1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 23:59
Утревечер, 27 октомври, со почеток во 20:00 часот во Монтажната галерија на ЦСУ во паркот на Франкофонијата ќе биде отворена изложбата на современиот македонски уметник Владимир Лукаш, Hello, Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again.
На изложбата ќе бидат претставени дела изработени во комбинирана цртачка/сликарска техника коишто беа создавани во Монтажната галерија текот на изминатата недела.
„Создавањето во духот на изненадувањето кое ги испитува можностите што ги нуди промената на форматот, колоритот и презентацијата нѐ изведува пред скриената суштина на уметноста кога се твори во рокови, т.е. кога се истражуваат дадените ветувања. Во таа смисла Hello, Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again претставува резултат на личното и колективно освестување на ограничувањата што ни ги задава зададената задача“, стои во образложението на изложбата осмислено како Метамодернистички манифест во пет дневнички точки од Дарин Ангеловски, куратор на проектот/изложба.
„Навраќањето кон богатата палета на бои, склоноста кон детаљот, промената на форматот заедно со експериментирањето при изложувањето, упатуваат на примена на низа изразни новини кои дискретно го менуваат јазикот на досегашната ликовност на Лукаш: неговиот препознатлив нестандарден формат сега е разраснат до размерите на монументалниот визуелен израз; цртачката техника како да посегнува кон сликарската; фигурацијата иако е доследна на раскажувањето, таа овој пат повеќе е врзана со идејата за алегориско-симболичката нарација, одошто со елементите на зборовната графичкост што се својствени за неговите претходни изведби во монохроматскиот цртачки код. Сето тоа упатува на едно специфично организирање на светот на омилената тема на авторот: Човекот и неговата речиси лирска драма“, стои уште во образложението.
Владимир Лукаш (1978, Скопје) е музичар и визуелен уметник. Учествувал во бројни групни изложби и перформанси во Македонија и во странство. Изложува самостојно и колаборативно свои дела во областа на ликовните уметности, анимацијата, книжевноста. Живее и работи во Скопје.
Проектот/изложба е финансиски поддржан од Министерство за култура на РС Македонија и Општина Центар.