Повеќеслоен визуелен мемориски софтвер

08.01.2020 13:19
Повеќеслоен визуелен мемориски софтвер

 Зоран Шекеров

Еден од авторите во ова чудесно издание, какво одамна не сме виделе по својата содржина но и по својот формат, по своето обликување, по своите визуелни експлозии, по просторноста која ја дава за откривање на безбројните визуелни читања на текстот на светот, на прашањето зошто фотографија, вели: Затоа што го стишува звукот кој го прави времето (кое поминува) Заради недостаток на зборови.

Маја Аргакиева

Брилијантноста на оваа книга се состои во многу нешта. Но ми се чини најмногу во обемното и богато производство на тишина чија граматика создава многузначна вредност, која говори со најразговетниот јазик на најважните интимни и заеднички, колективни теми. Ова е книга на тишината која длабоко ѝ се спротиставува на обезначената врева во која што живееме. Во издание на Темплум под уредничката креативност на Драги Неделчевски и Никола Гелевски и обликувано со фантастичниот дизајнерски дар на Небојша Гелевски и Ема... имаме еден пакет, една алтка за паметење на интимното и на колективното време, за интимните и за колективните процеси. Ова е тул бокс за секој кој сака да го резимира времето во кое сме сами и во кое можеби сакаме да бидеме заедно.

Иван Блажев

12-те автори претставени преку бележењата на својот објектив, создаваат повеќеслоен визуелен мемориски софтвер со своите врвни нарации за различните агли на светот во кои можеме да ја испишеме сите ние нашата поединечна приказна за раѓањето и смртта. Целото дело е плетиво низ кое се ткае една еволуција на стварното, имагинарното и симболичкото.

Васе Аманито

Пред нас е текст кој нè учи да ги читаме, да ги гледаме, и да ги разбереме различните ракурси на појавното, често невидливо во трчаницата низ која забрефтано врвиме. Низ изборот на овие фотографии учиме како да ја откриема стварноста за себе преку високиот напон на тишниата што фотографскиот медиум ја обезбедува токму во ова, наше време, кое е гласно на начин којшто во односот со себе и со другите нè остава празни и поништени.

Владимир Арсовски

Во животот нè интересираат илјадници фотографии, за нив чувствуваме некој општ интерес, општ влог, вид трогнатост, но емоцијата минува низ разумен релеј кој е резултат на моралната и на политичката култура. Она што го чувствуваме за тие фотографии зависи од т.н. среден афект, од политичката дресура. Значи тие фотографии ги примаме како политички сведоштав или во нив уживаме како во добри историски слики: „јас културно соучествувам во фигурите, гестовите, декорите, акциите.“, вели Барт. Токму ова е студиум. Оној предвидлив аспект на фактите, кои доколку не е нарушен со некој детал кој ме привлекува или ранува, создава одредн тип унарни фотографии, како што ги нарекува Барт. Унарна е онаа фотографија која не ја менува стварноста, не ја колеба, не ја удвојува, има единство на композицијата, а тоа е првото правило за вообичаена, дури би рекла вулгарна реторика. Но авторите на фотографиите поместени во ова издание ја имаат онаа друга карактеристика за која говори Барт а која се одликува со тоа што елементот доаѓа да го „поништи“, или поточно да го оживее она што се нарекува студиум. Тоа е пунктум, рана, бодеж, знак направен со шилест предмет, мала дупка, мала валканица, мал рез и фрлање коцка“. Пунктумот не е намера. Напротив, тоа е детал кој одненадеж нè вознемирува, предизвикувајќи секакви чувства - сочуство, гнев, апатија, признание, љубов, омраза.

Дејан Колевски

Овие фотографии претставени низ изборот на автори на Неделчевски и Гелевски се своевидно упатства како во овој наш простор кој е најчесто унарен да создадеме и да го препознаеме деталот, субверзијата, непредвидливост. Затоа што присуството на деталот, на онаа ненамерна, случајна дамка во видното полето на пејзажот, е токму тоа што ни дава шанса да го прочитаме. Таа дамка, тоа слепо поле кое излегува од рамките на зададениот пејзаж создава нов простор.

Билјана Јуруковски

Зошто е важна оваа книга. Заради повеќе нешта но мене особено зарди две нешта. Прво, особено во ова доба во кое живееме умирањето, симболичко и фактичко, е важно и клучно да се комуницира. Фотографијата е онаа што го бележи нашето умирање, во еден едеинствен миг, и токму оттаму е и возбудата кога гледаме во неа, вели Ролан Барт, на кој не можам да не се повикам секогаш кога ја мислам фотографијата. Таа ни го дава времето во една точка од неговиот миговен занес, и слично како и животот, со многу малку извесност, ни ја нуди стварноста во состојба на минато. Времето, со кое сме опседнати и чие отчукување нè прогонува катадневно е она што нè тера фатално да бидеме зависни од фотографиите: и тоа времето како потсетување на минливоста, на бесмисленоста од сиот гнев што сме го искусиле за време на животот. Така фотографијата го третира времето - секогаш на ум имајќи го умирањето. И мене ми се чини дека тоа е можеби една од најголемите вредности на оваа книга – таа ги синтетизира фрагментите на времето во кое се покажуваат парчиња од животот, агли од минати дејствија, кои произведуваат радост заради миговното умирање и со тоа создавајќи едновремено траење и опција за поинакво согледан живот.

Иван Илиев

Има многу што да се зборува за оваа книга, за ова фино визуелно и дискурзивно плетиво, за овој посебен запис за едно време, но заради ограниченоста на ова време овде би резимирала клучното нешто е што уредниците, во соработка со фотографите и фотографките ги селектираат фотографиите врз принципот на емотивниот и интелектуален ефект што го оставаат.

Весна Каревска

Кога врвиме внимателно низ селектираните фотографии во оваа книга не говориме само за оној исечок од реалноста кој е аплициран врз специјалната хартија, туку за фотографската меморија со која се обидуваме да го зграпчиме животот, покажувајќи ја неможноста да се соочиме со смртта. „Животот е составен од ситни осамености“, вели Барт, а токму нив ги бележиме со најсофистицираната камера - очите. Тие осамености прикажани овде, во оваа книга создаваат едно ново мсето на припаѓање, една нова заедница.

Самир Љума

„Фотографијата, вели тој, го умножува она што се случило само еднаш - таа механички го повторува она што никогаш нема да се повтори во животот. И фотографијата и референтот се затечени во истата љубовна и таговна неподвижност насред светот во движење. Луѓето се само анестезирани и забодени со шпенагла како пеперуги. “

Илика Стрезоска

Општеството се обидува да ја вразуми фотографијата, да го ублажи лудилото кое се заканува да експлодира во лицето на оној што ја гледа фотографијата. Општеството се обидува да нѐ бомбардира со дисциплинирани слики/фотографии. Авторите претставени во оваа книга се целосна спротивност на ваквата општествена тенденција. Имаме субверзивно издание кое се поставува наспроти доминантната покорна тенденција за дефиницијата на она што значи и каква улога треба да има фотографијата денес. За тоа општетсвото има две средства: од фотографијата да се направи уметност, бидејќи ниту една уметност не е луда и фотографијата да се воопшти, да се прилагоди на стадото, да се банализира, така што наспроти неа да нема веќе ниту една друга слика во однос на која би можела да ја истакне својата посебност, да го изрази својот скандал, своето лудило. И токму затоа Барт забележува дека она што ги карактеризира напредните општетсва денес е тоа што тие трошат слики, а не верувања: затоа се помалку слободоумни а повеќе лажни. Сликата, станувајќи сè поуниверзална, произведува свет без разлики.

Натали Башоски

Фотографиите се од книгата „Дванаесет македонски фотограф(к)и“ во издание на книгоиздателство Темплум.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото