Вести, лажни вести и политиките на пост-вистината

08.02.2017 15:40
Вести, лажни вести и политиките на пост-вистината

Темата на лажните вести и концептот „пост-вистина“ се актуелизираа во текот на политичките турбуленции и превирања во последните неколку години, а станаа особено жешка тема во контекст на случувањата од глобално значење, какви што беа „Brexit“ и американските претседателски избори во 2016 година.

Пост-вистината како концепт отсекогаш била предмет на политички и филозофски интерес. Да наброиме неколку: „Транспарентната нечесност“ е кованица која ја споменува Ерик Алтерман (Eric Alterman), економистот и социолог Емил Ледерер пишува во есеј од 1937 за „одговорноста на оние на кои барањето на вистината им е вокација“ (Emil Lederer). Речиси осум децении подоцна оваа порака не изгубила од својата важност. Макс Вертхајмер објавува есеј „За вистината“ во 1934 година со следната порака: „Вистината и лажноста не се нешто чисто интелектуално и одвоено од чувствата и ставовите. Низ многу примери најважното нешто не е самата изјава, туку целиот став, човековиот однос кон себеси. Во целосноста на однесувањето на човекот, а не неговите изјави, се кријат вистинитоста или лажноста, и секако многу повеќе во тоа што прави човекот, во неговите вистински реакции кон другите луѓе и предмети“ (Max Wertheimer, “On Truth”, 1934).

Дали пост-вистината е нешто ново и поинакво? Дали релевантноста на овој термин денес сигнализира тектонска промена, некаков растечки тренд, исклучок од правилата или рециклирање на она што историјата и порано го посведочила?

Во сегашната ера на информации проблемите и искривоколчувањата во информирањето се покажуваат како клучни теми од јавен интерес поради своето влијание врз тоа како се креираат претставите за реалноста и какви одлуки се носат како резултат на така оформените сфаќања.

Во неодамнешна студија на универзитетот Стенфорд од САД беше утврдено дека студентите кои учествувале во истражувањето имале проблеми со разликувањето на лажни содржини, рекламни содржини објавени во форма на новинарски текстови и вистинити вести. Многумина проценувале за кредибилноста на информациите врз основа на тоа колку детали содржеле написите или дали имало голема фотографија во објавата, наместо да обрнат внимание на изворот на информациите. Заклучоците од оваа студија и конфузијата околу правилното разбирање и употреба на информациите, се потврдуваат во општествената реалност на многу земји и култури, не само во САД.

Да се осврнеме малку на моментната состојба со информативните медиуми: релативно помал број објавувачи се натпреваруваат во собирање и објавување информации до голем број читатели, гледачи и корисници. Во текот на тој процес тие се проголтани од поголемиот медиумски бизнис кој е составен од стотици илјадници, милиони, речиси идентични, медиуми за пласирање на информациите. Овие медиуми меѓусебно се натпреваруваат за вниманието на публиката при што главната функција не е ширење на информациите, туку оформување на идентитети. Со цел тоа да биде поефикасно и поуспешно, медиумите се трудат да креираат и одржуваат публика која е површна, игнорантна и изолирана од мислења различни од нејзиното. Медиумите нè лажат, нè манипулираат и ја користат својата привилегирана позиција на авторитет да нè наведат во верување во лажна реалност, т.е. во пропагандата. Ова се покажува како клучен проблем со информациско-комуникациската технологија која требаше да нè поврзе, а всушност нè изолираше во т.н. „ехо-комори“ и нè оддалечи едни од други.

Во комуниколошката терминологија, „ехо-комора“ е состојба во која информациите или идеите циркулираат во затворен систем во кој поинаквите идеи се цензурирани или се отфрлени. Со тоа се постигнува ефект на повторување и засилување на гласовите, ставовите и идеите кои циркулираат во таквиот систем. Со други зборови, „ехо-комори“ се термин за онлајн медиуми како виртуелен комуникациски простор каде информациите и верувањата се засилуваат со репетитивно пренесување во рамки на затворен виртуелен комуникациски систем. Овој поим ни појаснува како опстојуваат онлајн групи, особено на Фејсбук, кои веруваат во информации кои се прилично бесмислени за останатите.

Премин кон политика во која чувствата ги газат фактите

Ако се навратиме на поимот „пост-вистина“, тој во 2016 беше прогласен за збор на годината од составувачите на Оксфордскиот речник, а се дефинира како термин и придавка која означува состојба кога објективните факти се помалку важни и влијателни во оформувањето на јавното мислење отколку пораките кои целат на емотивноста и чувствата на публиката. Пост-вистина тесно се поврзува и со синтагмата „политики на пост-вистината“.

Според Оксфордскиот речник, терминот за прв пат бил употребен во 1992 година, а интересно е што многумина го поврзуваат и со блогерот Дејвид Робертс кој го (ре)актуелизирал во негов блог-пост од 2010 година. Како и да е, употребата на овој термин се зголемила за 2,000% во 2016 споредено со претходната година. Според составувачите на Оксфордскиот речник:

Поради растечкото значење на социјалните медиуми како извор на вести и зголемената недоверба во информациите понудени од владејачките елити, терминот „пост-вистина“ го пронаоѓа своето место во јазикот и комуникацијата веќе подолго време. Забележавме и дека терминот зачестено се користи во јуни 2016 година во текот на референдумот за „Brexit“, и потоа во јули (истата година) кога Доналд Трамп ја обезбеди републиканската номинација за претседателски кандидат на САД. Како што употребата на терминот не забавува, нема да се изненадиме ако пост-вистина стане еден од зборовите кои ќе го обележат нашето време.“

Може да се каже дека во САД и во други места се случува премин кон политика во која чувствата ги газат фактите далеку полесно и со помал отпор отколку што тоа било случај порано.“

„Господинот Трамп се чини дека воопшто не води грижа дали неговите изјави имаат каква било врска со реалноста сè додека тие успеваат да ги подгреат емоциите на гласачите. PolitiFact, веб страница за проверка на факти, има рангирано со највисока оценка за лажност голем број од неговите изјави, далеку побројни во споредба со кој било друг кандидат, како на пример таа дека „криминалот во градските средини достигнува рекордно високо ниво“, (Economist, 2016).

Политиките на пост-вистина се шират во многу делови од светот. Во Европа најдобар пример е полската ултра-националистичката владејачка партија, Закон и Правда (PiS). Покрај други бројни чудни приказни, тие шират и теории на заговори како пост-комунистичките лидери заговараат „заедничко владеење на земјата под комунистички режим“. Во Турција протестите во Гези паркот во 2013 година и обидот за пуч во 2016 предизвикаа секакви теории на заговор, од кои некои директно се креирани од функционери на власта. Во Македонија скандалот со прислушувањето од 2015 сè уште им се припишува на „странски служби“ и странски тајни агенти. Тука, секако, треба да се спомене и Русија, земја која покрај Северна Кореја, веројатно најмногу има напреднато во процесот на користење политики на пост-вистина, како во внатрешната, така и во надворешната политика. Украинската криза изобилуваше со голем број примери каде државно контролираните медиуми прикажуваа лажни интервјуа со сведоци на наводни злосторства, како на пример прилози за дете кое било според нив распнато од украинските трупи. Владимир Путин не се двоумеше пред камерите да повторува дека во Украина нема руски војници, иако доказите за спротивното беа многубројни.

Петар Померанцев, новинар чии мемоари за Путин се насловени како „Ништо не е вистинито, сè е можно“, во својата книга цитира политички консултант на претседателот кој вели:

„Во советско време ако лажеа за нешто, тие ќе се погрижеа да докажат дека тоа што го прават е вистина. Сега, пак, никој не се ни обидува да ја докажува „вистината“. Можеш да кажеш што било. Сам си креираш реалности.“

Даниел Кенеман (Daniel Kahneman), психолог, добитник на Нобелова награда и автор на хит-книгата „Мислење, брзо и бавно“, зборува за процес на т.н. „когнитивно олеснување“:

„Луѓето инстинктивно ги прифаќаат информациите на кои се изложени и мораат да се потрудат и ангажираат дополнително да одолеат во верување на фабрикуваните приказни. Тие имаат тенденција да веруваат во информации кои се блиски до нивните сфаќања и селективно да бираат податоци кои ги поддржуваат нивните погледи на светот. Во некои случаи соочувањето на ваквите луѓе со фактите има обратен ефект, односно ги засилува нивните уверувања во сопствените сфаќања.“

На прашањето како воопшто се оформуваат сфаќањата за тоа што е вистина, треба да се напомене дека тие пред сè произлегуваат од институциите во кои постои одреден консензус што е вистина и како таа се проверува и оформува, а некои од нив се: образовните институции, науката, правно-судскиот систем и медиумите. Тие се дел од своевидна инфраструктура за создавање на сфаќањето што е вистинито. Тие никогаш не се совршени, но се референтен систем и инструменти за одредување на вистинитоста. За жал поради континуирана злоупотреба на оние кои ги имаат привилегиите да ги водат овие институции, се стигнува до состојба каде она што постапно и макотрпно се гради, бргу се уништува. Новиот свет на политиките на пост-вистината е овозможен преку две закани за јавната сфера: првин, губење на довербата во институциите кои ја подржуваат гореопишаната инфраструктура, и второ, длабински промени на тоа како знаењето за светот стига до јавноста. Губењето на довербата во институциите има многу корени. Во некои области од живеењето, стручњаците се длабоко поделени и се на драстично различни позиции кои ја збунуваат или поларизираат јавноста. Властите, пак, прават многу, често драматични и спектакуларни грешки, како на пример инвазијата на Ирак, аномалиите на светскиот финансиски систем и многу други настани од глобално значење. Во некои средини довербата во институциите е систематски и континуирано поткопувана. Особено важен фактор за политиките на пост-вистината се интернетот и услугите кои тој ги овозможува. Речиси 2/3 од возрасните жители на САД ги примаат вестите преку социјалните медиуми, според скорешно истражување на Pew Research Centre.

На пример, на Facebook, Reddit, Twitter или WhatsApp, секој може да биде објавувач на содржини. Содржините повеќе не се објавуваат во фиксни формати и утврдени термини, како што се написи во весници кои овозможуваат одредена предвидливост и очекувања. Сега содржините се далеку понепредвидливи, можат да добијат различни форми, видео, табела, анимација и да бидат објавени во кое било време. Една идеја, или „меме“ може да се шири и репродуцира соголено од каков било контекст, како ДНК во експериментална епрувета. Податоците за раширеноста на некое меме стануваат многу поважни од тоа дали истото е базирано на факти.

Ехо-коморите на интернетот го потхрануваат нашиот апетит за лаги

Механизмите на функционирање на новите медиуми допрват стануваат појасни за разбирање. Еден од клучните процеси е т.н. „хомофилно сортирање“, односно креирање на групи или кластери на поединци кои слично размислуваат. Подемот на сателитските и кабелските тв-канали во 80-тите и 90-тите години од минатиот век овозможија креирање вести до специфични целни групи и подгрупи. Интернетот тоа сега го прави многу полесно. Јохаи Бенклер (Yochai Benkler) од универзитетот Харвард во својата книга „Богатството на мрежите“ (2006) наведува дека поединците со споделени интереси многу почесто се пронаоѓаат меѓусебно онлајн и се групираат околу одреден извор на информации, отколку што е тоа случај во комуникацијата надвор од интернетот. Социјалните мрежи им овозможуваат на членовите на ваквите групи да ги зацврстат своите мислења и сфаќања, како и да преземаат групни активности. Системскиот детерминизам на интернетот кон овие процеси ги вклучува персонализираните резултати од пребарувањата на Google. Ели Паризер (Eli Pariser) ова го нарекува „filter bubble“ (филтер-балон), односно систем во кој поради филтрираните и персонализираните резултати на пребарувањето на Google корисниците се оневозможени да се соочат со спротивставени погледи и ставови. Иако сопственикот на Фејсбук, Марк Цукерберг, инсистира дека социјалните медиуми не ги заробуваат своите корисници во нивните лични светови, сепак алгоритмите на социјалните мрежи се дизјанирани да ги полнат фидовите на своите корисници со содржини кои се слични на оние кои тие претходно ги „лајкале“.

Некои вообичаено маргинални верувања, засилени на ваков начин во онлајн заедниците, можат да се прошират и опстојат, иако се смета дека се јавно „раскринкани“. Само споредете ги теориите на заговор дека властите ги запрашуваат урбаните средини со т.н. „кемтрејлс“ (chemtrails, бели траги од штетни хемикалии исфрлени од летало). Ваквиот начин на размислување е многу близок за Доналд Трамп. Пред неколку години Трамп беше прилично ангажиран во докажување на теоријата дека Барак Обама не е роден во САД.

Сепак, ако алгоритмите на Фејсбук и останатите социјални мрежи ефикасно ги филтрираат содржините во однос на тоа дали ни се допаѓаат или не, тие се во исто време и лоши филтери во одредувањето што е вистинито. Ако Фејсбук не внимава на тоа кои вести се вистинити, тогаш и пазарот на информации исто така не го прави тоа. Онлајн публикациите како „National Report“, „Huzlers“ и „World News Daily Report“ пронашле профитабилен начин да ги циркулираат своите вести кон одредени целни групи и кои содржат лажни вести базирани на гласини, со цел тие да станат вирални и да агрегираат голем број кликови. Вестите со нови сведоштва за чудата на Исус, познат бренд на леден чај кој бил позитивен на тест на урина, транс-родова жена која фотографирала малолетно дете во бања, сè тоа поминува како интересно и популарно во овој паралелен свет на информациите.

Ехо-коморите на интернетот го потхрануваат нашиот апетит за лаги кои ни угодуваат и ги зацврстуваат лажните уверувања. Ова станува клучен предизвик на 21-от век (The Guardian, 2016).

Интернетот ни отвори свет кој навистина беше револуционерен, но сега кога сите сме онлајн, а перцепцијата за интернетот како прогресивен технолошки новитет полека бледнее, интернетот постапно ја гуши својата револуционерност и прогресивност. Сега доминантно комуницираме само со оние кои се согласуваат со нас. Ако ги користите Фејсбук и Твитер како примарни извори на вести, како што тоа го прават многумина, можете со внимателно менаџирање на својот „news feed“, или „timeline“, да исклучите секого со кој не се согласувате (во Македонија ова е познато и како „Правило Ванковска“).

Комплетната стратегија за успех во што било, без разлика дали се работи за победа на избори, продажба на некој производ или привлекување на посетители на вашата веб-страница, денес се врти околу тоа како што погласно да го привлечете вниманието на оние кои се на ваша страна и отсликување на оние кои се против вас во најлоша можна форма, во нивно демонизирање и дехуманизирање.

Интернетот како дигитална комуникациска платформа израсна лошо затоа што дозволивме да расте хаотично и без доволна грижа, односно без заштита од загадување на неговата инфосфера. Скоро инстантното ширење на дигиталните информации значи дека некои штети од дезинформирањето се многу тешки за поправање, особено кога со тоа се поткопани довербата и верувањето на јавноста и корисниците. Индустријата за висока технологија мора да направи поголеми напори да ги реализира своите можности во поддршката и одржливоста на јавните добра. Потребна ни е етичка инфосфера да се спаси и светот и ние самите од себе си, а за обновувањето на инфосферата потребни се огромни напори. Мора да ја воозбновиме довербата преку кредибилност, транспарентност и одговорност, како и преку висок степен на трпение, координација и одлучност.

Конечно, стратегијата на „пост-вистинитост“ функционира затоа што им дозволува на луѓето да го прескокнат критичкото размислување додека ги засилуваат своите емоции и афекти за светот со помош на видео материјали и звучни парчиња кои само делуваат вистинито. Алтернативно решение за ова е да им се одземе моќта на корисниците и да се возобноват „чуварите на портите“ (gatekeepers) од претходната медиумска ера, но дали тоа е вистинското решение сега? Во меѓувреме, медиумите и социјалните мрежи ќе ги држат своите корисници во состојба на игнорантност и изолирани од различни мислења. Тие нè лажат, нè манипулираат и ја злоупотребуваат својата позиција на авторитет да нè наведат да веруваме во лажната реалност, односно во пропагандата. Ова е клучниот проблем со технологијата која требаше да нè зближи, а всушност нè изолираше во ехо-комори и нè раздели едни од други. Добивањето информации само од своите пријатели е комуникациска аномалија, треба да ги познаваш своите непријатели и да сфатиш дека тие, најчесто, не се многу различни од тебе.

ПС: И како што привршуваше пишувањето на овој блог пост, дознававме за нови случувања на оваа тема, како на пример за текот на првата прес-конференција на тимот за односи со јавноста на Доналд Трамп кога беше срочен нов, ала-Орвел, еуфемизам: шефицата на изборниот штаб на Трамп, Келиен Конвеј, се обиде да прикрие лаги од кампањата тврдејќи дека не се работи за лаги, туку за „алтернативни факти“. Реакцијата на овој обид за еуфемизација на лагите на властите беше брилијантно дочекана од твитерџиите кои преку хаштагот #AlternativeFacts ја држеа ова тема како најпопуларна на Твитер во текот на целиот ден на прес-конференцијата:

@Kris_Sacrebleu: „Партијата ти кажа да ги отфрлиш сите докази пред твоите очи и уши. Тоа беше нивната последна и најсуштинска заповед (Орвел)“.

@OhmShukla: „Пробав да напишам алтернативни факти на мојата даночна пријава и сега лежам 15 години до доживотно затвор“.

Извор: komunikacii.net

ОкоБоли главаВицФото