31 година - Устав на Македонија

21.11.2022 10:56
31 година од донесувањето на Уставот на Македонија

31 година од Уставот, неговата правна и политичка флексибилност и помогна на Македонија да расте и да се развива.

Македонскиот Устав влезе во четвртата деценија од неговото донесување. Три децении највисокиот правен акт ја чува и брани државата, неретко и самиот наоѓајќи се на удар, но успешно пливајќи низ општествените и политичките турбуленции. Неговата правна и политичка флексибилност и помогна на Македонија да расте и да се развива.

Еден од творците на Уставот, универзитетскиот професор Владо Поповски денеска за НоваТВ ексклузивно откри дека Уставот бил пишуван во карабина на Водно.

„Дојде еден ден кај мене Фрчкоски и ми вика ајде да пишуваме Устав. Јас не знаев дека тој претходно бил повикан од Глигоров кој ни ја дал таа задача, и му реков дека пишување Устав не е шега и не може туку-така да си седнеме да пишуваме Устав оти така ни текнало. Но набрзо ми стана јасно дека е тоа по барање на Глигоров и се согласив“.

Местото на кое ја работеле оваа важна државна операција ни најмалку не е импресивно, Уставот бил пишуван во – карабина на Водно. „Се собравме и работевме тројцата во карабина на Водно, беше покриена, имаше прозорци. Карабината се наоѓаше во дворот на татко му на Лазе Китановски“, се потсетува Поповски.

Така тричлената група професори Владо Камбовски, Љубомир Фрчкоски и Лазар Китановски започнуваат да ја испишуваат историјата на независна Македонија.

„Фрчкоски седеше на подот, а околу него беа расфрлани триесетина устави на разни држави. Се определивме да се раководиме според хрватскиот устав затоа што тој ни изгледаше најблизу до состојбите во Македонија“, вели Поповски за НоваТВ.

„Лазе донесе машина за куцање, тој куцаше ние диктиравме. Лесно се согласувавме околу одредбите, а ако не можевме да се договориме тогаш ги стававме на хартија и двете формулации и низ дискусија ќе се определевме за едната“, ни раскажа тој.

Текстот би готов на 28 април 1991 година. „Го откуцавме и им однесовме по еден примерок на Глигоров и на Андов. Им се допадна и Глигоров по осум дена (на 6 мај) покрена иницијатива и почна процедурата во Уставната комисија“, вели Поповски.

Во јули веќе бил утврден нацртот на Уставот а на 17 ноември веќе беше изгласан со 94 гласа „за“.

Димитар Трпеноски, независен пратеник во првиот парламент, во интервју за СДК по повод 25 години од независноста, раскажа дека во собраниската дебата за донесување на Уставот се проблематизирала единствено преамбулата. „Професорката Гордана Давкова-Силјановска рече дека е граѓански устав, Коле Мангов – дека се работи за модерен Устав. ПДП, партијата на Албанците, даде епитети на првиот Устав. Абдурахман Алити рече дека е „успешен текст на модерен Устав“, пратеникот Насер Зибери имаше забелешка: ‘Устав, кој покрај демократски и модерни принципи има и ретрограден пристап’. Причината беше што во преамбулата стоеше дека Република Македонија е национална држава на македонскиот народ, и на националните малцинства. Забелешка беше што терминот од поранешниот Устав, народност, беше заменет со малцинство“, изјави тогаш Трпеноски.

Еден од најемотивните денови во македонската постјугословенска историја, денес три децении подоцна веќе не предизвикува никаква јавна реакција, ниту политички оцени за функционалноста на Уставот.

Среде политичката бура за внесување на бугарското малцинство во Уставот, историјатот на неговото донесување се чини како шега. Или можеби затоа што во поновите години чувствителноста на јавноста кон измените на конститутивниот акт е зголемена. Измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009, 2011 и во 2018 година. Најголемите потреси се случија при измените во 2001 година кога беа дадени поголеми права на албанската етничка заедница и во 2018-2019 кога беше внесено новото уставно име на државата, Република Северна Македонија. Веста за измените на Уставот во 2001 година се најде и на ударните страници на светските медиуми затоа што со овој чин беше окончан вооружениот судир. Би-Би-Си напиша дека измените со 15 амандмани ги предложил претседателот Борис Трајковски, со оцена дека со нивното прифаќање е ставен крај на повеќедневниот политички ќорсокак.

„Измените што ги претрпе Уставот формално-правно не се спротивни на духот и на решенијата од 1991 година“, оцени денеска во нашиот разговор професорот Владо Поповски. „На неговата основа се поставија и принципите на Охридскиот договор кои се принципи и на Уставот од 1991 година, а тие се дека Македонија е мултиетничка држава, мултиетничка заедница и мултиетничко општество. Ниту еден од амандманите кои дојдоа подоцна не го нарушија концептот на Уставот, туку нарушувањата се случија на практичен план“, ни изјави Поповски.

Македонскиот Устав има 134 члена а досега се додадени и 32 амандмани.

Извор:Нова ТВ online

Слични содржини

Општество / Свет / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Свет / Историја
Општество / Став / Историја
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото