Како интернетот го промени новинарството

14.11.2012 09:38
Како интернетот го промени новинарството

Како интернетот го промени новинарството и каде исчезнаа вицовите

Од година во година, дневните весници сè повеќе се селат на интернет и продажбата на „хартиените“ изданија опаѓа. Секој месец се појавува вест дека некој познат магазин во Америка го укинува печатеното издание и преминува само на електронско. И тоа е нешто нормално, медиумот кој на луѓето им е полесно достапен полека го заменува медиумот кој е потешко достапен.

Меѓутоа, не станува збор само за проста промена на техничкиот начин nа прикажување на вестите. Имав увид во анализите на големи медиумски куќи кои прават планови за следните десет или дваесет години, од кои се гледа дека преминот на новинарството на овој медиум предизвика огромни промени во однесувањето на луѓето. Полека се менува парадигмата на она што го нарекуваме „вести“. Овде изнесувам некои резултати од нивните истражувања.

Што беа вестите некогаш? Можеме да замислиме човек кој наутро купува весник, на пример „Политика“, седи на некоја маса со кафе, прелистува и ги чита статиите кои го интересираат. Тоа беа, а за многу луѓе и денес се, „вести“.

Сето ова го менуваат социјалните медиуми, пред сè Фејсбук. За огромен број луѓе, денес Фејсбук е првото нешто што го читаат кога ќе се разбудат или кога имаат слободно време. Тоа се за нив „вести“. Низата информации која ја напишале нивните пријатели, роднини, соседи, колеги од работа. Сè помалку луѓе одат на интернет страниците на дневните весници, затоа што знаат дека ако се случило нешто баш епохално, тоа ќе го постави некој од нивните пријатели на Фејсбук.

Резултатите од истражувањето кое го направи Фејсбук се прилично интересни. Во иднина, ако веќе не и во сегашноста, луѓето воопшто нема да сакаат да читаат какви било информации за војните, кризите, несреќите, сиромаштијата. Тоа се вести кои главните уредници традиционално ги ставаат на насловните страници. Меѓутоа, денес „насловна страница“ стануваат оние вести кои луѓето одлучуваат да ги постават на својот Фејсбук профил. Нема да сакаат да читаат што прави претседателот на државата или каква фабрика отворил некој министер, затоа што на Фејсбук никој не сака да ги постави тие вести. На луѓето им се здодевни.

Луѓето сè послабо одат на насловната страница на сајтот на некој дневен весник, за да кликнат на веста која уредникот ја одбрал како главна. Таквото однесување полека исчезнува и сега „главна вест“ станува она што луѓето од нечие блиско опкружување одлучиле да го постават на Фејсбук. Главниот уредник на медиумската куќа сè повеќе го губи своето влијание, затоа што главен уредник сега се луѓето - тие одлучуваат што ќе биде читано. Добра работа кај сето ова е што полека исчезнува можноста за спинување на вестите. Порано беше доволно некој политичар да биде „добар“ со два-три уредници од најсилните медиуми кои со денови ќе ставаат на насловната страница сè најдобро за него (или сè најлошо за неговите противници). Сега тоа станува сè помалку важно, затоа што колку и да се трудат да ја претстават некоја вест како главна, ако луѓето одлучат да не ја постават на Фејсбук – исто како да не постои.

Сите овие истражувања покажаа еден интересен факт: луѓето многу повеќе ги интересира што прават луѓето од нивното најблиско опкружување отколку некои „познати личности“. Веќе 400 години луѓето читаат вести за луѓе кои не им се блиски, само затоа што не постоела техничка можност секој ден да може да се купи весник во кој на насловните страници ќе бидат испечатени вести за нечија сосетка, кума, сестра, другар од училиште. Луѓето кои се претседатели на држави, кралеви, министри, пејачки, глумци беа единствени заеднички „познаници“ на сите луѓе, а бидејќи весниците имаа техничка можност да печатат само една верзија на весникот, печатеа информации за нив. Тоа беа единствени универзални информации кои можеа да се испечатат а колку-толку да заинтересираат кого било.

Денес Фејсбук претставува верзија на „весник“ која е „испечатена“ поинаку за секој човек на светот. Ударните вести во тие „весници“ се сликите кои ги поставила нечија сестра од летниот одмор или што се случувало минатата вечер кога другарите излегле во некое кафуле. Вестите за претседателот на државата или за тоа дека Динкиќ отвора фабрика, во тие „весници“ стануваат потполно маргинални или воопшто не постојат.

Сево ова можеби делува како премногу радикална промена на општеството, но се случува токму денес, и помладите генерации се однесуваат речиси исклучиво на овој начин. Повторувам, тоа не е мој приватен впечаток, туку резултат од сериозни истражувања на пазарот во кои се вложени големи пари. Многу интелектуалци не сакаат да веруваат дека тоа е вистина и бурно реагираат кога ќе го слушнат.

На крајот, еве пример колку интернетот преку ноќ може да измени некои работи во општеството. Веројатно сите сте забележале дека вицовите како форма речиси исчезнаа. Порано, кога бев помлад, се сеќавам - сите кажуваа вицови на сите страни, секој ден некој ми кажуваше добар виц. Денес - некој ви кажува виц еднаш во три месеци. Поради што? Па, сè се пресели на Јутјуб. Она што порано беше „слушај колку добар виц чув денес“, денес стана „еј, дојди да го видиш клипов на Јутјуб“. Целиот хумор се пресели таму. На луѓето им е неспоредливо посмешно да гледаат клип во кој жив Босанец ќе „тресне“ нешто, отколку да слушаат виц „си биле Мујо и Хасо“.

Тоа е, значи, нешто што се случува незапирливо. Новите медиуми поставуваат и нови модели на однесување на луѓето.

Извор: Политика

ОкоБоли главаВицФото