Квечерина (поглавје 38 од „Моби Дик или Китот“)

06.09.2023 15:31
Квечерина (поглавје 38 од „Моби Дик или Китот“)

 

КВЕЧЕРИНА

Крај главни јарбол, Старбак потпрен на него.

 

Душава ми е покорена, натсилена во нерамен бој, и тоа од лудак! Несноснa ли болка кога разум мора на ваков мегдан да положи оружје! Длабоко зари сабја-потајница, а со својот размав сиот разум ми го разби! Мислам дека му ја наѕирам безбожната цел, но нешто ме држи да му помагам да ја стигне. Сакал-нејќел, неизречива сила ме врзала за него, ме влече на јаже што мојава кама не го сече. Страшен старец! „Кој е над мене“, вели! Да, со сите горни сака да биде демократ на рамна нога, а види каков самодржец е тука долу! О, колку ми е јасно кај сум ставен: да му се покорувам, бунтовно; а полошо уште: да го мразам, но пак малку жалостиво! Зашто в очи му гледам јаросна тага што би ме исчемрела да е моја. Но, има надеж. Време и приливи ширно течат и лечат. Китот-колнатик плива во топчестиов воден свет, а златната рипка во стаклена топка. Бог може да му го расколи небу противниот наум. Би си го подолеснил срцево да не ми е од туч. Но часовникот мене ми е одвиен, а срцето ми е тегот за навивање, немам чекрек пак да си го кренам.

(Од кастелот грмнува урнебес.)

О, Боже! Кај пловам со вакви пагански морнари што ко да не се од мајка родени! Искотени од некој морскопесји бес. Белиот кит е нивен демогоргон. Чуј! Чуј ги адските оргии! Џевата е напред! Слушни колку суверено на задница владее штама! Животот, би рекол, вака се слика. Најнапред веселата вревита ведра предница го растерува цвителното море, но зад себе го влече мрачниот Ахав замислен во крмената одаја, надвиснат ко на чардак врз мртвата водена бразда што уште и го гони со волчи рев. Долгиот виеж сиот ме ѕемне! Мир! Мир бекрии таму и ставете стражи! О, животе! Во токму ваков час, со душа претепана и нагнетена в сознание – ко дивите и ненаучени створови кога сосила ги хранат – о, животе, ваков сега вистина ти го сетувам потајниот ужас! Но, не јас! Го немам во себе тој ужас! И со благо чувство на човештина во себе пак ќе пробам да ви се бијам, мрачни призрачни иднини! Послух, држете ме, затегнете ме, о, благословени влијанија!

 

Стрип кадри: Bill Everett - Hydroman (1940)

 

 

Превод: Огнен Чемерски

 

Извор за текстот: Моби Дик или Китот (Полица, 2018)