Американскиот амбис (2)

06.10.2020 11:00
Американскиот амбис (2)

(Продолжува од Американскиот амбис (1))

Бес 

Од кошмарот на Меккарти до историската реалност на Џон Штајнбек – се потсетив на најважниот американски роман од 1930-ите читајќи прилог на радикално десничарскиот финансиски блог Zero Hedge, интересен извор на информации за белечката надмоќност.

Како читател на овој одбивен но корисен весник, еден ден вниманието ми го привлече прилогот насловен „Старата Америка е мртва: Три сценарија за патот понатаму“. Напишан од Вејн Аленсврот, прилогот беше за романот на Џон Штајнбек The Grapes of Wrath (Плодови на гневот) и за филмската адаптација од 1939 на Џон Форд.

Романот раскажува за една заедница фармери во Оклахома во деновите на Големата депресија. Поради долгови и поради финансискиот контекст што фармерите не умеат да го разберат, еден ден примаат посета од луѓето на земјопоседникот кои им носат порака дека се исфрлени:

Дел од луѓето на газдата беа љубезни бидејќи мразеа што мораа да го направат тоа а дел од нив беа бесни бидејќи мразеа што мораа да бидат сурови... И сите тие беа фатени во нешто поголемо од нив самите. Некои од нив ја мразеа математиката по која се водеа, а некои се плашеа, а некои ја обожаваа таа математика бидејќи им даваше засолниште од мислите и од чувствата. Ако една банка или една финансиска компанија ја поседува земјата, велеше човекот, на банката, или на  компанијата – ѝ треба – сака – инсистира – мора да добие – како банката или компанијата да е некакво чудовиште со мисли и чувства, кое ги заробило... Банката – чудовиштето мора постојано да има профити. Не може да чека. Ќе умре.


Овде Штајнбек, доста живописно, ја опишува немоќта што работниците и функционерите ја искусуваат кога се соочуваат со чудовиштетo на финансискиот капитализам. Но, интересниот дел е што про-Трамповскиот блог Zero Hedge токму сега го воскреснува Штајнбек, кога сценариото на Депресијата се враќа преку состојбите поттикнати од пандемијата. Штајнбек продолжува:

Конечно луѓето на газдата дојдоа до поентата. Системот на потстанари веќе нема да функционира. Еден човек на трактор може да го заземе местото на четиринаесет семејства. Плати му неделна плата и земи ја целата жетва. Мораме така. Не ни се допаѓа тоа. Но чудовиштето е болно.

Потстанарите седат на земјата додека адвокатот на земјопоседникот конечно им вели:

Мора да ја напуштите земјата.

И сега луѓето што клечеа бесно се исправија. Дедо ја зазел земјата и морал да убие Индијанци и да ги истера. А Tатко е роден овде и требел плевел и змии. Потоа дошла лоша година и морал да позајми малку пари. И ние сме родени овде. И татко морал да позајми пари. Тогаш банката го земала сопствеништвото над земјата, но ние останавме тука и добивавме по малку од она што го одгледувавме.

Но луѓето на газдата се непопустливи:

Жал ни е. Не е до нас. До чудовиштето е. Банката не е како човек...

Потстанарите извикувааДедо убивал Индијанци, Татко убивал змии за земјата. Можеби ние можеме да убиваме банки – тие се полоши од Индијанците и од змиите...

И сега луѓето на газдата почнаа да се разлутуваат. Ќе морате да си одите...

Ќе ги земеме своите пушки, како Дедо кога дошле Индијанците. И што тогаш?

Епа – прво шерифот, а потоа војниците. Ќе бидете крадци ако пробате да останете, ќе бидете убијци ако убиете за да останете. Чудовиштето не е како луѓето, но може да ги натера луѓето да прават што сака.


Овие страници ги расветлуваат расположението и митологијата што лежат под Трамп и што ја сочинуваат неговата сила. Белците кои ја заработиле оваа земја убивајќи Индијанци се под закана поради либералниот глобализам. Трамп е нивното оружје против глобалистичката закана. Луѓето на Вториот амандман се пред последната можност да ја спасат својата општествена доминација: оваа можност е Трамп. Погледнете што Аленсврот пишува на Zero Hedge:

Нашиот народ, нашата култура, нашата историја, сѐ што ни е драго, се наоѓа под немилосрден напад од главнотековните медиуми, политичарите, „активистите“, поттикнати и помогнати од непријателите внатре, неретко наши пријатели и роднини, кои го интернализирале левичарскиот наратив на непоправливо „расистичката“ Америка која мора да биде срамнета со земја...

Нашиот непријател, во случајов, е глобалистичкиот Блоб и неговите милитантни имитатори на Че Гевара и ЛАРП-Ленинисти, главнотековните медиуми, бирократијата, судовите, големите корпорации, и образовниот естаблишмент. Сепак, Блоб, до неодамна, главно не се судираше директно со Историскaта американска нација. Блоб беше трпелив, убивајќи нѐ со илјадници ситни напади, полека земајќи го тлото преку субверзија, користејќи пропаганда и дезинформации, цензура од тех-тоталитаристите и преку бавното навлегување  на она што покојниот Сем Френсис го нарекуваше „анархо-тиранија“, со масовната имиграција („Големата замена“) како оружје за масовно уништување. Блоб е аморфно, лизгаво, лигаво нешто што се турка и пробива во секакви општествено-економско-политички пукнатини што може да ги искористи, за на крајот да го проголта пленот како жив песок. Тогаш Доналд Трамп беше избран за претседател. Блоб беше шокиран. Лошиот Портокалов човек му претставуваше пречка да ја докрајчи Историската американска нација. И така, од 16 ноември 2016 главнотековните медиуми ја држеа земјата во хистерија произведувајќи вештачки кризи една по друга. Преку социјалните медиуми беа пуштани лажни вести на најјако, што е тактика на хибридна војна: Русијагејт, Украинагејт, паниката околу кинескиот вирус и последователното затворање и економско крахирање, а сега и митот за Св. Џорџ Флојд и црнците „ловени“ од белцте, што ги засили толпите што ги ограбуваа и палеа американските градови. Користејќи го кинескиот вирус и протестите за Флојд како фасада, Блоб и неговото милитантно крило – Антифа и Black Lives Matter – ја издигнаа анархо-тиранијата до нови височини.


Ваквиот наратив е вкоренет во расизираната меморија и е поддржан од армија белци кои поседуваат оружје и кои Трамп ги обедини со дефиницијата „луѓето на Вториот амандман“.

На крајот од прилогот, Аленсврот нуди отворена покана за подготовка за граѓанска војна:

Ако се потпреме единствено на изборната политика ќе изгубиме, особено со затворањето на демографскиот круг. Победниците нема да покажат милост. Политичкиот живот онаков како што го знаеме во Америка е завршен. Впрочем, онаа Америка во која пораснавме и која ја сакавме е мртва. Изборите во најдобар случај служат за купување време. Малку е веројатно дека Трамп (или кој било друг) може, на пример, да депортира и да поттикне самодепортација на десетици милиони илегални странци, дури и ако го посакува тоа.

Трамп не може самиот да ја заврши работата –  тоа е тврдењето. „Ние“ мораме да земеме оружје и да ја завршиме работата: да депортираме милиони илегални странци, така? Го направивме тоа пред еден век, кога депортиравме домородци, кога ги истребивме. Според расистичката белечка позиција, сега тоа мора пак да се случи.

Лудило? Да, но она што политичките експерти не можат да го сфатат е следново: лудилото, и само тоа, сега владее со свет кој е целосно надвор од контрола.

Аленсврот се прашува, Што ако Трамп ги изгуби изборите во ноември?

И ова е неговиот одговор:

Ако Трамп изгуби, тогаш Блоб и неговите сојузници ќе триумфираат. Но бидејќи ова сега е држава а не нација, без споделено чувство за заеднички идентитет и согласност околу историјата, културата, верувањата или јазикот, само комплетна полициска држава може да ја одржи целината. Дури и тоа може да не го обезбеди редот во една хаотична пост-Америка, и опаѓачкиот број на белци сигурно нема да ја ужива заштитата на државата. Во некој момент белите Американци може ќе почнат да живеат како белите Јужноафриканци, дури и во страв за сопствените животи. Ако се распадне редот тогаш локални разбојнички групи за воспоставување ред, дури и криминални банди, ќе го заземат празното место, како што направија  латиноамериканските банди во Мексико за да си ги заштитат соседствата за време на протестите за Флојд. Добрите вести се што белците брзо го направија истото кога толпите ги загрозија нивните домови и нивната историја.

(продолжува)

Фотографиите се од филмот The Grapes of Wrath (1940, John Ford)
Избор и превод: Ф. Крушкаровска
Извор: e-flux

Франко Берарди, aka „Бифо“, основач на славнoто Radio Alice во Болоња и важна фигура во италијанското движење Autonomia. Писател, теоретичар на медиумите и активист.

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Книжевност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото