Дали сме грозни како кога сме на мрежа?

22.10.2018 00:31
Дали сме грозни како кога сме на мрежа?

„Треба некој да те заколе и со твоето распаднато, црвливо тело да ги нахрани дивите свињи“. Ова и уште многу нешта кои не се за објавување му го напиша еден анонимен корисник на Фејсбук на британскиот професионален тенисер Кајл Едмунд кога во 2017 година претрпе пораз на еден турнир.

На овогодинешниот Ден на Мартин Лутер Кинг еден анонимен корисник на Твитер го славеше човекот кој го уби Кинг пред околу 50 години: „Нека почива во мир Џејмс Ерл Реј. Вистински борец за белата раса.“ Истиот месец американскиот претседател Доналд Трамп твитуваше дека неговото „нуклеарно копче [...] е многу поголемо и помоќно“ од копчето на Ким Џонг Ун. Со тоа завршија неделите со повратни изјави во кои Трамп го нарекуваше севернокорејскиот лидер „рекетар“ и „лудак“, а Ким го нарекуваше Трамп „гангстер“ и „ментално пореметен сенилен Американец“.

Во последно време интернетот е особено непостојано место. Агресијата на социјалните мрежи достигна таква кулминација што некои членови од Претставничкиот дом на САД предложија одредување „национален ден на пристојност“. Овој предлог предизвика реакции од граѓаните – но и постови и твитови полни со гнев, потсмев и вулгарност.

Дали ваквата агресија на социјалните мрежи ни пружа увид во човечката природа?

Не.

Точно е дека злосторствата од омраза се во пораст, дека политичките поделби го достигнаа врвот, а дека нивото на злоба во јавноста, особено на мрежите, е значително. Меѓутоа, тоа не се случува затоа што социјалните мрежи го овозможуваат бранот бруталност на човечката природа.

Како еволутивен антрополог поминав години во истражување и пишување за тоа како во текот на последните два милиони години нашиот вид се преобразил од групи мајмунолики суштества вооружени со стапови и камења во творци на автомобили, ракети, исклучителни уметнички дела, држави и глобални економски системи.

Како сме го постигнале тоа? Нашите мозоци се зголемиле, а нашата способност за соработка ненадејно пораснала. Ние сме генетски опремени за заедничка работа, за создавање разновидни општествени односи, како и за заедничко креативно решавање на проблемите. Тоа е наследството кое го носи секој од нас во 21 век.

Би рекол дека порастот на агресијата на социјалните мрежи е предизвикан од експлозивната комбинација на оваа група човечки еволутивни социјални вештини, ненадејниот развој на социјалните медиуми и одреден политички и економски контекст во кој се наоѓаме – што е комбинација која создала простор за растечки број луѓе кои ја разгоруваат агресијата и шират навреди на социјалните мрежи.

Дозволете да објаснам. Сите сме слушнале за прехранбената аксиома: „Ти си тоа што го јадеш“. Но кога станува збор за нашето однесување, подобра варијанта е: „Таков си во зависност од тоа со кого се дружиш.“ Начинот на кој сфаќаме, доживуваме и дејствуваме во светот е силно обликуван од тоа кој и што нè опкружува секојдневно – нашите семејства, заедницата, институциите, верувањата и примерите.

Овие извори на влијанија наоѓаат начин да продрат дури и во нашата невробиологија. Нашите мозоци и тела постојано се изложени на суптилни промени, така што начинот на кој го сфаќаме светот подеднакво е под влијание на луѓето и местата за кои сметаме дека се најмногу поврзани и се во врска со обрасците на тие луѓе и места.

______________________________________________________________

Отфрлање на говорот на омраза на мрежа

Како – и зошто – полнолетните Американци се злоставуваат едни со други на интернет? Истражувачкиот центар Пју во 2017 година се занимаваше со бројките. Во истражување спроведено на околу 4 000 луѓе, четворица од десет луѓе рекле дека биле изложени на малтретирање на социјалните мрежи. Повод за такво шиканирање главно била политиката: околу една третина од оние кои биле напаѓани – во иста мера демократи и републиканци – изјавиле дека повод било нивното политичко убедување. Повеќе од половината од оние кои биле малтретирани изјавиле дека не го знаеле идентитетот на сторителот; речиси девет од десет изјавиле дека анонимноста на мрежата обезбедува заштита за злобното однесување и малтретирањето. Малку помалку од една третина полнолетни испитаници изјавиле дека возвратиле или преземале некаков вид акција кога биле сведоци дека некого малтретираат на мрежа, а малку повеќе од една третина изјавиле дека не реагирале. – Нина Строклик

______________________________________________________________

Колку е лесно да се отфрлат анонимните навреди на социјалните мрежи? Како што претстави уметникот Жавиер Жаен, тоа е лесно како што на моќен катапулт му е лесно да фрли јајце – во овој случај синото јајце кое беше првобитната икона за анонимност на Твитер. Намерата на уметникот била да ја изрази „омразата во ерата на интернетот, особено на социјалната мрежа на сината птица“, вели Жаен. „Очекувам злоставувачите на Твитер да ја искритикуваат оваа слика.“

 

Овој процес има длабоки еволутивни корени и на луѓето им го пружа она што го нарекуваме заедничка реалност. Оваа врска помеѓу умовите и искуствата ни овозможува да го споделуваме просторот и ефикасно заеднички да работиме, повеќе од повеќето други битија. Делумно и заради тоа сме станале толку успешен вид.

Но, она „кој“ кое го сочинува оној „со кој се дружиме“ е променливо во рамки на тој систем. Денес тоа „кој“ може да опфати повеќе од витруелните пријатели на социјалните мрежи отколку оние кои се физички присутни; повеќе информации апсорбираме преку Твитер, Фејсбук и Инстаграм отколку преку физичките социјални искуства; повеќе мислења добиваме од рекламите на 24 часовниот спонзориран пазар со вести отколку од разговор со други човечки битија.

Живееме во сложени општества создадени околу политички и економски протести кои создаваат огромна нееднаквост и отсуство на поврзаност меѓу нас. Само таа поделба доведува до мноштво предрасуди и мртви точки кои ги раздвојуваат луѓето. Начините на нашето социјално дејствување, особено преку социјалните медиуми се размножуваат токму во време кога сме сè повеќе поделени. Какви можат да бидат последиците?

Историски гледано, хармонијата сме ја одржувале со изразување сочувство и љубезност, како и со зацврстување на поврзаноста секогаш кога сме се групирале. Анонимноста и недостатокот на интеракција лице в лице на платрофмите на социјалните мрежи го отстранува суштинскиот дел од формулата за човечката општественост – а тоа отвора врати за почести и пожестоки изразувања агресија. Спротивставувањето, особено на оние со кои не мора да се соочите лице в лице, е полесно сега од кога било претходно. Доколку нема последици, тоа поттикнува раст на агресија, непристојност и простачка безобѕирност на платформите на социјалните мрежи.

Од причина што оние со кои се среќаваме виртуелно ќе продолжат да влијаат на нас, следното прашање е: со кого сакаме да се сретнуваме? Каков вид општество сакаме да обликуваме и тоа да нè обликува нас? Односно, како ние го менуваме она што ги обликува нашите мозоци и тела – и како на тој начин ја намалуваме агресијата?

Агустин Фуентес

Како луѓе сме еволутивно успешни затоа што нашите големи мозоци ни овозможуваат да се поврзуваме и да соработуваме на најсложените и најразовидните начини од кои било други животни. Способноста да забележуваме како функционира светот, да замислуваме како би можел да се подобри и претворањето на таа визија во реалност (или барем правењето обиди) е карактеристика на човештвото.

И во тоа лежи решението на проблемот. Опремени сме како со способност за совладување на агресијата, така и со поттикнување на кохезијата.

_____________________________________________________________

Антисоцијални мрежи

Кога истражувачкиот центар Пју анкетирал луѓе во врска со тоа како излегле на крај со неодамнешното малтретирање на мрежата, 61 процент изјавиле дека тоа едноставно го игнорирале. Останатите изјавиле дека реагирале на одреден начин; прикажани се шесте најдобри реакции во рамки на таа група, рангирани според популарноста, од соочување со оној кој го врши малтретирањето на мрежата, до бришење или менување име на својот профил.

39 проценти не го игнорирале малтретирањето на мрежа. Еве што правеле:

1. Ѝ се спротивставиле на таа личност.
2. Ја блокирале или отстраниле од листата со пријатели.
3. Ја известиле личноста одговорна за вебсајтот.
4. Се соочиле со личноста лице в лице или со текстуален одговор или телефонски повик.
5. Дискутирале за проблемот на мрежата.
6. Го промениле корисничкото име или го избришале профилот.

______________________________________________________________

Во текот на безбројните милениуми луѓето колективно дејствувале на осуда и казнување на антисоцијалните дела како силеџиството и злоставувањето. На социјалните мрежи, каде злоставувачот е непристапен и анонимен, индивидуалниот приговор, дури и со најдобра намера, може да се претвори во гласна кавга. Но спротивставувањето на насилникот со групна акција – повеќе со аргументиран, заеднички одговор отколку со рефлексен солистички гест – може да биде поефикасно во запирањето на агресијата.

Погледнете го влијанието на движењето #MeToo, движењето Time's Up и движењето Black Lives Matter. Разгледајте го влијанието на притисокот на јавноста врз медиумските корпорации да не дозволат лажни вести и говор на омраза.

После масовното убиство во Средното училиште „Марџори Стоунмен Даглас“ во Паркленд, Флорида, ученичките активисти ги повикаа своите злоставувачи на Твитер и ги замолчија. Неонацистичките групи се проретчија, а некои крајно десничарски сајтови кои пропагираа говор на омраза против малцинствата беа изгаснати – затоа што илјадници луѓе се кренаа и рекоа: „Доста е!“

Да, изгледа дека светот станува сè поагресивен, но тоа не е само затоа што ние сме суштински агресивни. Тоа е затоа што не истапуваме едногласно за да ја извршиме тешката општествена работа која ја бара современиот свет. Тоа значи да се кренеме против силеџиството, злоставувањето и агресивното малтретирање и да поттикнуваме просоцијални ставови и акции. Лично и на социјалните мрежи, мораме да го правиме и едното и другото.

Агустин Фуентес, истражувач и стипендист на National Geographic, професор по антропологија во Центарот Едмунд П. Џојс на Универзитетот Нотр Дам. Автор е на бројни книги, меѓу кои се „Расата, моногамијата и другите лаги што ви ги кажувале: Рушење на митовите за човечката природа“ и „Креативна искра: Како фантазијата ги направила луѓето исклучителни“.

Извор: National Geographic

Слични содржини

Општество / Јавни простори / Технологија
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото