Како Фејсбук и Инстаграм нè претвораат во зависници

21.05.2018 01:19
Како Фејсбук и Инстаграм нè претвораат во зависници

Зависноста од паметните телефони не е новина и сите сме свесни дека премногу се потпираме на нив. Телефонот повеќе не е само средство за работа и за комуникација, туку ни станува и главен забавувач, „утешител“...

Сакале да го признаеме тоа или не, без својот паметен телефон се чувствуваме како зависници во криза.

За таквата состојба не е виновен паметниот телефон сам по себе, туку мноштвото апликации, но и по нешто плус... Имено, големите играчи како „Твитер“, „Инстаграм“ и „Фејсбук“ ги користат знаењата од психолозите во креирањето апликации кои ќе го разбудат интересот кај корисникот, но и ќе го натераат постојано да бара нови содржини и искуства.

Тоа го постигнуваат со постојани известувања, новости, нови можности, но и со барања реакции.

Така, на пример, „Инстаграм“ на своите корисници им праќа десетици известувања секојдневно, повикувајќи ги постојано да проверуваат „Stories“ за да бидат во тек со случувањата на другите корисници и да ги поттикнат да продуцираат свои приказни.

Известувањата се лични и ве повикуваат постојано да се навраќате на апликацијата. Тоа е најдобриот начин за привлекување корисници, истакнува за „Бизнис инсајдер“, Ренди Нелсон, аналитичар од компанијата „Сензор Тавер“.

„Stories“, кои се копија на „stories“ на „Снепчет“, се совршен начин за губење време на „Инстаграм“.

За новите генерации, кои светот го доживуваат низ призмата на визуелното, „Инстаграм“ е совршена „дрога“. Мноштво фотографии и видеа, нови филтри со чија помош можете да манипулирате со своите фотографии, но и можност за креативно изразување, привлекуваат милиони корисници.

„Твитер“, пак, користи поинаква тактика – метода на чекање, со што дополнително се обзема вниманието на корисникот. Затоа што кога и да ја вклучи апликацијата, прво што на корисникот му паѓа в очи е синиот екран со птицата на „Твитер“. Тоа нема врска со бавната интернет-врска или со стариот уред, туку е посебно осмислена тактика. Што подолго чека, корисникот повеќе сака да види што се крие зад синиот екран.

За својата „зависничка компонента“, „Фејсбук“ може да му се заблагодари на фактот што корисникот со помош на профилот на „Фејсбук“ може да вложува во други апликации или сервиси.

Покрај тоа, „Фејсбук“ ги користи и емоциите на корисникот, со што би му станал неодминлив дел од животот. Опцијата „Memories“ или „Happened on this day“ ги привлекува корисниците да се потсетат што правеле на тој ден во минатото, како се чувствувале, со кого се дружеле...

„Снепчет“ користи „искра“ за навлекување, односно „ги наградува“ корисниците што секојдневно се допишуваат, т.е. разменуваат фотографии со други корисници. Да се одржи „жарот“, односно континуирано да се разменуваат пораки од ден на ден, станало прашање на престиж меѓу тинејџерите во светот.

По сето ова, дали се чувствувате како зависник или со леснотија би ги избришале своите профили на социјалните мрежи?

 Извор: Business insider

ОкоБоли главаВицФото