Новите икони на Фејсбук: пожелни финеси или само рудиментарни реакции

13.04.2016 11:07
Новите икони на Фејсбук: пожелни финеси или само рудиментарни реакции

Лајкувањето на Фејбук отиде чекор понапред. Гигантската социјална мрежа воведе пет нови анимирани емоџи како проширени реакции на лајкот, што на корисниците им овозможува да изразат поголем распон емоции на објавите на постовите од своите пријатели кои ги гледаат во новостите. Класичната икона за лајк со палецот нагоре, која е есенцијален симбол на идентитетот на Фејсбук, е задржана како прва, а надополнета е со нови пет икони: love (супер), haha, wow (опа), sad (тага) и angry (грр).

Иконата дислајк

Корисниците на Фејсбук веќе подолго бараат да се воведе икона дислајк, што пак би можело да резултира и со сајбер-насилништво или изразување омраза, заради тоа Фејсбук по глобалното истражување се одважи во решавањето на тоа барање на „покомплексен“ начин. Ангажирале социолози и други експерти кои една година спроведувале прашалници и ги анализирале коментарите на корисниците за да дознаат кои видови реакции луѓето најчесто ги употребуваат, а потоа ги тестирале во Ирска и Шпанија како земји од англиско и не-англиско говорно подрачје.

Иконата angry (грр) најмногу се приближува до она што корисниците всушност го барале, иконата дислајк, а многумина веруваат дека визуелно функционира подобро од она што го барале.

Новите емоџи, односно графикони-реакции проследени со текстуални значења предизвикаа реакции меѓу лингвистите. На пуристите им пречеше што зборовите love, sad, angry, wow и haha немаат ништо заедничко. „Тие зборови им припаѓаат на различни категории“, вели Џеф Пулум, лингвист од Универзитетот во Единбург и соработник на блогот Language Log. „Ова изгледа како синтаксата да ја фрлиле низ прозорец и ја замениле со нешто што наликува на гласање на животни.“ Зборовите за реакција имаат различна синтаксичка употреба. Love може да биде именка или глагол, sad и аngry се придавки, а wow е извик со кој се изразува чудење. Пулум исто така смета дека и haha е извик со кој се изразува потсмев, додека Сузан Херинг, лингвистка од Универзитетот во Индијана која го проучува јазикот на социјалните медиуми, го гледа како звук кој не му припаѓа на говорот.

Пулум и Херинг се сложуваат дека синтаксата на новите реакции на Фејсбук нема никаква смисла. Кога треба да реагирате на нечиј статус на Фејсбук со еден од тие зборови, вашиот мозок стои пред мошне сложена задача: да се доврши имплицираната реченица, односно да се искаже неискажаното. Проблемот е во тоа што тие зборови не се ист вид зборови па бараат поинакви прироци. Кај иконата love исчекорот не е толку голем во однос на лајкот. Во хрватскиот, „ми се допаѓа“ е многу потранспарентно од „супер“, каде I love this би требало да биде исто како и „ова ми е супер“. Но, нештата стануваат почудни кај придавките sad и angry, затоа што ако избереме една од нив, не е толку јасно кој или што е тажен или лут.

Недоследноста

Wow и haha можат да стојат посебно и надвор од реченицата, па нема преголемо мудрување. Меѓутоа, каде е тука доследноста?

Пулум вели дека емоџите се всушност исто што и звуците или гестикулациите за директно изразување на внатрешните состојби, меѓутоа кај нив не се повикуваат граматиката и значењето, по што луѓето се разликуваат од животните.

До вакви коментари не би дошло доколку Фејсбук не припиша текстуално значење на секоја од иконите. За разлика од исклучиво графичките емоџи и емотикони, Фејсбук одлучи да ја означи секоја реакција со збор, со што се отстранува нејасноста, а токму тоа ги прави емоџите толку практични. На овој начин нема да се прашувате што изразува лицето со отворена уста, страв или шок. „Но, кога ќе се одлучат за некој текст, се доведуваат во дилема, синтаксички гледано“, вели Херинг.

Многу од негодувањата произлегуваат од фактот дека кликањето икночиња на тој начин ја прави комуникацијата рудиментарна, без оглед што со нив требаше да се постигнат финесите во распон од „лајкувањето“ до „нелајкувањето“. Полесно е импулсивно да се кликне на иконата лајк отколку да се напише коментар, па така, овој начин на комуницирање е начин на испраќање позитивни повратни информации или поврзување со луѓето за кои се грижиш. Истражувањата покажале дека лајкувањето станало повеќе од позитивна реакција на некоја објава. Тоа се разви во испраќањето повратна информација на самата личност. Колку повеќе лајкови ќе добиеш, толку повеќе се чувствуваш сакано. Антрополошките истражувања покажале дека лајкувањето станало толку влијателно што има моќ на подигнување или кршење на нечие его и дека тоа станало екстензија на нечија дигитална посебност. Комуникацијата која се темели на лакувањето го намалува чувството на самотија бидејќи пренесува чувство на емпатија. Но, се наметнува прашањето за површноста на таквата комуникација и фактот дека станува збор за симплификација на нашето комуницирање на не нужно добар начин.

Извор: Globus

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото