1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Извештајот Глобал Стоктејк (Глобален преглед на состојбата), кој кон средината на септември го објавија Обединетите нации, го потврдува она што веќе го насетувавме: многу земји не прават доволно за да ги ублажат климатските промени.
„Глобалниот преглед на состојбата е вежбање на амбициите. Тоа е вежбање на одговорноста. Тоа е вежбање на забрзувањето“, рече Сајмон Стил, извршен секретар на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатските промени.
„Тоа е вежбање со цел секоја страна да се држи до својот дел од договорот, да знае каде треба да се движи и колку брзо треба да се движи за да ги исполни целите од Парискиот договор“.
Земјите потписнички на Парискиот договор, речиси сите членки на ОН, се обврзаа дека ќе настојуваат да го запрат порастот на средната глобална температура значително под 2 степени целзиусови до крајот на векот, а идеално на 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период (1850-1900).
Каде бевме пред Париз, каде сме сега и каде се движиме?
Се проценува дека светот денес е за околу 1,1 до 1,2 степени потопол отколку што бил пред да земе замав согорувањето на валканите енергенси.
Од Парискиот договор од 2015 година нештата се придвижија речиси секаде и се бележи одреден напредок, но „сега на сите фронтови е неопходно многу повеќе“, пишува во Глобалниот преглед на состојбата.
Изминатиов период, можеби повеќе од кога било, човештвтото на своја кожа ја почувствува итноста од зауздувањето на климатската криза: зад нас е најтоплото лето во историјата на мерењата, а јули и август, глобално гледано - се двата најтопли месеци досега. И не само тоа, сите три летни месеци (вклучувајќи го и јуни) беа за околу 1,5 степени потопли во споредба со втората половина на 19 век.
Меѓутоа, тоа не значи дека границата од Парискиот договор веќе е пречекорена - неговото исполнување или неуспехот се проценуваат врз основа на повеќегодишен температурен просек. Но, привременото пречекорување на оваа граница и тоа како треба да нè алармира и да нè поттикне да дејствуваме.
Невообичаените жештини продолжија и во септември, и оваа година се заканува од тронот најтопли години да ја симне досегашната рекордерка - 2016-та.
Јасно е дека актуелната состојба на Земјата е далеку од идеална и дека веќе плаќаме висока цена за налудничавата експлоатација на фосилните горива, но прогнозите кои му претходеа на усвојувањето на Парискиот договор беа многу подраматични - се очекуваше средната глобална температура да порасне за 4 степени во следните децении, што би можело да има катастрофални последици за животот што го знаеме.
Токму Парискиот договор резултираше со значително намалување на очекуваното идно загревање. Но, како што нагласуваат експертите од ОН, „светот не е на добар пат да ги оствари долгорочните цели од овој документ“.
На минатогодишната, 27-ма по ред, Конференција на ОН за климатските промени (ЦОП27) беа изнесени ветувања кои би можеле да го ограничат глобалниот пораст на средната температура помеѓу 2,4 и 2,6 степени до 2100-та година.
Ако се земе предвид и реализацијата на долгорочните тенденции кон нулта нето емисии, „резултатот“ е уште подобар: можно е глобалното затоплување да достигне помеѓу 1,7 и 2,1 степен, наведуваат авторите на извештајот.
Сепак, не треба да се биде врвен математичар за да се забележи дека сите моментално остварливи бројки го надминуваат критичниот праг од 1,5 степени.
Клучно е јакнењето на амбициите, политиките и целите
Она што може да ја унапреди ситуацијата се посилни политики и поамбициозни Национално утврдени придонеси (НДЦ), односно цели за намалување на штетните емисии кои на секои пет години се доставуваат до Рамковната конвенција на ОН за климатските промени (УНФЦЦЦ). Последниот рок беше 2020 година, потоа следуваат нови во 2025, 2030 итн.
Актуелните Национално утврдени придонеси овозможија поголемо ублажување на порастот на температурата во споредба со Целните национално утврдени придонеси (ИНДЦ) - меѓутоа, како што пишува во извештајот, дури и покрај тоа светот не се движи кон запирање на затоплувањето на 1,5 или 2 степени целзиусови.
Пораката зад сите изнесени податоци е јасна: нациите остварија извесен напредок, но засега тој е недоволен за исполнување на целите од Парискиот договор. Од нив се бара да ги зајакнат своите цели во Национално утврдените придонеси до крајот на деценијата.
„Глобалниот преглед на состојбата ќе биде уште еден во низата извештаи, доколку владите и оние кои ги претставуваат не можат да го погледнат и целосно да разберат што значи тој за нив и што можат и мораат да направат следно“, изјави Сајмон Стил.
Можеби најважните податоци кои треба да ги знаат нациите се пресметките дека глобалните емисии треба да достигнат кулминација што побрзо, а најдоцна до 2025 година, за да можеме да ја одржиме во живот можноста за зауздување на порастот на температурата на 1,5 степени. Според извештајот, некои развиени земји и земји во разој веќе се стигнати до таа точка, но на глобално ниво приказната е поинаква.
По кулминацијата следува пад: намалувањето од 1,5 степени значи дека човештвото треба да испушта драматично помалку гасови со ефект на стаклена градина: 43 проценти помалку до 2030 година, односно 84 проценти помалку во 2050 година, споредено со 2019 година. Јаглеродна неутралност би требало да оствариме кон средината на векот на глобално ниво, додека и останатите гасови кои ја загреваат атмосферата треба да паднат на нула на почетокот од седумдесеттите години на овој век.
Неизоставни елементи на овој процес се климатската правда, но и адаптацијата на веќе променетите климатски услови.
Најпосле, значајно е да се потсетиме зошто воопшто се занимаваме со енергетската транзиција: секое делче од степенот поблиско до загревање од 1,5 степени донесува нови опасности и непредвидлив живот на планетата. А за да го избегнеме тоа треба да дејствуваме - сега.
Парискиот договор од 2015 година го потпишаа речиси 200 држави во светот.
Оттогаш околностите се менуваат кон подобро - само во последниве две години сведочевме на донесување на Зелениот договор во Европската унија и американскиот Закон за намалување на инфлацијата, со кој стотици милијарди долари се наменети за чисти технологии. Во меѓувреме, во Кина обновливите извори доживуваат процвет.
Денес, осум години подоцна, сепак ни е потребно нешто повеќе од тоа. Трансформацијата се забрзува, а дали благодарение на тоа навреме ќе стигнеме до целта - нулта нето иднина - останува да видиме.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Alexis Hilliard
Извор: https://klima101.rs/