Јохан Кројф во екот на кариерата

30.12.2022 02:13
Јохан Кројф во екот на кариерата

Како ангел на историјата, пренесена од колумната на еден уважен автор, на електронските социјални мрежи за време на Светското фудбалско првенство во Катар со денови струеше следната приказна за достоинството и чојството, и секој што ја цитираше и парафразираше се чувствуваше одважно и гордо, небаре таа е дел од неговото сопствено искуство и подвиг:

„Јохан Кројф во зенитот на својата кариера одби да оди на Светското првенство во Аргентина. Холандија, опседната со фудбалот, ја шокираше нејзиниот сакан капитен кого сите веќе го гледаа како во Буенос Аирес го крева победничкиот пехар. Тие денови атмосферата вриеше, но не без причина, зашто се очекуваше репрезентацијата на Холандија да биде во финалето на тој Мундијал. Најпосле, Холандезите и дотуркаа до финалето, но без Јохан Кројф. Фудбалскиот гениј кој ги маѓепса Холандија и светот, таа 1978 година ѝ објави на изненадената нација дека не сака и не може да се игра фудбал во земја (Аргентина, не Холандија!) во која на брутален начин се пропагира фашизам и се кршат човековите права, особено правата на малцинствата. Да повториме, Мундијалот во Аргентина требаше да биде круна на кариерата на Кројф, но тој со индигнација одби да учествува на спортските игри во земја во која владее десничарска хунта. Потоа, Кројф ќе ги опише тие денови како вистински пекол за него и неговото семејство. 'Со денови, буквално не можевме да излеземе од домот. Заканите со смрт беа наше секојдневие.' Питомата Холандија подиве заради 'предавникот' и 'мразачот на сè што е холандско', а во соблекувалната на клубот Ајакс упаѓаа политичари, дури и претседатели на држави, но Кројф остана безмилосен. 'Фудбалот не е само игра, фудбалот е повеќе од игра; тоа е начин на живот и филозофија, а животот не се состои само од квадратурата на теренот туку и тоа тоа како и зошто го живееме. Јас не можам да го занемарам тоа, пред сè сум човек, а потоа фудбалер и капитен на својата репрезентација', им образложи Јохан Кројф на своите сонародници, покажувајќи им дека најпрвин мораат да бидат луѓе, а потоа навивачи“.

Ова приказна вредна за восхит и споменик, која е претставена како непобитен биографски факт на славниот мајстор на фудбалот Јохан Кројф (1947-2016), му ја испратив на својот другар, фотограф и новинар Младен Пикулиќ во Ротердам. Истиот ден од него го добив следниот одговор:

„Бидејќи сум хронично сомничав околу тоа што го пишуваат 'нашите весници', било за фудбалот или временската прогноза, го прелистав холандскиот печат од деновите пред Светското првенство во Аргентина, а потоа и од 2008 година, кога Кројф зборуваше за тоа во интервју за еден шпански медиум. Еве, во превод од холандски јазик:

Кројф не замина на Светското првенство 1978 година во Аргентина стравувајќи за безбедноста на своето семејство. Капитенот на холандската фудбалска репрезентација за една шпанска радио станица изјави: 'Вистината треба да се каже само еднаш! Непосредно пред турнирот во Аргентина бевме ограбени'. Имено, во домот во Барселона во кој тогаш живееше Кројф со сопругата и децата, влегле крадци и на неговата сопруга ѝ впериле пиштол во глава. Потоа ја врзале за столица. По овој инцидент Кројф со недели не сакал да излегува од куќата, која била под полициски надзор. Со Кројф, Портокаловите стигнаа до финалето на Светското првенство во 1974 година во Германија. Без Кројф холандската репрезентација стигна до финалето во Аргентина. Изгубија двапати. Тогаш веќе добро се знаеше дека семејството на Кројф е нападнато претходната, 1977 година. Меѓутоа, до неодамна кружеше приказната дека причината за неучеството на Кројф на Светското првенство 1978 година е инцидент во хотелот за играчи во Германија 1974 година, каде, наводно, некои дами во бањите професионално се капеле со фудбалерите, и дека тоа ѝ дало причина на госпоѓата Кројф, четири години подоцна, да го задржи својот сопруг дома. Извинете што ја расипувам илузијата за подобар свет и праведни луѓе.“

Истражував и јас. Пред околу 14 години, на 17 април 2008 година, Гардијан објави текст со наслов: „After 30 years, the truth behind Cruyff’s World Cup absence“, со антрфиле: „Dutch star reveals kidnap attempt on his family that changed his outlook on life“.

Гардијан се повикува на споменатото радиско интервју во кое Кројф, после триесет години молчење, најпосле зборува за вистинската причина и го развејува ветерот во Барселона за дотогашните причини за своето отсуство од Светското првенство во Аргентина, на кое Холандија во финалето загуби од домаќинот со 3:1.

Значи, не се работело за нерасчистени односи со спонзорите и рекламната индустрија, ни за влијанието на неговата тогашна сопруга, како што исто така се претпоставуваше и известуваше, туку се работело за обид за киднапирање, кое Кројф со семејството успеал да го избегне, иако, пред сопругата и трите деца му била вперена пушка во чело.

Овој трагичен настан влијаеше не само на одлуката на Кројф да не игра на последното светско првенство на кое можеше да игра туку и на неговиот поглед на светот.

Како наравоучение за новинарите дека за пишување не се доволни само добрите намери, дека, сепак, пресудни се жилавите факти, нека им послужи оваа приказна за славниот Кројф, играчот на Ајакс и Барса, кој живееше меѓу нас до пред шест години, а еве, сега, пред Божиќ треба да се пишува и за оној кој веќе два милениуми не е со нас, ако некогаш и воопшто бил.

23.12.2022

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.danas.rs

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото