Понижени и навредени. Афективната реторика на Владимир Путин.

08.04.2022 02:19
Понижени и навредени. Афективната реторика на Владимир Путин

Говорите на Владимир Путин на почетокот од руската агресија против Украина го шокираа светот. Во две телевизиски обраќања Путин својата аргументација ја изнесе со емоционален, агресивен, делумно разбеснет тон: на 21 февруари за руското признавање на „народните републики“ Донецк и Луганск кои се отцепија од Киев и на 24 февруари на почетокот на таканаречената „специјална воена операција“. Не беа малку на број оние кои потоа изнесоа претпоставка дека рускиот претседател полудел. Каква е менталната состојба на Владимир Путин, за тоа не знаеме ништо. Но она што го знаеме со сигурност е: агресивниот јазик на Путин од последниве недели во никој случај не е нов, напротив, се работи за една радикализирана реторика која директно цели на афектот на слушателите. Таа афективна реторика ја карактеризираше аргументацијата на Путин во врска со прашањето за Украина од самиот почеток. Путин ја моделираше постсоветска Русија како емотивен простор во кој доминира чувството на длабока повреденост. Измамена и понижена од страна на Западот, Русија копнее за почит и признавање на своите геополитички интереси во кои Украина игра централна улога. Затоа се исплати да се фрли поглед на особената форма на аргументација во реториката на Путин и да се истражат нејзините испреплетености со другите аргументациски стратегии.

На фактот дека политичките поредоци истовремено се и афективни, т.е дека афектите - чувствата во поширока смисла - се мотори на политичкото, повеќепати е укажано во контекст на таканаречениот „affective turn“ во хуманистичките науки последнава деценија. Но кога зборувам за реториката на афектот под тоа не подразбирам само емотивна обоеност на политичкиот говор, туку и еден облик на аргументација кој според реториката на Аристотел спаѓа во најважните средства за уверување со кои располага говорникот. Во познатата тријада „логос“, „етос“ и „патос“ последниот поим се однесува на аргументацијата која се насочува кон побудувањето афекти кај слушателството.

Во таа смисла Владимир Путин е интересен говорник зашто вешто владее со играта на реторичките средства. Тој сигурно не е особено надарен оратор, како што, на пример, беа неговиот политички ментор Анатолиј Собчак, градоначалникот на Санкт Петербург во деведесеттите или Борис Елцин во првите години од својата политичка кариера. Реториката на Путин се одликува со стилистичка многустрастност и аргументативна флексибилност. Според ституацијата, адресатот и контекстот тој реторички еклектицизам различно се конкретизира во говори чиј распон е мошне широк: од технократски (тука Путин се стилизира како познавач склон кон акција кој има широко познавање во сите политички области и решава конкретни проблеми), преку „спонтано-ареторички“, делумно вулгарно (со што до израз ја доведува својата одлучност произлезена од блискоста со народот) па сè до историско-државнички.

Од овие разни реторички улоги кои ги отелотворува Путин, во најново време значителна предност стекна последнава. Путин се претставува како врховен историчар на земјата, кој публицира „научни“ статии, долго и радо подучува за историјата, но истовремено и како историска личност, односно довршувач на „историската мисија“ која се состои во повторно воспоставување територијално единство на „историската Русија“. Како што Путин повеќепати аргументираше, во манир на старата империјална традиција, за него тука спаѓа и Украина.

На важноста на говорите на Путин во денешниот политички дискурс во Русија мора да им се даде исклучително големо значење зашто тие имаат програматска функција. Говорите на Путин, на кои работи голем штаб составувачи, се централни места за формулирање политички идеологеми кои потоа се пропагираат во сите државни медиуми, т.е буквално се пренесуваат и нагласуваат со сликовен материјал. Притоа станува збор за монолошка реторика која не прифаќа противречење и на која ѝ се припишува речиси сакрален статус на објавување на вистината.

Реторичката подготовка на војната

Реториката на Путин е од централно значење за разбирање на војната во Украина која - а тоа често се заборава - започна уште во 2014 година. Таа војна Путин реторички ја подготви, следеше и со тоа овозможи нејзина ескалација. Во неговата аргументација особено се истакнуваат три нивоа: предметно-логичко во чиј центар пред сè се наоѓаат аргументи од областа на меѓународното право; историско ниво кое е со раскажувачка природа и со тоа помалку обврзувачко од рационалната аргументација; и афективно-реторичко преку кое се повикуваат жестоки, акутни емоции.

Овие три аргументативни линии се тесно поврзани една со друга и меѓусебно се потенцираат. Аргументите од меѓународното право играа централна улога во 2014 година во процесот на оправдување на анексијата на Крим. Во свечениот говор од 18 март 2014 година Путин се повикува на правото на народот на самоопределување и ја споредува ситуацијата во Крим со Косово 1999 година. Според тоа, тој гради аргументација врз основа на каузални и споредливи заклучоци. Но за сегашниот почеток на воените операции во Украина од пресудно значење се меѓународно правните аргументи во врска со наводниот „геноцид“ над тамошното население кое зборува руски јазик. Притоа, суштината на оправдувањето на операциите е во споредбата со воената интервенција на НАТО против СР Југославија заради Косово.

Последниве години историскиот аргумент за припадноста на Украина на „рускиот свет“ во говорите на Путин стекна сè поголема важност, а меѓународно правниот аргумент е потиснат на работ. Со помош на крајно тенденциозна историска приказна тој аргумент Путин го објасни во долгиот (и досаден) текст „За историското единство на Русите и Украинците“. Оттогаш го повтори повеќепати, на пример во претходно споменатите телевизиски обраќања кон крајот на февруари.

Како што стана познато во меѓувреме, Путин го постулира историски растечкото единство на Русите, Украинците и Белорусите чии корени ги гледа во средновековната држава на таканаречената Киевска Русија (9-12 век). Притоа, Путин се надоврзува на главниот наратив на руската империјална историографија од 19 век: по распадот на Киевска Русија и времето под „татарската јарма“ Москва започнала со „собирање на руските земји“ бидејќи, во смисла на translatio imperii, станала центар на руската државност.

За Путин Русите и Украинците, за кои често ја користи империјалната ознака „Малоруси“, споделуваат не само заедничко наследство, туку и еден вид природно единство однапред зададено во православната вера, јазичната блискост и културалното заедништво. Од тој аспект преродбите за украинската нација независна од Русија едноставно се неприродни и затоа до почетокот на 20 век воопшто не ги ни имаше. Тоа што овие преродби станаа реалност исклучиво е заради болшевичката политика кон националностите.

За тоа Путин буквално вели: „Советската национална политика на државно ниво ја пропиша тезата за трите одделни словенски народи - рускиот, украинскиот и белорускиот, наместо една голема руска нација, составена од Великоруси, Малоруси и Белоруси како троеден народ... Денешна Украина е создадена на сметка на историска Русија“ (наведено според германскиот превод на Андреа Хутере во Остеуропа 71/7, 2021). По распадот на Советскиот сојуз Западот работеше на уништување на оваа историски срасната единица и правење на „Антирусија“ од Украина. Но Украина може „да достигне вистинска сувереност само во партнерство со Русија“.

Големата повреденост

За оваа историска бесмислица која ја застапува Путин во своите говори и текстовите за Украина е напишано многу. Но се направи превид дека дејството на овој историски наратив кој требаше да убедува, исто како и она на меѓународно правната аргументација, е засилено со вкрстување на одредена афективна реторика. Пенетрантната „бас-линија“ во реториката на Путин е силно чувство, и тоа на повреденост. Таа афективна реторика јасно се формулира уште во говорот од 18 март 2014 година и оттогаш се повторува перманентно. Според тоа, се исплати поточно да се анализира овој вид реторика. (Во продолжение цитирам според германскиот превод на Олга Радецкаја и Волкер Вајцл во Остеуропа 64/5-6, 2014).

Путин тука ја моделира постсоветска Русија како повредена земја во темелот која „Западот“ постојано ја навредува и лаже. Во историската перспектива се работи за последната етапа од стариот, упорно спроведуван процес за „сузбивање“ на Русија од страна на западните елити. „Губењето“ на Крим по распадот на Советскиот сојуз Путин го опишува со емоционалната метафора „кражба“ („Кога Крим одеднаш се најде на другата страна, за Русија тоа беше не само како да ѝ е украден, туку и како буквално да е ограбена“), при што Русија се конструира како пресонифицирана „жртва“ на таа „неправда“.

Тоа што Русија тогаш се откажа од Крим, Путин го толкува со слабоста на земјата во деведесеттите. Тоа е баучот содржан во рускиот политички дискурс од двеилјадитите години па наваму и служи како оправдување за изградбата на автократски систем кој, наводно, ветува стабилност. Комплексноста на политичките процеси кои се случуваа тогаш Путин ја редуцира на едноставни чувства кога патетично тврди: „Каде беше, Русијо? Русија ја наведна главата и резигнираше, ја проголта навредата.“

Повреденоста на Русија се зголемува и со тоа што во говорот се гради опозиција помеѓу вистинската Русија од една и преправената Украина од страна на Западот од друга страна. На Украина во периодот од 1990 до 2000 „не ѝ се излезе во пресрет само во врска со Крим“, но „нештата се развиваат поинаку“.

На ова место во говорот од 18 март 2014 година, кога станува збор за настаните на Мајдан, во игра се воведува момент на теорија на заговор: „Оние кои во позадина ги влечеа конците во најновите настани во Украина следат други цели: одново планираат државен удар... Се поттикнуваат на терор, убиства и погроми. Погонските сили за рушењето се националистите, неонацистите, мразачите на Русите и антисемитите.“

Тука Путин се служи со мошне хетерогено проширување (amplificatio) кое емоционалниот набој дополнително го стекнува во споредбата со „Големата татковинска војна“ - таа во денешна Русија често служи како фолија за толкување на современите конфликти.

Опозицијата помеѓу добронамерната, и затоа понижена и навредена, Русија и лукавиот „Запад“ завршува во разбеснета инвектива, искажана во директен, емоционален говор: „Јасно ни е што се случува тука, јасно ни е дека тој процес во подеднаква мера е насочен против Украина како и против Русија и против интеграцијата во евроазискиот проект. И сето тоа додека Русија искрено се трудеше да стапи во дијалог со нашите колеги на Запад... Постојано бевме измамени... Но сè има граници. Кога пружината ќе се стисне до крај, во еден момент со сета сила ќе го возврати ударот. Тоа никогаш не смее да се заборави.“

Тука веќе јасно се покажува мотивацијата за воената операција во Украина која трае од 2014 година, а во последниве недели драматично ескалира: тоа е чувство на самоодбрана против навредувањето на Русија кое се трпело предолго, чувство кое Путин го отелотворува со директен јазик со кој се симулира автентичност. Во тој контекст, во кој империјата го возвраќа ударот, Украина не може да биде никаков политички субјект кој функционира самостојно, бидејќи таа е само играчка на „западните сили“. Во својот текст од минатата година кој беше маскиран во облека за историска расправа Путин пишува: „Чекор по чекор [западните сили] ја вовлекоа Украина во опасна геополитичка игра чија цел е Украина да се преобрази во тампон помеѓу Европа и Русија, во област од која може да се изведе поход на Русија.“

Историското навредување на Русија тука се радикализира до параноја, до теорија на заговор. Западниот проект со кој од Украина сака да се направи „Антирусија“ според оваа „теорија“ не е ништо друго туку продолжение на историски изградената политика на потиснување на Русија чии актери во минатото беа Полско-литванската унија, потоа Австроунгарија, а сега САД, НАТО и ЕУ.

Таквиот начин на размислување во категории на теорија на заговор во чии рамки Русија воопшто и не може да се појави како агресор, туку секогаш како бранител на сопствениот национален интегритет, во реториката на Путин често се полнат со емотивен набој со следниот важен поим - „русофобија“: секој облик на критика насочен кон Русија, како во самата земја така и во странство, објаснува дека омразата кон руската култура, руските луѓе, е длабоко вкоренета во светот.

Корените на оваа патолошка состојба која, наводно, се шири во целиот свет се објаснуваат сосема нејасно и наводно се наоѓаат - според ова подметнување - во колективната завист заради големината и геополитичката моќ на Русија, која се претвора во страв и омраза. Така Путин во декември 2021 година тврдеше дека „русофобијата во Донбас е само прв чекор кон геноцид“. На овој екстремен степен од афективната реторика на Путин емоциите се претвораат во патолошки. Тие во основа стануваат ирационални и според тоа и поопасни.

Дали во ваква ситуација може да се пронајде простор за вербално разоружување? Во моментов се чини дека внимателно планираната ескалација, заснована врз основа на афективна реторика, следува брутално водење војна од страна на руската војска на застрашувачки начин. Меѓутоа, истовременото „вербално водење војна“ концентрирано на самиот Путин, додека другите важни функционери, како на пример министерот за одбрана Сергеј Шојгу, веќе не се појавуваат. Значи, во секој случај пресврт во реториката е можен со промена на говорникот.

Авторот е шеф на катедрата за славистичка наука за книжевност на LMU München. Негови области на истражување се реториката, поетиката на знаењето, авантуристичката книжевност и алтернативната историја. Тој е еден од уредниците на списанието „Wiener Slawistischer Almanach“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Rinat Voligamsi

Извор: https://geschichtedergegenwart.ch

 

ОкоБоли главаВицФото