Фото книгата „Новата голема петорка“ го истакнува дивиот свет во опасност

05.04.23 10:48

 

Во викторијанската ера ловот на крупен дивеч забележал метеорски пораст во популарноста, што се совпаднало со британската колонизација на бројни региони, во таканаречената „Брканица за Африка“ и со појавата на попрецизното огнено оружје, што ја создаде модата на собирање „егзотични“ трофеи. Понекогаш тие биле донирани во музеи, но примероците често биле наменети за приватни колекции, а суштествата што шетале низ огромниот африкански континент се сметале за особено атрактивни награди.

Познати како „Големата петорка“, лавот, леопардот, црниот носорог, африканскиот савански слон и африканскиот бивол се сметале за најтешки животни за улов.

Денес повеќето од овие животни одново се ранливи и загрозени и мора да бидат заштитени во природните резервати за да се спречи незаконскиот лов кој води до истребување.

Во својата книга „Новата голема петорка“ (The New Big 5) , фотографот Греам Грин наративот го врти наопаку: „Нишаниме  со камера, не со оружје“.

„Новата голема петорка“ е кулминација на тригодишниот проект кој го слави извонредното и фасцинантно мноштво жители со кои кохабитираме на Земјата. Проектот сака да ја подигне свеста за кревкоста на постоењето на тие животни оти нивните живеалишта се сè позагрозени со климатската криза.

Во април 2020 година Грин побарал од луѓето ширум светот да предложат кои животни најмногу уживаат да ги гледаат на фотографии. Повеќе од 3.000 луѓе гласале за своите омилени животни , а листата вклучува и видови кои се наоѓаат во Азија и Северна Америка: слонот, тигарот, горилата, поларната мечка и лавот. Семејниот живот на животинскиот свет има свој посебен фокус, каде што се нагласуваат нежните односи на родителите кои ги подигаат своите бебиња.

Славната Др.Џејн Гудал заклучи: „Сега ги имаме резултатите за Новата голема петорка: слонови, поларни мечки, горили, тигри, и лавови - тие се толку прекрасни и исклучителни видови, чудесни амбасадори на дивиот свет на планетава: од иконични видови, до малку познати жаби, гуштери, риби и птици. Толку многу од нив се соочуваат со закана за опстанок, со проблеми како ловокрадство, губење на живеалиштата и со климатските промени. Милион видови се соочени со ризик да бидат сосема истребени. Но доколку работиме заедно можеме да му застанеме на пат на ова сценарио. Секогаш има надеж. Промената е единствено можна ако сите го одработиме својот дел од задачата.“

Со повеќе од милион видови во опасност од исчезнување ширум светот Грин сака проектот „да го фокусира вниманието на неверојатниот див свет, голем и мал, и кон итната потреба да дејствуваме заедно на глобално ниво за да ги спасиме овие животни, нашата планета, но да се спасиме и самите себе“. 

Книгата обединува повеќе од 200 фотографии на 146 фотографи од целиот свет, и содржи бројни интервјуа и текстови на некои од најистакнатите конзерватори, научници и активисти кои активно работат денес.

Слични содржини

Фотографија / Екологија / Уметност / Око
Фотографија / Психологија / Око
Јавни простори / Фотографија / Уметност / Око
Фотографија / Уметност / Око
Фотографија / Екологија / Око
Фотографија / Наука / Око
Мода / Екологија / Око
Фотографија / Екологија / Око

ОкоБоли главаВицФото