1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Навикнати сме на печурки во исхраната - од нив правиме пити и рижото, ги похуваме, ги додаваме во сосови за тестенини...
Но печуркастите организми под земјата кријат еден посебен адут кој би можел да го направи производството на бројни добра, неопходни за модерниот човек - позелено.
Станува збор за мицелиумот.
Оваа разгранета мрежа на меѓусебно испреплетени влакна кои личат на пајажинест корeн, која под нашите нозе ја формираат печурките, ни помага во борбата против климатските промени складирајќи јаглерод диоксид. Згора на тоа, исто така би можела да биде клучен градежен елемент на биопластиката, па дури и на вашите ламби, столици или патики.
Зрно по зрно - погача, мицелиум по мицелиум - маса
Освен во тавите и тенџерињата, печурките не се гости на чие доаѓање би се радувале - вообичаено се појавуваат без да ги повикаме и контролираме во вид на мувла, тенок зеленкасто-црн слој на лимонот кој предолго сме го чувале без да го искористиме или пак се појавува на ѕидовите заради влага.
Но ова царство не мора нужно да има лоша репутација во нашите домови, и тоа благодарение на дизајнерите кои од мицелиумот „одгледуваат“ мебел. Во тој случај не само што не би се лутеле ако печурките ви дојдат во домот, туку би ги внеле своеволно.
Цврстите бели столици и преубавите маси со бела површина делуваат како секое друго парче мебел, направен од дрво или дури од мермер. Сепак, тие се далеку од обичните, целосно се изработени од значително поедноставни и потенцијално помеки состојки отоколку што мислите: мицелиум, земјоделски отпад и микроорганизми.
Зад оваа линија стојат компаниите Ековатив и Биомасон, а сè почнало од една навидум едноставна идеја: дека мицелиумските жили можат да изградат пенeст материјал како оној што се користи за заштита на електрониката во кутиите. Со малку топлина и притисок, мицелиумот се зацврстува до таа мера што може да ја издржи и тежината на човекот.
Но потенцијалот во користењето на печурките во индустријата за мебел не застанува на масите и столиците: интердисциплинарен тим студенти од Универзитетот Монаш од Австралија одгледувал мицелиум во лабораторија на температури од 20 до 25 степени целзиусови. На печурките им обезбедиле хранливи материи од органски остатоци како што се лушпи од ориз, јаглен, кафеав талог и отпаден текстил.
Добиените влакна од мицелиум ги ставале во калапи и потоа ги печеле на 90 степени целзиусови за да го запрат понатамошниот раст. Резултатите од нивната работа се иновативно осветлување и ѕидни плочки.
Мебелот и декорациите од мицелиум не се помалку естетски убави или издржливи во однос на оние кои веќе ги имате. А нивната дополнителна корисност се разоткрива на крајот од животниот век: за разлика од парчињата со низок квалитет кои не можат да се рециклираат и со години се трупаат на депониите, производите од мицелиум се биоразградливи.
Луксузна имитација на кожа од вертикална фарма со печурки која користи 100 проценти обновлива струја
Во април 2021 година, познатиот бренд Адидас на пазарот го лансираше својот популарен модел патики Стен Смит - но произведен од имитација на кожа на база на мицелиум.
Според сопствените наоди, користејќи природни материјали, Адидас сака да развива производи кои на крајот можат да се вратат во природата, оддалечувајќи се од употребата на ограничените ресурси засновани на фосилните горива кои ја исцрпуваат планетата.
Стен Смит Мајло ги направија во соработка со произведувачот на необичниот материјал Мајло кој претставува одржлива алтернатива за кожата. Како што се наведува, Мајло истовремено пружа вонвременска естетика и луксузно чувство на вистинска кожа без негативно влијание на одгледувањето стока.
Кравите растат и со години се хранат за на крајот, заради кожните јакни или чевли, да завршат во кланици. Од друга страна, мицелиумот е подготвен за прозиводство на разни додатоци на облеката за помалку од две недели на вертикална фарма која користи 100 проценти обновлива струја.
Според Адидас, за мицелиум во својот асортиман се одлучиле и други модни брендови како што се Stella McCartney, Ganni и Lululemon. Листата вклучува производи кои би очекувале да бидат произведени од кожа како торби и паричници, но и подлоги за јога.
Според пишувањето на организацијата за заштита на животните ПЕТА, придонесот на вистинската кожа во загадувањето на водата и емисиите на гасови кои ја загреваат атмосферата е поголемо од која било веганска, па и ситнетичка кожа.
Домашните истражувачки откриваат: природните инсектициди на база на макропечурки би можеле да заменат некои синтетички инсектициди.
Како што пишуваат истражувачите од Универзитетот во Крагуевац во својата студија објавена во септември минатата година, земјоделските загуби предизвикани од разни болести и активноста на штетниците во развиените земји достигнуваат 30 до 40 проценти, а во земјите во развој дури 60 до 80 проценти.
Синтетичките инсектициди со децении се доминантни во сузбивањето инсекти во земјоделското производство и заштитата на прехранбените производи. Меѓутоа, нивното зачестено и прекумерно користење не доаѓа без негативни последици: така, на пример, доаѓа до загадување и медицински ризици, а одредени целни видови развиваат отпорност на хемикалии. Дополнително, синтетичките инсектициди неповолно влијаат на корисните инсекти меѓу кои се и омилените на многумина - пчелите.
Но, како што истакнуваат стручњаците, некои видови печурки имаат инсектицидни својства. Така пченкарниот бумбар може ефикасно да се сузбива со познатата лисичарка, додека екстрактот од видот Фабиспорус сангвинеус претставува марвицид против комарците кои пренесуваат жолта грозница, кои, покрај домашните комарци, се најзастапен вид.
Мицелиумската пена е подеднакво јака, лесна, флексибилна и евтинка како полистиренската
Микропластиката претставува честици пластика помали од 5 милиметри што ја прави помала и од сусамот. Се создава со разградување пластични предмети. Се проценува дека секој од нас во своето тело внесува околу 250 грама микропластика годишно. Приближно, тоа е полна чинија од еден потенцијално токсичен материјал чие влијание на нашето здравје сè уште не е доволно истражено.
Меѓутоа, многу пластични предмети можат да бидат произведени на поинаков начин и со поинакви суровини. Со оглед на штетноста на пластиката, научниците настојуваат да откријат алтернативи кои би се распаѓале во природата и со самото тоа би биле побезбедни за нас и нашето опкружување. Една од тие алтернативи е и мицелиумот.
Од неговите влакна во комбинација со коноп се добива материјал за пакување кој личи на еден од најкористените типови пластика, полистиренската пена. Неа сте ја гледале, на пример, во пакувањата во кои можеби некогаш сте добиле храна што сте ја нарачале од ресторан. Мицелиумот не само што е лесен - според тежината, можноста за обликување и производството - туку според цената ѝ е конкурентен и на пластиката.
Со исти трошоци, од мицелиумот се произведува алтернатива за полистиренска пена која е јака, хидрофобна и отпорна на пламен. И пред сè - биоразградлива.
Но овој нејзин бенефит во одредени ситуации може да биде недостаток. Заради биоразградливоста, пакувањето од мицелиумска пена може сосема да исчезне во рок од еден месец, што не им одговара на големите компании чии артикли се транспортираат на големи растојанија.
Иако се поставува прашањето: дали навистина е потребно домашните продукти да доаѓаат од другиот крај на светот?
Најпосле, дури и мицелиумската пена да не заживее, постојат и други полиња на кои мицелиумот би можел да ја замени пласитката, на пример, за производство на тенки биопластични филмови, а судејќи според современите истражувања, печурките би можеле да ни ги залечат и раните.
Растечката климатска криза го принудува човештвото да ги напушти фосилните горива. Но тоа со себе не повлекува само развој на чисти извори на енергија. Треба да се развиваат и висококвалитетни, одржливи материјали со низок или нулта карбонски отпечаток. Потенцијалот на печурките да бидат еден од носителите на зелената иднина е голем, а од нас зависи дали ќе ги прифатиме во нашето секојдневие - а не само во кујната.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Alison Pollack
Извор: https://klima101.rs/