Која е Вапцаровата „земја-татковина“?

04.11.2022 10:16
Која е Вапцаровата „земја-татковина“?

Веројатно ликот и делото на големиот бугарски писател од етничко македонско потекло Никола Јонков Вапцаров е најголемиот доказ за тој комплексен и испреплетен, повеќеслоен идентитет на Македонците во рамките на Отоманската Империја, но и потоа, помеѓу двете светски војни, сè до создавањето на Македонија како државно-правна заедница во новосоздадената СФР Југославија по завршувањето на Втората светска војна. Кај многу револуционери, уште повеќе кај многу преродбеници, учени, односно кај одреден дел од еманципираната македонска интелигенција, не можете да најдете реска граница на тоа што е Македонец во етничко-национална, а што Бугарин во политичко-државна конотација.

Денеска нашите историографи, поети, нашата интелектуална елита, особено таа во периодот на македонското суштествување во рамките на поранешната држава, Вапцаров го сместуваат во пантеонот на македонските културни дејци, особено важен за социјалната и националната борба за ослободување на напатениот свој народ, но признаваат дека тој творел исклучиво на бугарски литературен јазик, а според тоа и несомнено припаѓа на бугарската литература помеѓу двете светски војни.

Како тогаш да го разбереме ликот и делото на Вапцаров? Само и само ако излеземе од нашиот субјективен, етноцентричен, патетичен и ексклузивен националистички приод, можеме со ладни глави, во духот на европските современи односи, поетот да го чествуваме заеднички, како важен историски сегмент од нашата поблиска историја. Споделена личност. Да, тој е и може да биде дел од „заедничката историја“. За разлика од Иван Михајлов и цар Борис Трети. Реков, можеме. Ама, ако сме Германци и Французи. Или, пак, Швеѓани и Данци. Ама како Македонци и Бугари ние не можеме да излеземе од нашата субјективизирана историска „вистина“ и наместо отворањето на македонскиот клуб во Благоевград (Горна Џумаја) да биде првиот чекор кон помирување помеѓу двата историски блиски, а политички-национално ужасно далечни народи, славата од овој чин ја однесоа прокси, карикатуралните прото нацифашистички политички крајни елементи од двете страни на границата.

Појавата на Џамбаски и на Апасиев на една сцена ми дава до знаење дека политичкиот талог уште долго време ќе испливува на површина, контаминирајќи ги нашите вкупни односи и во иднина.

Вапцаров е многу поголем и повеќе од нас!

Ако човек бегло го прочита опусот, животот и делото на предвоениот поет, ќе разбере дека најпрво станува збор за човек идеалист. Човек што многу повеќе верува во идеалите на социјалната и хуманистичка правда пред сè, одошто да дава нота на својата етнонационална припадност. Чувствувајќи ја на свои плеќи мачноста и ништожноста на работничкиот живот, како човек што работел во леарници и железарници по дванаесет часа ноќна смена, тој ги пробил сите граници на своето поетско творештво. Гледајќи со свои очи, со што се соочува обичниот работник, тој сонувал за праведно социјалистичко општество, како антипод на експлоатирачкиот индустријален суров капитализам. Затоа и се зачленил, илегално, да работи за каузата на Бугарската комунистичка партија, за што на крајот платил и со својот живот. Ако ние денеска се надминеме себеси, односно за миг престанеме да бидеме класични балкански Македонци и Бугари, и застанеме простум пред неговата величина, неговиот габаритен опус по содржајност, идејност и идеолошка припадност (социјалист како идеја, не како тоа што после 1945 година било применето во практика), денеска секоја година, заеднички, молкум ќе го славевме неговиот лик и дело.

Но не, токму и за лик како Вапцаров ние направивме таблоиден скандал, полнејќи ги првите страници на пишаните медиуми и отворајќи ги дневните вести. Со тоа докажавме, прво, дека не сме му ниту до колена на великанот и, второ, поганејќи го него, неговата оставина и неговиот социјално-национален опус, ние сме сè тоа што тој не бил.

Зарем цели осум децении по неговата погибија, ние воопшто не сме напреднале во разбирањето на меѓучовечките, наднационалните односи, туку уште пострашно сме отишле во ретроградност, националистичка, екскомуницирачка затвореност, сме се напикале во нашиот имагинарен, фантазмагоричен и параноидно-анксиозен националистички свет и никако не можеме да излеземе оттаму? Денес, осумдесет години подоцна, ако стане Вапцаров и да го види положението на измачениот македонски и бугарски работник, тој со уште поголема сила ќе твори и ќе пишува за нивната мака, ќе се сообрази со неа и ќе се разочара дека ништо не е сменето во тој домен. Како е можно, речиси цел еден век потоа, ние да не можеме да ги поставиме нашите односи на тоа ниво, на таа свесност и таа релација, само и само да работиме во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните од двете страни на границата, поттикнувајќи ги економско-стопанските, инфраструктурните, социјалните, образовните и културолошките релации за Вапцаровото „племе“ да не биде неокапиталистички роб на криминогената олигархија.

Како може две земји, кои според индексот на квалитетот на животот се многу повеќе до земјите од третиот свет, наместо до модерните најразвиени западни земји, сè уште на врвот на својата национална агенда да го имаат за приоритет толкувањето на историјата, нејзините ликови, настани и дела, кога таа е архивирана, завршена и работа која, ако сакате качете се на Марс, не може со ништо да ја промените? Просто невозможно и неверојатно за мојот мозок, моето менталитетно поимање, за моето разбирање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите. За жал, не песимизмот, туку реалниот прагматизам ми укажува дека и во наредните осумдесет години ништо нема да се смени. Барем не на подобро.

Мизерно ловење ситни политички поени

Појавата на Каракачанов, Петков, Захариева и Јотова на отворањето на таканаречениот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола беше, случајно или не, запечатување на политичката судбина на лидерот на бугарското ВМРО, ултранационалистот Красимир Каракачанов. За чудо и проамериканскиот, антинационалистичкиот, харвардецот Кирил Петков, по таа појава падна од власт и ги загуби последните парламентарни избори кај нашите источни соседи. Не, не велам дека тоа е главната причина за нивните политички порази, но е космичка правда за сите тие што врз грбот на свесни, подли, намерни и бедни политички провокации сакаат да печалат политички поени за да ја освојат или да ја задржат власта.

Појавата на лидерите на македонската опозиција, Христијан Мицкоски и Димитар Апасиев, како и на претставници на владејачката партија на оној „џандар-провокатор“, кој цел живот е во власта и ги користи финансиските привилегии од неа, а цел живот од позиција на власт се однесува како морален ориентир и критичар на политиките на власта, е доказ дека доколку има иста таква космичка правда и овие карикатурални кловнови ќе ја видат својата политичка смрт наскоро. Бидејќи нивната цел не е никаков патриотизам, никакво бранење национален идентитет и јазик, туку борба за гола власт од која ќе го цицаат државниот организам како закачени крлежи на улично куче. За да се обезбедат за „пет животи“, тие што сè уште не се обезбедиле.

Слики: Eric Fraser FSIA
Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото