Војна и (сенилна) деменција

24.03.2022 11:56
Војна и (сенилна) деменција

 


Анихилирање

„Anéantir“ (Анихилирање), најновата книга на Уелбек, е долга седумстотини страници - би била доволна и половина од таа должина.1 Не му е најдобрата книга, но успева да скицира едновремено субмисивна и гневна претстава на падот на светската доминација на белата раса.

Длабоко во Франција, едно семејство се собира околу нивниот осумдесетгодишен татко кој доживеал мозочен удар. Патријархот, кој порано работел за тајната служба, сега паднал во трајна кома. Во меѓувреме, неговиот син Пол, кој исто така работи за тајната служба, како и за Министерството за финансии, открива дека има рак во терминална фаза. Орелиен, братот на Пол, се самоубива, неспособен да го продолжи животот во кој отсекогаш бил сметан за губитник. На крајот, тука е ќерката Сесил, католичка фундаменталистка омажена за фашистички нотар кој ја изгубил работата, но нашол друга во десничарскиот круг на Лепенистите, сè уште во подем.

Централната тема на овој просечен роман е неизлечивата болест. Со други зборови, се работи за агонијата на западната цивилизација.

Не е пријатна глетка, бидејќи белиот ум не се препушта на неизбежното. Реакциите на старите, бели мажи во агонија, се трагични.

Овде, оваа сцена се развива во современа Франција – место кое во последните четириесет години беше културно опустошено од неолибералниот развој. Тоа е сениште од земја во која политичката борба сега се одвива во корумпираните фази на ултранационализмот, расизмот, исламофобијата и економскиот фундаментализам.

Но, оваа сцена не се одвива само во Франција; тоа е состојбата на пост-глобалниот свет што сега е загрозен од сенилниот делириум на доминантната култура додека таа паѓа – културата на белата, христијанска, империјалистичка империја.

Војна, агонија, самоубиство

На источните граници на Европа, двајца бели старци играат игра во која ниеден од нив не може да се повлече.

Стариот бел Американец е на работ на понижувачки и трагичен пораз. Полошо од Сајгон, Кабул е свеж во глобалното имагинарно како знак на когнитивниот распад на долго доминантната, империјалистичка моќ.

Стариот бел Русин знае дека основата на неговата моќ е националистичко ветување: да се одмазди честа на „Светата Мајка Русија“.

Оној што прв ќе се повлече ќе изгуби се’.

Фактот дека Путин е нацист веќе беше јасно на крајот на втората војна во Чеченија. Но, во тоа време, тој сè уште беше возвишуван од американскиот претседател, кој го гледаше в очи фалејќи ја неговата искреност. Русинот уживаше и во наклонетоста на британските банки, кои беа преполни со рубљите што Путин и неговите пријатели ги украдоа со демонтирање на јавната инфраструктура по падот на Советскиот Сојуз. Геријатриските Руси и Англо-Американците беа сојузници кога стануваше збор за уништувањето на општествените сфери произведени од минатите работнички и комунистички движења ширум светот.

Но, пријателството и другарството помеѓу атентаторите не траат долго. Всушност, од каква корист би било НАТО кога навистина би се постигнал мир? И како успешен мир би се одразил на профитите на мултинационалните компании кои произведуваат оружје за масовно уништување и смрт – кои денес остваруваат бескрајни профити.

Проширувањето на НАТО служи само за повторно разгорување на едно непријателство кое капитализмот не можеше да дозволи да умре, за да го одржи жив профитабилниот конфликт.

Не постои рационално објаснување за војната во Украина, особено затоа што тоа е кулминација во психотичната криза на белиот мозок. Каква рационалност постои во проширувањето на НАТО, кое ги вооружува полските, балтичките и, да, украинските нацисти против рускиот нацизам? За возврат, Бајден го добива резултатот од кој американските воени стратези најмногу се плашат: туркање на Русија и Кина во прегратка што пред педесет години Никсон успеа да ја ослабне.

Имајќи предвид дека војната е необјаснива во стратешка смисла, за да ја разбереме војната не треба да размислуваме геополитички, туку психопатолошки. Можеби ни треба геополитика на психотични испади.

Овде во прашање е политичкиот, економскиот, демографскиот и конечно психичкиот пораз на белата, западна, (пост)колонијална цивилизација, која не може да ја прифати перспективата на исцрпеност, која претпочита уништување или самоубиство наместо бавно изумирање на белата доминацијата.

Запад, Иднина, Опаѓање

Со војната во Украина започнува хистерична трка за вооружување, границите се консолидираат (по расни линии) и насилството експоненцијално се зголемува – сето тоа се демонстрации на сенилниот маразм во кој е западнат Западот.

На 23 февруари 2022 година, кога руските трупи веќе беа во Донбас, Трамп го возвишуваше Путин како мировен „гениј“2 и предложи дека САД треба да го направат истото на мексиканската граница.

Ајде да видиме дали можеме да откриеме што значат непристојностите на Трамп. Дали има трошка вистината во неговите заблуди? Во прашање е самиот концепт на Западот.

Но, прво, што е Западот?

Ако под „Запад“ мислиме на географска дефиниција, тогаш Русија секако е исклучена. Но, ако мислиме за антрополошкото и историското значење на зборот, тогаш Русија е позападна од кој било Запад.

Накратко, Западот може да се дефинира како земја на опаѓање и опсесија со иднината. Тие две особини се всушност една, имајќи предвид дека за организмите подложни на вториот закон на термодинамиката – како што се индивидуалните и социјалните тела – иднината може да значи само евентуално опаѓање.

Ние – и „ние“ на Западот и Западњаците на безграничните руски пространства – оттаму сме обединети во футуризам и опаѓање, односно, во делириумот на семоќта и во очајот на немоќта.

Трамп добива заслуга што ги кажува нештата онакви какви што се, тврдејќи дека нашите непријатели не се Русите, туку мигрантите од глобалниот југ; Кина, која ја пониживме; Африка, која ја ограбивме. Тоа се нашите непријатели, а не многу белата Русија, која е дел од „Великиот Запад“.

Оваа Трампистичка логика се заснова на белечката надмоќ која ја гледа рускоста како најекстремната форма на прифатлива белост.

Наместо тоа, логиката на Бајден се заснова на одбраната на „слободниот свет“: свет роден од геноцид, од присилната депортација на милиони робови и организиран околу втемелувачки системски расизам. Бајден избира да го разбие „Великиот Запад“ во корист на помал Запад без Русија, кој во секој случај е предодреден да се распарчи себеси и да ја вклучи целата планета во своето самоубиство.

Значи, да го дефинираме Западот како сфера на расистичка доминација опседната со иднината. Времето се протега во експанзивен пулс: економски раст, акумулација, капитализам. Токму оваа опседнатост со иднината ја храни машината на доминацијата: конкретна сегашност (на задоволство, на мускулна релаксација) се вложува во и се разменува за апстрактна идна вредност.

Можеби можеме да ја преформулираме класичната марксистичка анализа на вредноста за да кажеме дека разменската вредност е токму оваа акумулација на сегашноста (конкретното) во апстрактни форми (како пари) што утре може да се заменат за нешто друго.

Фиксацијата и фетишизирањето на иднината во никој случај не се природен когнитивен модул на човекот. Повеќето човечки култури се организирани околу циклично разбирање на времето или на ненадминливо проширување на сегашноста.

Футуризмот е премин кон целосна самосвест (и во естетска смисла) на културите на експанзија. Но, постојат многу футуризми.

Опседнатоста со иднината има различни импликации во теолошко-утописката сфера што е централна за руската култура и во техно-економската сфера на евро-американската култура. И космизмот на Федеров и футуризмите на Мајаковски споделуваат есхатолошки здив што им фали на технократските фанатизми на Маринети и на Маск. Можеби тоа е причината што Русија е предодредена да ѝ стави крај на историјата – и еве сме.

Нацизмот е насекаде

Новиот хоризонт е војна која спротивставува еден нацизам против друг. Во своите дела од 1960-тите, Гунтер Андерс предвиде дека нихилистичкиот набој на нацизмот нема да умре со поразот на Хитлер.3 Тој претскажа дека ќе се врати на светската сцена кога техничката моќ ќе се развие до таков степен што ќе предизвика понижување на човекот.

Нацизмот одново се појавува како психо-политичка форма на дементираното тело на белата раса, кое бесно реагира на сопственото незапирливо опаѓање. Вирусниот хаос создаде услови за формирање на глобална, биополитичка инфраструктура, но исто така ја нагласи широко искусената перцепција за неуправливоста на материјата додека таа го губи редот, се разложува и умира.

Западот ја заборави смртта бидејќи тој концепт не е компатибилен со неговата опседнатост со иднината. Ја отфрли сенилноста затоа што не е компатибилна со експанзијата и растот. Но, сега, (демографското, културното и економското) стареењето на доминантните култури на глобалниот север е претставено како фантом за кој белата култура не може ни да размислува, а камоли да го прифати.

Ова е местото каде што белиот мозок (и на Бајден и на Путин) влегува во бесна криза на сенилна деменција. Тогаш белиот мозок најуништен од сенилноста – оној на Доналд Трамп изрекува вистина што никој не може да поднесе да ја слушне: Путин е нашиот најдобар пријател. Јасно, тој е расистички убиец, но ние не сме ништо помалку.

Од друга страна, Бајден го претставува импотентниот гнев што старите луѓе го изразуваат и го чувствуваат кога ќе забележат пад на нивната сила, психичка енергија и когнитивна ефикасност. Сега кога исцрпеноста е во напредна фаза, истребувањето е единствената утешна перспектива.

Може ли човештвото да се спаси од убиственото насилство на дементираните и агонизирани западни, руски и европски мозоци?

Инвазијата на Украина ќе продолжи, без разлика дали ќе стане стабилна окупација (слабо веројатно) или ќе заврши со повлекување на руските трупи по уништувањето на воениот апарат дониран на Киев од Западот (поверојатно). Без разлика, конфликтот нема да се разреши со пораз на ниту еден од двајцата патријарси. Ниеден од нив не може да прифати повлекување. Затоа, оваа инвазија го сигнализира почетокот на фазата на континуирана војна која ќе биде глобална (и која може да се изрази со нуклеарни алатки). Финалната војна против човештвото е започната.

Во самоубиствената војна што едниот Запад ја води против другиот Запад, првите жртви се оние кои страдале од делириумите на двете сфери на влијание и моќ – оние кои не сакаат војна, но се фрлени во мизерија од нејзините последици.

Единственото што можеме да го направиме е да напуштиме, да се откажеме, колективно да го трансформираме стравот во мисла, да се препуштиме на неизбежното. Само така можеме да го создадеме непредвидливото: мир, задоволство, живот.

 

Илустрации: Istubalz
Извор:
E-flux

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Европа / Свет / Теорија
Свет / Теорија / Историја
Свет / Книжевност / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото