1009 hPa
45 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 12:59
Викторија ван Вајоленс (@victoriavanviolence) има над 200.000 следбеници на Инстаграм. Тие ги гледаат нејзините убави фотографии на плажа, на фестивали, дома со кучето. Но, покрај фотографиите со најмногу „лајкови“ има текстови кои често не се вклопуваат со совршениот свет на Инстаграм: „Секој има фази кога му е навистина ужасно, но за тоа едноставно не разговараме. Негативни чувства, неуспеси, разделби, губење работа... Тоа се маните во нашето општество. Но, сето тоа е сосема нормално.“
Инфлуенсерката чие вистинско име е Викторија Милер редовно оди на психотерапија. Пред неколку години морала да преброди депресија. „Постојано високо ниво на стрес, никогаш крај на работата - таканаречениот брнаут-синдром е познат во многу професии“, вели таа. Истовремено, директното споредување со другите на Инстаграм се случува нон-стоп, не само по бројот на следбеници или „лајкови“. „Другите имаат поинтересен, подобар живот... Во сите можни области од животот човекот може да биде полош од останатите“, вели Викторија Милер.
Таа веќе извесно време се занимава и со сериозни теми, како заштитата на климата, омразата на интернет или менталното здравје. Следбениците тоа добро го прифатиле. Сепак, мнозинството понуди на Инстаграм се „совршен свет“. Фотошопот и пластичните операции се дел од светот на инфлуенсерите и корисниците. Таа платформа секојдневно ја користат повеќе од 500 милиони луѓе - колку што, на пример, живеат во ЕУ.
Како храна, пијалок, секс...
Зошто платформата им е толку фасцинантна на луѓето? Што се случува во нашиот мозок кога ја користиме? „Ние сме социјални суштества. Уште во камено доба било полесно да се преживее во група“, вели Дар Меши, невролог од државниот универзитет Мичиген. Тој е прв научник на светот кој ги има проучувано корисниците на социјални мрежи со магнетна резонанца и тоа на Слободниот универзитет во Берлин.
Скенирањето на мозокот покажало кои делови на мозокот се активни кога нешто објавуваме на мрежите, кој која нешто „лајкуваме“ (стискаме - ми се допаѓа) и кој кога некој друг „лајкува“ нешто што ние сме го објавиле. Секоја од тие акции на мрежата предизвикува реакција во мозочниот центар за награди, т.н. вентрален стриатум. Тој дел од мозокот инаку е активен кога се работи за јадење, пијалок, секс или пари. Или, кога се работи за користење дрога.
Митот за допаминот
Допаминот е трансмитер во мозокот кој често се доведува во врска со социјалните мрежи. Експерименти со пари покажале дека тој се лачи веќе кога човекот само ќе почне да се надева на успех. Истражувачите на тој начин објаснуваат зошто луѓето продолжуваат да висат на автоматите за игри на среќа, или зошто непрекинато ги проверуваат своите апликации.
Истражувачот Меши сепак не може да потврди дека допаминот и употребата на социјалните мрежи се поврзани, но и тој претпоставува дека социјалните мрежи се толку атрактивни поради надежта дека ќе биде активиран центарот за наградување во мозокот.
Нашиот мозочен центар за наградување не се активира само кога ќе добиеме „лајк“. Активен е и кога ние „лајкуваме“ други слики или едноставно од љубопитност погледнуваме што прават нашите пријатели. Меши тоа го објаснува со фактот дека статусот во групата ни е многу важен и дека сакаме „другите да нѐ сакаат“.
Постојано споредување со другите
Професорката по медиумска етика Петра Грим исто така се прашува дали поривот за меѓусебно споредување е вроден или е културолошки условен. На платформите како што е Интаграм луѓето постојано се споредуваат меѓусебно. „Тоа станува проблематично кога споредувањето ќе доведе до девалвација или означување супериорност“, вели таа.
Постојаното споредување може да ги спречи младите луѓе да откријат кои се тие всушност. „Кога следам инфлуенсери за да се ориентирам според нив, на пример што да облечам, што да конзумирам и како би требало да живеам, а истовремено се трудам да бидат уникатна, тешко можам да се концентрирам на тоа што се всушност моите искрени желби.“
Нова визија за светот на социјалните мрежи
Кој тогаш би требало да сноси одговорност за менталното здравје на корисниците на социјални мрежи? Таквите платформи имаат интерес да ги задржат корисниците што е можно подолго на телефоните, зашто на тој начин заработуваат пари. Петра Грим смета значи дека се одговорни интернет-платформите. И, притоа тврди дека би било наивно да се очекува тие сами да променат нешто и со тоа да го загрозат својот модел на стопанисување.
Затоа таа нуди поинаква визија: „Би морало да постои јавно-правен модел, најдобро на ниво на ЕУ. Платформа која би ги штитела податоците, приватноста и менталното здравје на корисниците. Зарем е можно да сме се препуштиле немоќно на американските играчи и само тие да расправаат за правилата“, се прашува Грим. Таа се надева дека би можело да се придобијат инфлуенсери кои би биле активни на новата побезбедна платформа со јасни правила.
Ван Вајоленс, која поради работата секојдневно на Инстаграм поминува од два до шест часа, во деновите кога не се чувствува многу добро минува помалку време на мрежата, а повеќе со семејството и пријателите. „Свесна сум дека сето тоа на интернет не е стварно. Денес илјадници луѓе ви велат дека сте извонредни, а утре може да биде сосема поинаку. Доколку во вистинскиот живот немате стабилна мрежа луѓе - тогаш немате ништо.“ Затоа оваа инфлуенсерка смета дека нејзината хонорарна работа како радио водителка е поодржлива.
Ниту Викторија ван Вајоленс, ни Петра Грим, ниту пак Дар Меши не ги оцрнуваат социјалните мрежи. Велат дека е тоа веќе востановен начин на поврзување со други луѓе. „Можам да добијам и да делам информации на неконвенционален начин и да учам од многу различни луѓе“, вели Ван Вајоленс. И додава: „Социјалните медиуми се место кое можете да го осмислите. Ако луѓето кои ги следам прават да се чувствувам лошо, не би требало веќе да ги следам.“
Извор: DW