1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Луѓето кои се информираат преку социјалните мрежи и платформи како Фејсбук и Јутјуб се посклони кон верување во теории на заговор за вирусот. Тоа е заклучокот на новото истражување спроведено во Обединетото Кралство. Истражувањето го спровела агенцијата Ипсос Мори за лондонскиот Кралски колеџ преку три онлајн прашалници во кои зеле учество 2 254 жители на Обединетото Кралство на возраст од 16 до 75 години.
Според резултатите на истражувањето, бројот на луѓето кои веруваат во теории на заговор пораснал: на почетокот на април 25% од испитаниците верувале дека коронавирусот е намерно создаден во лабораторија, а на крајот од мај во тоа верувале 30% од испитаниците. Тоа е воедно и најраширената теорија на завера за коронавирусот во Обединетото Кралство. Во врската помеѓу 5Г-радијацијата и пандемијата на коронавирусот веруваат 8% од испитаниците, а 7% сметаат дека коронавирусот воопшто не постои. Од вкупно 8% од оние кои веруваат дека 5Г-мрежата предизикува пандемија дури 60% го навеле Јутјуб како главен извор на информирање за вирусот, во споредба со само 14% од оние кои во тоа не веруваат. Исто така, 56% од луѓето кои веруваат дека коронавирусот не постои го користат Фејсбук како извор на информации за пандемијата – тројно повеќе во однос на луѓето кои не го порекнуваат постоењето на вирусот.
Истражувањето покажало и дека луѓето кои користат социјални мрежи за информирање за вирусот се посклони кон прекршување на мерките донесени за да се спречи неконтролирано ширење на вирусот. Конкретно, 58% од оние кои излегле од дома со симптоми на зараза од коронавирусот го користат Јутјуб како главен извор на информации – значително поеќе од 16% од оние кои не излегувале од дома додека имале симптоми на болеста. Истиот образец е воочен и помеѓу користењето на Фејсбук како главен извор на информации за вирусот и кршењето на мерките за самоизолација – 37% од оние кои имале симптоми на зараза со коронавирусот примале посети од пријатели и членови на семејството во тој период, во споредба сп 23% од оние кои не ги кршеле на тој начин мерките за изолација.
Истражувањето не дало јасни резултато во однос на тоа кои поединци или општествени заедници се посклони да веруваат во теории на заговор. Се покажало дека изворите на информирање имаат посилно влијание врз верувањето и однесувањето на испитаниците во врска со пандемијата од демографските карактеристики како научната писменост и социо-економскиот статус. До исти заклучоци за врската помеѓу социјалните мрежи како извори на информации, верувањето во теориите на заговор и (не)придржување до мерките дошле и научниците од канадскиот Универзитет Мекгил во ново истражување.
Извор: bilten.org