Кои држави се историски најодговорни за климатските промени?

29.10.2021 03:37
Кои држави се историски најодговорни за климатските промени?

За добро да го разбереме потеклото и развојот на климатските промени, предизвикани од човечките активности, најпрвин би требало да се осврнеме на минатото. Од почетокот на индустриската револуција човештвото во атмосферата испушти околу 2 500 милијарди тони јаглерод диоксид (ГтЦО2).

Порастот на концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата, како резултат на повеќедецениската емисија и акумулацијата на овој гас од втората половина на 19 век до денес, го предизвика сегашниот пораст на средната глобална температура од 1,2 степени целзиусови во однос на прединдустрискиот период.

Карбон Бриф, признатиот англиски сајт специјализиран во областа на науката за климатските промени, неодамна објави анализа со фокус на тоа кои земји најмногу придонесоа за вкупните емисии на јаглерод диоксид од 1850 до 2021 година. Покрај емисијата од индустријата за фосилнми горива, аналитичарите ги пресметаа и емисиите создадени на полето на употребата на земјиштето и шумарството.

Десетте најголеми емитери на јаглерод диоксид во историјата

Историската одговорност за климатските промени е во жариштето на дискусијата за климатската правда, пред сè за да се утврди кои земји би требало први да реагираат и најбрзо да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид во блиска иднина.

Според научните тврдења, со цел задржување на порастот на средната глобална температура под посакуваните 1,5 степени целзиусови, во атмосферата не би требало да испуштиме поголеми количини јаглерод диоксид од оние кои ни ги дозволува таканаречениот јаглероден буџет. Тој сега изнесува помалку од 500 милијарди тони јаглерод диоксид.

На првото место на листата 10 најголеми емитери на јаглерод диоксид во историјата убедливо водат САД со кумулативни емисии од 509 милијарди тони јаглерод диоксид, што одговара на 20 проценти од вкупните светски кумулативни емисии.

Второпласираната Кина има значително помал придонес за глобалното затоплување од САД, емитувајќи околу 284 милијарди тони јаглерод диоксид од 1850 година (удел од околу 11 проценти во вкупните светски кумулативни емисии).

На трето место се наоѓа Русија со кумулативни емисии од околу 172 милијарди тони јаглерод диоксид (околу 7 проценти). Интересно е што кинеските и руските збирни кумулативни емисии на јаглерод диоксид се пониски во однос на американските.

Зад нив следуваат Бразил со околу 112 милијарди тони јаглерод диоксид (околу 5 проценти) и Индонезија со околу 102 милијарди тони јаглерод диоксид (околу 4 проценти). Овие две земји се најдоа меѓу најголемите историски емитери, пред сè, заради јаглерод диоксидот испуштен во секторот за употреба на земјиштето и шумарството, односно големото сечење на шумите.

Кога станува збор за големите историски сили, Германија и Обединетото Кралство, тие се одговорни за кумулативните емисии во вредност од 88 милијарди тони јаглерод диоксид (околу 4 проценти), односно 74 милијарди тони јаглерод диоксид (околу 3 проценти).

Германија и Обединетото Кралство се позиционирани на шестото и осмото место, додека меѓу нив, на седмото, е Индија со кумулативни емисии од околу 68 милијарди тони (околу 3 проценти), односно околу 65 милијарди тони јаглерод диоксид (околу 3 проценти).

Најголем удел во вкупните кумулативни емисии на јаглерод диоксид во светот досега имаа фосилните горива, но не е занемарлива ни улогата на другите човечки активности како што е дефорестацијата.

За две третини од вкупните кумулативни емисии на јаглерод диоксид во светот одговорни се фосилните горива и цементот, додека една третина од околу 768 милијарди тони јаглерод диоксид ѝ се припишува на употребата на земјиштето и шумарството.

Зошто се важни кумулативните емисии на јаглеродниот диоксид?

Земјите потписнички на Парискиот договор се договорија дека ќе го задржат зголемувањето на глобалната температура значително под 2 степени целзиусови во однос на прединдустрискиот период. Со оглед на тоа дека научниците ја препознаа директната, линеарна врска помеѓу вкупната количина јаглерод диоксид, ослободена заради човечките активности, и степенот на загревањена површината на Земјата, јасно е дека до средината на векот би требало драстично да го намалиме емитувањето на јаглерод диоксидот во атмосферата и да достигнеме нето-нулта емисија (net zero) заради спроведување на целите од договорот на дело.

Покрај тоа, утврдено е и дека придонесот на емисиите на јаглерод диоксид за зголемувањето на температурата може да се чувствува со децении, па дури и со векови подоцна од моментот на емитувањето, токму заради константната акумулација на овој гас во атмосферата. Тоа понатаму значи дека моменталното затоплување впрочем е исход на кумулативните емисии на јаглерод диоксид од почетокот на индустриската револуција до денес.

Поврзаноста на кумулативните емисии и затоплувањето се утврдува преку таканаречениот преоден одѕив на климатскиот систем во однос на кумулативната емисија (transient climate response to cumulative emissions, TCRE), кој служи за предвидување колку ќе се зголеми средната глобална температура во однос на емитуваните количини јаглерод диоксид во зацртаниот рок, на пример, до 2100 година. Авторите на последниот извештај на ОПЦЦ проценија дека на секои 1 000 милијарди тони испуштен јаглерод диоксид, температурата ќе се зголеми за 0,45 степени целзиусови.

Со тоа се совпаѓаат и наодите на сајтот Карбон Бриф дека од почетокот на индустриската револуција се ослободени 2 500 милијарди тони јаглерод диоксид што резултираше со зголемување на средната глобална температура за 1,2 степени целзиусови.

Мораме да бидеме штедливи во трошењето на јаглеродниот буџет

Одговорот на прашањето Уште колку јаглерод диоксид смееме да испуштиме за да го задржиме зголемувањето на средната глобална температура на околу 1,5 степени ни го открива поимот јаглероден буџет.

Јаглеродниот буџет претставува поедноставен начин за мерење на емисиите на јаглеродниот диоксид кои се директен и индиректен продукт на човечките активности. Тој ја подразбира вкупната, односно кумулативната количина јаглерод диоксид чие ослободување е дозволено во одреден временски интервал за зголемувањето на температурата да се задржи на посакуваната вредност.

За да го испочитуваме Парискиот договор и да го одржиме температурното зголемување на околу 1,5 степени до крајот на векот, на располагање имаме јаглероден буџет од околу 500 милијарди тони јаглерод диоксид.

Последниве децении овој буџет се троши забрзано, па така дури половина од кумулативните емисии на јаглерод диоксид од 1850 година се ослободени во последниве 40 години.

Ако останат на сила моменталните политики, преостанатиот јаглероден буџет би можеле да го потрошиме за период од 7 до 10 години почнувајќи од 2022 година. Пречекорувањето на јаглеродниот буџет, а со самото тоа и на договореното температурно зголемување, би можело да има катастрофални импликации за нашата планета.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs