Пластиката е поштетна за климата отколку што мислевме

24.06.2022 02:34
Пластиката е поштетна за климата отколку што мислевме

Негативното влијание на пластиката во однос на климата и здравјето на луѓето е поголема отколку што се веруваше досега, открија научниците од престижниот швајцарски универзитет ЕТХ Цирих. Причината е многу поголемата употреба на фосилни горива, пред сè јагленот, во производствениот процес - како суровина за правење пластични артикли и за снабдување на фабриките со енергија.

Последниве години производството на пластика рапидно расте. А најпроблематично е тоа што производствениот процес се одвива во држави со неодржливи енергетски системи.

Третина од пластиката е со потекло од Кина која е водечки светски произведувач. Со оглед на тоа дека нејзината енергетика се заснова на јагленот, фабриките за пластични артикли користат огромни количини „валкана“ топлинска и електрична енергија кои резултираат со висок јаглероден отпечаток и сериозно придонесуваат за глобално затоплување.

Покрај пластиката која е Made in China, голем дел од растечката потрошувачка се подмирува и од други новоиндустријализирани земји како што се Индонезија, Индија и Јужна Африка кои исто така се мошне зависни од јагленот во производството на енергија.

Од камена преку бронзена до пластична доба

Евтина, издржлива, лесна за обликување, корисна... Ова се некои од добрите страни на пластиката кои ѝ овозможија денес да биде присутна на секој чекор - од амбалажа за храна преку облека и играчки до делови за автомобили.

Побарувачката за пластика на светско ниво се зголеми за 4 пати во последниве 40 години. Но тоа што огромна мера се потпираме на пластичните производи не го поништува фактот дека тие сериозно ја пореметуваат нашата планета, особено кога се еднократни.

Пластиката претставува петрохемиски производ кој претежно настанува со преработка на сурова нафта, но и гас и јаглен. Значи, производствениот процес всушност почнува на наоѓалиштата за фосилни горива. Во швајцарската студија, објавена во научното списание Nature Sustainability, истражувачите наведуваат дека глобалниот јаглероден отпечаток на пластиката во периодот од 1995 до 2015 се зголемил двојно и достигнал две милијарди тони еквивалент на јаглерод диоксидот.

Според пресметките на научниот тим од Швајцарија, уделот на произведувањето на овој материјал во вкупните емисии на гасови со ефект на стаклена градина тогаш изнесувал 4,5 проценти, што е повеќе отколку што се веруваше претходно.

Проблемот со претходните проценки се состоеше во тоа што при пресметувањето тој се користеше како просек на енергетскиот микс во светот кој е значително позелен во однос на системите за производство на енергија во државите од кои во моментов потекнува најголемата количина пластични производи.

„Јаглеродниот отпечаток на пластиката содржана во кинескиот транспортен сектор, индонезиската електроника и индиското градежништво е зголемен за повеќе од 50 пати од 1995 година“, предупреди истражувачката Ливија Кабернард. Токму зголемувањето на производството во овие држави е одговорно за поголемиот јаглероден отпечаток на пластиката во споредба со претходните претпоставки.

Авторите на истражувањето ги демантираа и некогашните хипотези дека приближно еднаква количина фосилни горива во пластичната индустрија се користи како суровина за производство на самиот материјал и за добивање енергија - тие утврдиле дека се согоруваат двојно повеќе фосилни горива во производството на пластика отколку што се наоѓа во нејзиниот суровински состав.

Влијанието на пластиката врз здравјето на луѓето

Половина од глобалниот јаглероден отпечаток на пластиката настанува заради емисиите кои доаѓаат од јагленот. Не само што тој начин придонесува за пораст на средната глобална температура и го расипува квалитетот на воздухот, туку го загрозува и нашето здравје.

Заради согорувањето на маслото во воздухот се натрупуваат исклучително ситни штетни честички (ПМ честички) кои можат да предизвикаат астма, бронхитис и кардиоваскуларни заболувања. Бидејќи овој валкан енергенс сè повеќе и повеќе се користи за производство на топлинска и електрична енергија во производството на пластиката, негативните здравствени последици исто така се зголемуваат.

За време на анализираните две децении глобалниот здравствен отпечаток на пластиката се зголемил за 70 проценти, резултирајќи со дури 2,2 милиони животи со нарушено здравје во 2015 година заради загадувањето на воздухот.

Треба да се земе предвид дека енергетиката во земјите-произведувачи, а пред сè Кина, полека се менува кон подобро заради борбата со климатските промени, како и дека најавените проекти за изградба на соларни електрани и ветропаркови би можеле значително да ги намалат штетните емисии во тамошното производство на пластика.

Сепак, можеби е најдобро апсолутно да се ослободиме од пластичните производи зашто нивните лоши својства не може да ги анулира ни одржливата енергија.

Секоја година човештвото генерира 380 милиони тони пластичен отпад кои завршуваат на депониите и во океаните. Со таложењето на исфрлените рибарски мрежи, плутачките предмети и шишињата во Пацификот се формираше Голем килим отпад, дури 18 пати поголем од површината на Србија.

Микроскопски ситни честички пластика, помали од зрно ориз, забележани се и кај пчелите, потоа во пивото и флашираната вода, како и во рибите и готварската сол. Со оглед на тоа дека пластиката во својата најситна форма продрела во нашиот ланец на исхрана, не треба да нè чуди што експертите ја пронашле и во изметот, белите дробови и крвта на луѓето. Пластика е пронајдена и на највисоката и најдлабоката точка во светот, значи дека ова е предизвик кој се простира од 8 440 метри „во висина“ до 10 975 метри „во длабочина“.

Иако нашето секојдневие многу зависи од пластиката, генерациите на нашите баби и дедовци би можеле да ни пружат увид во тоа како изгледале нивните животи без неа, со оглед на тоа дека масовното производство почна дури во седумдесеттите години на 20 век.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Alejandro Duran

Извор: https://klima101.rs/