Сајбер војна: гарантирано взаемно уништување

28.02.2022 14:42
Сајбер војна: гарантирано взаемно уништување

 

 И Западот – првенствено Америка – и Русија располагаат со специјални сајбер-единици кои во повеќе наврати ја докажале својата ефикасност. Да се сетиме на американскиот „Stuxnet“, компјутерскиот вирус кој патуваше на USB-стикови додека конечно не влезе во иранските постројки за збогатување ураниум. Штом еднаш се најде во слабо заштитена средина, вирусот го модифицираше софтверот што го контролира целиот технолошки процес (SCADA), што доведе до неконтролирано зголемување на бројот на центрифугални обрти со кои се врши одвојување на полесните од потешките изотопи. И така, во текот на 2010 година, Иран остана без 10 проценти од сепараторите, што ја врати целата програма за збогатување ураниум неколку години назад.

Американски и руски сајбер војници

Не е тајна дека деновиве претседателот Џо Бајден беше изложен на голем притисок од неговата администрација да започне слични, но многу пошироки операции против главниот противник - Русија. Тие операции веројатно би биле насочени против руската железница, која се користи за снабдување со резерви и засилувања на украинскиот фронт, против електричните инсталации и трансформаторските станици и сите капитални ресурси без кои агресијата врз Украина би одела многу потешко и побавно. Сепак, ако им се верува на весниците, Бајден сè уште не дал зелено светло за вакви операции, пред се’ од страв дека таква сајбер-диверзија, освен посакуваната техничка штета, би можела да предизвика и човечки жртви, што во очите на Путин би можело да изгледа како директно објавување војна.

Русија исто така располага со модерни сајбер единици за офанзивни операции на Интернет. Граѓаните на Украина веќе ја почувствуваа нивната сила на своја кожа, кога во 2016 година во повеќе наврати останаа без струја поради руските напади врз системите за управување со електричната мрежа. На самиот почеток на агресијата на Путин, Украина беше изложена на дополнителни сајбер-напади, кои по обемот беа без преседан (повеќето клучни сајтови на украинската влада беа соборени).

Регрутирање хакери

Сепак, засега, би се рекло дека Русија се воздржува од сајбер-напади врз својот архи-непријател – Америка. Особено чувствителна е американската електрична мрежа, која во повеќе наврати се распаѓаше и без „дополнителна помош“ од страна. Сепак, Бајден тврди дека Америка излекла поуки и дека клучните ресурси (струја, вода, храна, медицински услуги, воен и полициски систем) се надвор од дофатот на руските хакери. Нешто слично тврди и Путин за своите ресурси, но двете страни бараат максимална внимателност од своите служби во наредниот период.

Украина, се разбира, е во најтешка позиција. Иако има развиена софтверска индустрија и солидна репутација на ова поле, Украина нема сајбер-команда и дури сега се обидува да формира каква-таква сила отворено поканувајќи ги своите хакери да се приклучат кон одбраната на земјата со директен напад на интернет-инфраструктурата на агресорот. Некои првични успеси се веќе забележани со уништување на веб-страниците на руската влада и армија, но во услови кога војната се води на нејзина територија, а напаѓачот може во секој миг физички да го елиминира секое делче од инфраструктурата што им е од корист на Украинците, шансите на Украина да излезе како победник во сајбер - војната против Русија се повеќе од симболични.

Стратешката предност на Америка

За тоа време и Русија и Америка се воздржуваат од отворен конфликт. Она што се нарекува „заемно гарантирано уништување“ постои не само во „реалниот“ свет туку и на Интернет. Америка, сепак, има една значајна предност: речиси сите ресурси што го сочинуваат столбот на интернетот се под контрола на американското Министерство за трговија. Ако работите тргнат лошо, тие ресурси можат едноставно да бидат ставени надвор од дофатот на Русија, предизвикувајќи безброј проблеми во функционирањето на интернетот во Русија.

Покрај тоа, сите важни руски интернет-врски минуваат преку Западот, а за нивно отсекување се потребни само неколку минути. Светот би останал без пристап до рускиот дел од интернетот (што малкумина би го забележале) а Русите би станале изолиран остров во поврзаниот свет (што секој Русин сериозно би го почувствувал). Тоа не се прави, бидејќи граѓаните на Русија би останале без алтернативни извори на информации и би биле уште повеќе изложени на влијанието на државните медиуми.

Излегување од сенка на хакерите

Не е се во државната организација, тука се и поединечните искусни хакери од двете страни кои конечно имаат можност да излезат од сенка и да се борат за „праведна цел“. Многу е можно нивниот ефект во моментов да е и поголем од оној на специјализираните државни единици. Тие ги избираат своите мети случајно, делуваат страсно, не се откажуваат лесно и, по правило, уживаат во поддршката на својата држава. Контроверзната група „Анонимуси“, која има милиони следбеници на Твитер, неодамна објави дека започнува сопствена сајбер војна против Русија во знак на поддршка на украинскиот народ.

Камо среќа војната да остане ограничена на бакарни жици, оптички кабли, прекинувачи и рутери. За жал, за нејзиниот исход сепак ќе одлучува силата на Путиновите опсесии и крвопролевањето што ги придружува.


Извор:
Vreme