Зависноста од интернет

30.06.2016 11:12
Зависноста од интернет

Четворица седат во кафуле. На масата пред нив има пијачки, некој пуши и цигара. Но, наместо да се гледаат и да разговараат, тие ги држат главите наведнати во своите мобилни телефони и проверуваат што има ново на мрежите.

Само повремено, некој од нив ќе ја подигне главата и ќе им се обрати на соговорниците: „Дали виде што поставила Марија? Посетете го нејзиниот профил!“ И тоа ќе биде целиот разговор што го имаат.

Доколку пред само десет години некој предвидеше дека вака ќе изгледа социјалниот живот, никој немаше да верува. Денес, ваквата сцена е сè почеста и вообичаена.

Сите знаеме каква е стандардната реакција на просечната личност кога ќе слушне за ова: „Господи, страшно, како тие нешта ги отуѓваат луѓето, каде оди овој свет.“ И така натаму. Но, можеме ли да имаме некаков подлабок поглед на оваа појава, можеме ли некако да деконструираме каква е таа магична сила која ги влече луѓето да се однесуваат така?

Токму ова е темата со која психолозите интензивно се занимаваат во последните години и заклучоците до кои дојдоа се многу интересни. Клучната компонента која создава зависност од социјалните мрежи е лачењето допамин заради валидација. За тоа делумно веќе пишував во колумната за нарцизмот.

Што всушност е валидацијата? Тоа е чувство на среќа која луѓето ја чувствуваат секогаш кога ќе добијат нов коментар на некоја своја реченица. Кога некој ќе испрати порака. Секогаш кога некој им „лајкува“ слика и вели дека се убави. Секогаш кога некој мисли на нас на кој било начин, се лачи мала количина допамин и мозокот така се „навлекува“ на оваа дрога. Инаку, допаминот се лачи кога ќе изедеме нешто, кога на кој било начин ќе доживееме некое задоволување на потребите.

Главниот проблем е во тоа што луѓето не знаат кога точно ќе се случи тоа и тогаш ги проверуваат социјалните мрежи на секои пет минути, во потрага по допамин. Како на масата да имате чинија, но не знаете кога во неа ќе се појави чоколадо, па постојано мора да проверувате. И, потоа тоа се претвора во опсесија.

Пред неколку години социјалните психолози направија експеримент со глувци кој ја потврдува оваа теорија.

Во првата група имало глувци на кои им давале обилна количина храна секое утро во осум часот. Храната ја ставале во еден сад, а глушецот морал со носот да ја отвори куќичката, да провери дали внатре има храна и потоа ја јадел. Овие глувци стекнале специфично однесување. Секое утро, неколку минути пред осум часот, глушецот почнувал да ја проверува куќичката. Потоа, внатре ќе најдел храна, ќе ја изедел и бил мирен цел ден.

Во другата група биле глувци на кои им давале храна во многу мали количини педесет пати дневно, во случајни временски моменти. Што се случило набрзо со овие глувци? Полуделе. Станале опседнати, го проверувале садот на секои пет секунди, се вртеле во кафезот по цел ден. Како што вели нашиот народ – „откачиле“.

За жал, идентично нешто им се случува на луѓето на мрежите. Не се знае кога ќе дојде нова нотификација, нов коментар или „лајк“ и луѓето стануваат опседнати. Последица од ова е многу плиток фокус и непродуктивност во работата. Луѓето не можат да се задлабочат во која било активност со која се занимаваат. Моментален бестселер во психологијата е книгата „Површните“, која се занимава токму со овој проблем и зборува за тоа дека интернетот колективно нè промени во човештво на површни луѓе.

Еден ресторан од Њујорк неодамна објави студија која одлично ја илустрира оваа појава. Се случило гостите масовно да се жалат дека услугата е бавна. Управата на ресторанот не можела да открие за што станува збор. Вработиле дополнителни келнери, вовеле засилена контрола, но гостите и понатаму се жалеле на бавната услуга. Потоа, почнале да ја анализираат снимката од камерата во ресторанот и да ги споредуваат тие снимки со оние од пред десет години. И дошле до вчудоневидувачко откритие.

Повеќето гости почнале да се однесуваат поинаку. Доаѓале во ресторанот и барале шифра за интернет. Потоа, дваесет минути поминувале проверувајќи го „Фејсбук“ пред воопшто да погледнат во менито. Кога храната ќе стигне, ја сликаат чинијата од разни агли и ја ставаат на „Инстаграм“. За време на јадењето, одговараат на пораки и прават огромни паузи. Сè на сè, поминуваат многу време во ресторанот, а кога ќе видат колку време поминало, за тоа ги обвинуваат бавните келнери.

Значи, луѓето не се свесни што им прави интернетот на нивните мозоци. Не се свесни затоа што конзумирањето на истиот им дава чувство на среќа и задоволство и не помислуваат да ја бараат причината за некои свои неуспеси во нешто што ги прави среќни. Токму во тоа е најголемата опасност на оваа зависност – за многу луѓе е невидлива.

Извор: http://www.politika.rs/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото