Вардете ме, вардете се. И - на здравје!

21.02.2022 23:00

(...) Ме гледа богородица од пенџере единецот сепак си го брани ако ѝ е мрзлив суетен горделив псалат пилци зад неа харфи свират кимбали во погледот нејзин сепак жед за ново мајчинство ме пипка дури врвам благослов ми дава билки чемерики ми реди
глушило млечка ушолка
зрнешник плускавец фенерче
тегаец змијанец жиловка
репка трупка варзило
Чекај не врти ми го грбот црн господине одвај катот ти го најдов триесет и три години те барам земјата в долж и попреку ја превртев и сега само уште сантим ми фали постој малку мистер гнила оперетска опозицијо мајсторе вешт за спогодби и ујдурми господару на ноќта и зовриената темница оти сите имиња ти ги знам
Озирис Серапис Анубис
Сет Изида Хатхор
Нергал Ерешкигал Мневис
Вишну Рудра Кали
Ратри Вртра Асура
Ракшаси Калика Дајсу
Ариман Даева Апаоша
Дионис Посејдон Нереј
Форкис Тетија Нимфа
Горгон Јапет Хидра
Орко Лемур Мана
Аквилон Стрига Дит
Ѓавол Сатана Црнобог
и сите прекари
враг врагуле врагулина
анатемник натемник натема
кусиот куциот накот
наол нечестив скрајата
цацко чрт драк
шејтан
и ти ја сфаќам измамата и над твојот замок божјо сонце грее остави го коњакот претворнику оној под тебе залежал почни малку ќебиња од пенџере да му тресеш расипи ги чешмите одврти ги вентилите нека му капи долу таванот џам скрши му антената искриви му ја затоа си платен не давај му да се опушти да мисли дека е совршен кажи му лоша игра со нас почнал суетата на друго место нека си ја лечи друга играчка нека си направи не ти цветаат ружи во црната градина ако не ме заушиш и тебе еден ден матната ќе те земе пијачката ќе ти секне снагата ќе ти папса ни бела ни црна не ќе распознаваш ѓаволе господине дај ми уште сантим катов да го минам до себе да стигнам
Се џари здевот од пенџере тешки ишарети ми праќа потпиши потпиши со тефтерот ми мавта со кондиљот ме дупи црни вошки в душа ми клава
тафтабити гниди
лебарки болви
вошки вошки вошки
боц буле боц
крц куле кврц
црц ооооп!
Најпосле блесок. Зградата ми е под брада. И бог и ѓаволот ме чешкаат од неа. Ги префрлам нозете, го собирам стомакот, штица ми се градите. Полека ги кревам рамењата, главата и рацете. Преоѓам. Се вртам. Ене ми го врвот. Мојата убава, чиста пирамида. Од ламтеж и немир доена. Низ мојот агол коткана, на крајот од мојот правец никната. Ми се смешка ѕвездата над мене. Од мракот вриштат дароносците.
Бајата им е смирната, кисел темјанот, им базди ливантото. Доскочувам право на цуцката. Врв сум. Телото ми се топи. Извирам во поток што брза по падините, ита низ доловите, го сече полето. Понорница станувам, фучам под темелите на светот, со татнеж се најавувам. И еве ме шикам на ширинкава меѓу Телевизијата и Факултетот. Миро сум и гргам низ левата патика што ми падна во летот и стапот од кого пред малку се оттурнав.
Сега сум во вас. Ве лечам со миро и вошки а вие сте ми вториот живот. Вардете ме, вардете се. И - на здравје!

(„Скок со стап“, 1994)

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото