Тамариска, предели

27.11.2020 20:45

Го видов лицето на дедо ми Рант Дириан утрово
иако тој никогаш не се појави пред нас, неговите внуци.
Со пајтон одел дури до Будим во 1928-та
и зад него до Сегедин свиреле унгарски цигани
со цигулки и контрабас.
Пиел од мерак и плачел потем од тага.
На враќање на баба ми Ленка ѝ носел кинески порцелан
лепези од слонова коска и безброј шапки од кадифе и тул.
Го донел првиот грамофон на навивање во Ново Село (Струмичко)
па го ставиле в недела наутро под дудинките пред кафеаната
додека во белите варосани спални на газдите брмчеле кутиите
полни со свилени кожурци
а тие двајцата, со три мали деца, седнати еден спроти друг
пиеле кафе од новите филџани.
Било тоа сред летниот јужен дел на светот:
прав по калдрмата, пазарен ден
риба од Дојран во кошеви...
Тој ѝ рекол: – Ќе бегам, Ленко, ќе бегам.
Таа гледала во дудинката, треперел лист, растел лист
растел еден кожурец закачен со свила
и децата ја влечеле за здолништето
а тој ѝ зборувал ерменски
се фаќал за срцето, смачено му е
емигрант е, туѓинец
и таа се фаќала за срцето, смачено ѝ е, емигрантка е, туѓинка
и најпосле се случило што се случи.
Не избега кутриот преку граница
ден-два потоа со пајтон отишле
до Државната во Скопје
и тука на клупата во паркот
со пусулчето препорака божем...
Таа се вратила сама со коњите
ја облекла долгата црна шамија
и јас четириесет години подоцна
уште таква ја гледам.
Од филџаните од Будим преживеа само еден
со две кинески женски фигури
со игли во косата и чадорчиња
облечени во розе свила седат под ретка крошна
сонцето ги допира нивните лица од креда...
Пиев млеко од тој филџан
и пиев вода во шаторот по земјотресот
и ги засакав двете Кинезинки од порцелан.
Утрово вртев речник со слики
и дознав дека крошната е тамариска
и означува бесмртност.
Еве ги двајцата
Рант и Ленка Дириан
седат под стеблото
и зборуваат за нас.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото