1014 hPa
59 %

16 °C
Скопје - Пет, 18.04.2025 03:13
Деновиве, од печат излезе романот „Фауна“ од канадската писателка Кристијан Вадне, како 211 книга во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.
Станува збор за фантастична еко-фикција која ги воодушеви и читателите и критичарите. Романот е добитник на наградата за креативно пишување на градот Квебек и Саемот на книга „Интернационален Квебек“ во 2019 година, како и наградата „Аурора Бореалис,“ а беше и финалист за „Наградата за имагинарни хоризонти.“
Дејството на романот е сместено некаде на студениот Север, и се случува во иднината, по климатските промени. Роман е сочинет од поврзани приказни и ги следи ликовите околу Шиверинг Хајтс - изолирано, чудовишно село. Таму, комуницираат чудни и футуристички биолошки форми на живот, меѓу кои едни од најчудните форми се токму луѓето кои се борат со мистериозната епидемија додека другите видови се прилагодуваат и размножуваат.
Авторката на овој роман, Кристијан Вадне, е канадска франкофонска писателка, родена 1986 година во Квебек. Пред објавувањето на романот „Фауна“, Вадне со години работела во книжевната заедница како програмерка на настани и менаџерка на проекти. Успехот и многуте награди со дебитантскиот роман, на Кристијан Вадне широко ѝ ги отвораат вратите во книжевниот свет. За нејзиното пишување критичарите ќе речат дека e „сурово, еротично и наликува на сон,“ што ќе им се допадне на читателите на Кроненберг, Кафка и Велс, оценувајќи ја како „нов романсиер кој треба да се следи.“
Преводот од француски на македонски јазик е на Валентина Новачева, додека дизајнот на корицата е на Марија Смилевска.