Случајот Агамбен

11.01.2022 10:33
Случајот Агамбен



По втората година од планетарната епидемија мораме помеѓу бројните девастирачки ефекти на големата катастрофа да наведеме и еден трагичен настан кој во целост ја опседна филозофијата. Ќе го наречам случајот Агамбен, не за да го објективизирам неговиот протагонист, кому, токму спротивно, му се обраќам, правејќи се дека од некаде далеку му испраќам писмо, туку за да ја потцртам важноста на тој настан. Џорџо Агамбен, ви се допаднало тоа или не, беше и е најначајниот филозоф во последната деценија, не само во европски туку и во светски контекст.

Од северноамериканските универзитетски училници до најзафрлените латиноамерикански бунтовнички групи, името Агамбен, на некој начин и независно од самиот филозоф, стана означител на едно ново критичко мислење. За припадниците на мојата генерација, кои ги проживеаја 70-ите, книгите на Агамбен – над се’ треба да се спомене „Хомо сакер. Суверена моќ и гол живот“ од 1995 – претставуваа можност не само да се испитаат вознемирувачките и авторитативни темели на неолиберализмот, туку и да се разводени псевдолевицата, која денес самата себе се дефинира како умерен прогресивизам: изостанок на каква било критика, филозофски инвентар непромислен уште од 80-ите, политичка пракса која политиката ја сведува на административно управување под диктатот на економијата. Во најдобрата традиција на 20 век – од Фуко до Арент, од Бенјамин до Хајдегер – Агамбен ни понуди вокабулар и концептуален репертоар со кој можевме барем да се обидеме да се ориентираме внатре во комплексниот 21 век. Како да ги заборавиме страниците за логорот, кој, по Аушвиц, наместо да исчезне, станува дел од политичкиот пејзаж, или оние за голиот живот, пред се’ голите животи на обесправените или страниците за пост-тоталитарната демократија која не ги раскинала своите врски со минатото?

Тоа ги прави уште потрауматични изминатите настани. На блогот Una voce (Еден глас), на порталот на издавачката куќа Quodlibet, Агамбен си зеде за задача да го коментира, на полуновинарски начин, продорот на коронавирусот. Првиот пост, објавен на 26 февруари 2020, насловен „Измислување на пандемијата“, денес одѕвонува како некое злокобно пророштво. Тогаш, сепак, Агамбен не беше единствениот кој се залажуваше дека Ковид-19 е само уште еден грип. Немаше податоци и злото уште не го беше покажало своето вистинско лице.

Во мојот личен песимизам, кој ме тераше во првите знаци да видам почеток на нова епоха, бев опкружена со луѓе кои, така ми се чинеше, преферираа да минимизираат или да негираат. За време на локдаунот сите бевме вознемирени од мерките за потиснување на вирусот, кои беа колку неизбежни, толку шокантни. Да живееме оградени со ѕидовите на домовите, ограничени на екранот, отцепени од другите луѓе и од полисот, ни се чинеше речиси неподносливо – се’ додека не дознавме за страдањата на оние кои, без здив, се борат за живот на одделите на интензивна нега.

Сликата на камионот во Бергам што превезува мртовечки сандаци за целиот свет ја означи точката од која нема враќање. Суверен вирус, кој суверенистичките режими, од оној на Трамп до оној на Болсонаро, се обидуваа на гротескни начини да го игнорираат или да го искористат за сопствени цели, се покажа во својата полна ужаснувачка снага. Со катастрофата не можеше да се управува. Таа на отворено ги изнесе кукавичлукот и неподобноста на политиката на затворените граници. Европа регираше.


Тоа беше моментот Агамбен јасно да признае: „Направив интерпретативна грешка, бидејќи пандемијата не е измислица“. Но Агамбен никогаш не го направи тоа. Неговите постови до јуни 2020 продолжија во истиот тон. Додека вестите за неговиот почетен национализам се ширеа низ странство, ги читав тие срамни написи уверена дека кошмарот наскоро ќе заврши. Тоа не се случи. Постовите стана материјал за две книги, а гласот од блогот продолжи да проповеда, за во јуни 2021 да ја достигне најниската точка со два прилози: „Граѓани од втор ред“ и „Зелена потврда“, каде Агамбеновиот грин пасот го спореди со жолта ѕвезда. Тоа беше опсцена споредба, која ги разузда најлошите движења против вакцинирањето со тоа што ги легитимизираше. Остатокот, вклучително и „Комисијата за сомнеж и внимателност“ е скорешна историја.

Разбирлива е загриженоста поради застранувањето во име на сигурноста. Политиката на страв, фобокрацијата која управува со нашите животи и воспоставува „ние“ преку предизвикување страв од она што е надвор, преку поттикнување омраза кон другиот, е феномен на актуелната политика што ги карактеризира имунитарните демократии и која ѝ претходи на пандемијата. На разни начини тоа веќе го идентификуваа бројни филозофи, социолози, економисти, политолози. Исто така, вистинито е тврдењето дека италијанскиот контекст во тој поглед е единствена политичка лабораторија.

Сепак, состојбата во која се применуваат вонредни мерки не е исто што и вонредна состојба. Потреси, поплави, пандемии, тоа се неочекувани настани со кои се соочуваме. Примената на вонредни мерки ја диктира суверената влст. Секако, едното може да прејде во другото и затоа сме свесни за замките на институционализацијата на вонредната состојба, и за заканите кои ги претставуваат тие мерки на контрола и надгледување, кои, еднаш воведени, би можеле да станат неукинливи. Вистина е, не постои влада која не би можела да извлече корист од пандемијата. Да останеме внимателни, бидејќи внимателноста е солта на демократијата.

Но да не го правиме оној последен чекор, да не застраниме во заговори. Затоа нема да речеме ниту дека епидемијата на Ковид-19 е измислица, ниту дека намерно се користи како изговор, како што тоа го изјави Агамбен во најава на својата книга: „Ако силите кои владеат со светот одлучиле да ја искористат пандемијата – во овој миг не е важно дали е таа вистинита или симулирана – како изговор...“ Да се персонализира моќта, да се претвори во субјект преку сопствента волја, да ѝ се припишуваат намери, значи да се потврди завереничката визија. А исто така, значи и да се игнорира улогата на техниката, на оној запчаник кој, како што не’ научи Хајдегер, ги користи оние кои мислат дека го користат него. Проектантите стануваат проектирани. Денес е невозможно да се согледа моќта низ која било друга призма. Токму суверениот вирус ни ги разоткри границите на моќта – неправедни, насилни, а сепак немоќни пред катастрофата, неспособни да се соочат со болеста на светот.

Не ја поддржувам распространетата верзија на противниците на теориите на завери, кои, уверени дека во своите раце држат исправност и вистина, еден комплексен феномен го редуцираат на ментален грч и лага. Со жалење велам дека Агамбен, со своите мрачни инсинуации, со изјавите за „контрукцијата на фиктивно сценарио“ и за „целовитата организација на граѓанското тело“, кои упатуваат на нова парадигма на биосигурност и некој вид терор на здравството, за жал се впишува во моменталната панорама на теории на заговор.

Како што е познато, Агамбен се најде на десницата, дури и на екстремната десница, со антиваксерско следбеништво. Одвреме-навреме дури и ги напаѓаше оние кои на левицата го бранеа планот за вакцинирање. Од друга страна, мислам дека во овие две години не потроши ниту збор на побуните во затворите, на старите луѓе десеткувани во старечките домови, на бескуќниците напуштени по градовите, на оние кои наеднаш се најдоа без работа, на доставувачите, надничарите и навидливите. Од филозоф кој не’ тераше да мислиме за голиот живот би очекувала некаков апел за имигрантите кои на европските граници се злоставувани, отфрлени или препуштени на смрт. Дури и некаква иницијатива, која, со неговиот углед, би имала одредена тежина. Ништо од тоа.

Тешко проценливата штета следи да се покаже, почнувајќи од губењето доверба во филозофијата. Ние, агамбенијанците, откако ќе ја преживееме оваа траума, ќе мораме повторно да ги промислуваме категориите, концептите, термините, а некои, како „примена на вонредни мерки“ сега веќе станаа гротескни. И ќе биде потребно Агамбен да се спаси од Агамбен, неговата оставина од ова застранување. А нема да смееме ниту само да прелетаме преку прашањата на политиката, бидејќи, на најлош начин, останавме без една од клучните референтни точки на онаа левица која не се приклонува ниту кон неолиберализмот, ниту кон верзијата на умерениот прогресивизам. Пред нас е непрооден пат.

 

Извор: Pescanik/L'Espresso
Илустрации:Franziska Barczyk

Слични содржини

Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Став / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото