат. И така со него се качив во трамвај. На „Кнез Михајлова” разгледував книги по книжарниците, а тој одвреме-навреме ме боцнуваше со листовите. Патуваше со мене речиси цел ден. И цела ноќ. Во возот, саксијата ја ставив на помошната масичка.

Патникот отспротива, на другата масичка распосла весник во кој имаше печено пиле и додека јадеше, ме прашуваше каде тоа сум била што толку грижливо го носам овој „куп боцки”. Не се сеќавам дали нешто му одговорив.

Баба ми, таа прва ноќ спиеше во земја. На крајот од селото.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото